Егзистенцијализмот како правец нè поттикнува да размислуваме во насока во која не само што во светот нема никаква цел или значење, туку и самиот обид да се најде некакво значење е крајно апсурден.
Целосно рамнодушен кон животот и незаинтересиран ниту за надворешниот, ниту за внатрешниот свет - така го паметам Мерсо или „Странецот“ на Албер Ками! Со длабок недостаток на чувства и емоции, туѓинецот во сопствениот живот е и симбол за апсурдот што го живеат луѓето според кои сè е бессмислено, беззначајно и безвредно.
Зошто мислам дека секој човек на светот треба да биде крајно исплашен од бидувањето странец во сопствениот живот?!
„Сè се одвиваше без моето учество. Ми ја кроеја судбината, а мене не ме прашуваа за мислење“. И кога некој не те прашува за мислење, убаво е да го имаш. Дефинитивно, треба да се размислува за сè. Да бидеш заинтересиран и љубопитен за сè нешто, значи да живееш. Живеејќи заинтересирано, луѓето секојдневно учат нови работи за себе и за светот во кој живеат, се поттикнуваат да бидат подобри личности кои горделиво чекорат низ животот и се борат за место во општеството во кое целосно ги уживаат своите права, притоа не заборавајќи ги и обврските.
Да бидеш отуѓен и рамнодушен за сопствениот живот, за мене е пропаст. Нормално дека секој од нас може да се најде во ситуација или во период кога сè ни е сеедно или бесцелно, но секогаш треба да бидеме свесни и користејќи го разумот, да одлучиме колку време ни е потребно за да излеземе од таа состојба и повторно да му се вратиме на возбудливиот ни живот. А, животот е прекрасен ако знаеме да го искористиме на правилен начин. Особено денес, имаме моќ да посегнеме по или да постигнеме сè што ќе посакаме, бидејќи не само што има начин, туку има и безброј луѓе кои знаат како да те насочат на вистинскиот пат. Само заинтересираноста за која говорам во текствов, ќе нè одведе до вистинските луѓе или на вистинскиот пат. Многумина ќе си речат „Ајде, што биде, нека биде!“ НЕ! Еден ни е животот и, искрено, вреди да направиме сè што можеме за да бидне од нас „револуција“ во која самите ние ќе излеземе како победници. А, како ќе бидеме победници ако не сме возбудени? Па, возбудата е среќа, поттик и инспирација и таа не смее да биде потценета!
Следниот пат кога ќе се најдете во ситуација да посакате да се пожалите од нешто, обидете се да ја разберете или пронајдете суштината. Оној на кој ќе му се плаче од некоја математичка задача, нека размисли зошто и како логиката е потребна и неопходна во животот. Оној кој не сака да чита книги, нека се обиде да сфати колку е возвишено чувството кога ќе се загубиш низ страниците на некоја туѓа приказна и читајќи ќе го пронајдеш патот до совршен крај. Оној на кој првиот инстинкт му вели дека треба да осуди или омаловажи некого, нека помисли дека убавиот збор многу поголема тежина и влијание ќе остави... И безброј други примери и нови перспективи ќе сознае оној, заинтересираниот, возбудениот, нерамнодушниот!
Никако не си дозволувајте да бидете странец во својот живот. Никогаш! На крајот од животот ќе посакате да имате шанса да ја преземете „судбината“ во свои раце и како слободни луѓе, во слободен свет, да изберете живот во кој секој ден е нов предизвик и секоја ноќ е мирна и спокојна. А, вашето мислење?
Вашето мислење е повеќе од бесценето.
Comments