top of page
  • Writer's pictureКултура β

Токсичноста на комфортот:„Биди задоволен со себе онаков каков што си!” – А зошто?

Со оглед на прекумерно истоштувачката атмосфера во која го поминуваме секојдневието, честопати се сретнуваме со различни совети за тоа како да се справиме со самите себе. Рака под рака, со овие веќе (не) толку нови предизвици, сме приморани сѐ повеќе и сѐ подолгорочно да се соочуваме со своите желби, амбиции, соништа, стравови...

Она што е загрижувачки е што сметаме дека е оправдано поради екстернални услови некои од нив целосно да ги оставиме на чекање, на пауза или на некои подобри времиња. Па, така де. Во ред е да сме мрзеливи, во ред е да сме нерасположени.

Но, дали смееме да бидеме и задволни со себе? Кој е тој момент кога нашето моментално постоење целосно се вклопува со она коешто го создаваме за себе како идеал? Дали ваквите моменти се или малку невистинити или нарцисоидни? Колку ставот на себеприфаќање е корисен на долг рок?

Едноставно е. Комфортот е статична зона, (индивидуалното) експандирање е крајно динамичен процес. Едното секако го исклучува другото. Ова, не значи да не се прифатиш себеси или пак да не си ги славиш досегашните победи, туку да препознаеш дека тоа е еден најверојатно минимален дел од твојот потенцијал. И да се убедиш себеси дека НЕ СИ и НЕ ТРЕБА да бидеш комфортен со таквиот резултат.

Всушност зошто да бидеш задоволен со самиот себе? Не верувам дека постои еден човек меѓу нас кој може да се согласи дека во моментов сѐ во животот му е совршено. А, ако некој се чусвтвува така несомнено тоа е малку нарцисоидно. Всушност, само во овој момент постојат многу нешта што директно зависат од нив и ние самите (дури можеби брзо и ефикасно) можеме да ги поправиме, а сепак не го правиме тоа од некоја икс причина. И која е тогаш поентата на таквото задоволство кое произлегува од еден статичен, игнорантен однос кон себе и опкружувањето?

Убаво е кога ќе слушнеш од близок дека одлично напредуваш, дека се гордее со тебе или уште поутешително, дека треба да ги прифатиш твоите стравови, дека треба да ги прифатиш твоите неуспеси, дека треба да си прифатиш твоите грешки...и дека е во ред. Во ред е. Меѓутоа само ако се задоволуваш со пасивност и стагнација. Погледнете ги дури и глаголите, пак јазикот сам ќе си каже, “прифати го она”, “биди задоволен со ова”. Каде се тука акцијата и одговорноста?

Затоа секогаш многу повеќе ме радувало кога човек ќе ми каже: ,,Бори се со стравот, научи од неуспехот, обиди се повторно, не ја повторувај грешката!”. Или: ,,Еј слушај, ова беше добро. Ама јас знам дека можеш повеќе.” Чист комплимент.

На крајот на денот доаѓаме до моментот: ,,Доволен си онака како што си!’’ Но, дали сакаш да бидеш доволен или сакаш да се стремиш да бидеш што можеш повеќе? Тврдам дека е време да се откажеме од романтизирањето на тоа да се биде мидиокритет. Доволно е, но не е и пожелно.

325 views

Σχόλια


bottom of page