• Ана Илиева

Трендот да се биде „активист“ во современото општество

Го памтите ли вашиот прв протест?! Ако ме прашувате мене, го памтам. Не беше многу одамна, но беше пред времето на задолжителни маски. А, време кога сепак беа потребни маски, поради загадениот ни воздух. Во кутија со спомени, ја чувам првата маска на која пишува и „прв протест во животот“, а кога ќе размислам колку протести имало и има, ми се појавуваат измешани чувства. Од една страна, си велам, срамота што имаме толку многу проблеми во државата, но од друга страна, пак, си се тешам дека во последните неколку години конечно се случуваат големи промени во нашето општество.


Кога ќе се спомене зборот „протест“, неизбежно е да помислам на активистите. Денес, тренд е да се биде активист бидејќи на Интернет, секој кој барем малку истражувал или учествувал на некаква работилница, си ја креира таа улога. Прашањето на кое сè почесто размислувам е: колку се битни тие активисти за општеството, во кое ние се развиваме како индивидуи?


Факт е дека активизмот го менува нашето секојдневие, а активистите се луѓе кои не молчат пред неправдата, борејќи се за подобра сегашност и иднина. Тие се бунт против сивилото, едноликоста и стравот, наметнатите ставови и големите промени донесени без согласност на народот. Секогаш кога треба да се зборува за Македонија, го издвојуваме лошото и неквалитетно формално образование кое мора да се промени што побрзо. Но, освен формалното образование, во нашиот развој како личности, исклучителна важност има и неформалното образование. Активистите се таму – учествуваат на голем број неформални активности, акции, проекти, состаноци!


Поткрепени со теориско знаење, искуство и искрена желба да се промени светот, навистина можеме да го промениме. Невозможно е промените да дојдат наеднаш, но верувајте ми дека вреди да се биде активен во заедницата и да се почне од најмалите секојдневни работи.

Свесна сум дека живееме во сурово општество, каде постојано се „плука“ по секој кој прави „нешто“ во својот живот. Секој кој се залага за одредена тема, може да се најде во ситуација каде ќе биде навредуван и осудуван. Но, добро бе луѓе, зарем секој кој сака да направи некаква промена во општеството, „трча“ по политички поени, подобра позиција или профит?! Секако дека не. Кога веќе „трчаат“ по нешто, повеќето од нив не го прават тоа за своја лична корист. Напротив, тие се залагаат за понапредна заедница во која секој човек ги ужива своите права еднакво со тој другиот.


Замислете го светот без бунтувачи: не е жив, нема боја, ниту праведност, нема борба, ниту промена, нема надеж, ниту иднина. Замислете да не беа феминистките или еко-активистите или сите други активисти кои сè уште гласно зборуваат за еден куп проблеми кои натежнуваат. Замислете никој да не говореше гласно, да не се дебатираше, да не се преземаа акции за спречување на дискриминацијата. Замислете да не се пишуваше, да не се правеа подкасти, клубови и што ли уште не. Замислете сите да бевме молчеливи и незаинтересирани пред беззаконието, бесправието, злоделата, насилството... Тогаш сите ќе бевме обесправени и сите ќе бевме само цигли во ѕидот кои преживуваат, наместо вистински да живеат.


На крајот од денот, заслужено или не, улогата „активист“ навистина може да ја добие секој. Но, и оние кои си немаат доделено таква улога, им препорачувам да се заинтересираат за светот во кој живеат. Ние сме млади и во нас навистина има потенцијал да се промени сè што не ни се допаѓа за заедницата. А, следниот пат, кога ќе бидете во ситуација да треба да одлучите дали да останете тивки и незаинтересирани или да застанете гордо и со крената глава да се соочите против отсуството на правда, се надевам дека ќе се видиме на некој мирен протест или акција.

Надеж дека навистина одиме кон подобро и поддршка до активистите и нивната значајна дејност во денешниот ни свет. Прифаќајте ги и размислувајте само за конструктивните критики, останете гласни и борбени, креативни и самоуверени. Светот не би имал надеж ако не постоевте вие, драги активисти!

374 views