top of page
  • Writer's pictureКултура β

Трендот на високо образование

Високото образование во модерното општество го напушта својот статус на привилегија и истакнувајќи го своето култно значење преминува во задолжително достигнување на секој современ човек.


Нормално, како еден од врвните дострели меѓу другите амбиции, особено кај младите луѓе, се раѓа стремежот за завршено минимум факултетско образование. Дури го сметаме останувањето со средно или понатамошното насочување на некоја струка како ужасен неуспех. И така младиот човек без своја желба, размислување или визија за иднината, неминовно се соочува со осуда уште веднаш по матурирањето. А и, да си бидеме искрени, симпатична ни е титулата “академски граѓанин”. Дебатливо е колку е секогаш регулирано нејзиното доделување, но сигурно е дека полека таа ја губи својата важност.


А, всушност има уште еден клучен проблем кој претходни на проблемот со трендот на високо образование. Проблемот со кој верувам, барем според мое знаење, се соочува секој средношколец. Што да правам после завршувањето на средно? Каде се гледам себеси? Заради конструкцијата на образовниот систем (сосема друга тема) младиот човек е оставен без каква било претстава за тоа каде е неговото место во заедницата. Уште еден огромен пропуст е целосното отсуство на кариерното насочување. Она без коешто образовниот процес се сведува на лавиринт од механичко меморирање на податоци кои не може никако практично да се манифестираат во иднина, бидејќи нема што да го упати младиот човек за тоа како најефикасно да ги употреби своите знаења и способности. Особено интересен пример за ова, на кој сѐ почесто сведочам е одлуката на одлични средношколци за медицински факултет. Логиката е: ги имам сите петки, можам да учам хемија и биологија, а и секогаш ќе има работа за доктори, па и платата кај нас е солидна во однос на другите професии. За докторите секогаш симнувам капа, им се восхитувам и неизмерно ги ценам, но многу повеќе им верувам кога знам дека си ја љубат искрено работата.


Младиот човек ориентиран кон кариерата, ги користи сите свои способности барајќи си удобно и угледно место во рамките на општеството. И секако, за него најважно е да се прикаже како поспособен и пообразован од останатите, со тоа котира да повисоко во заедницата и да го води поблизу до остварување на неговите цели. Точно е дека во сето ова мошне добро му користи факултетската диплома.


Често, а уште почесто во нашата земја, младиот интелектуалец заборава на значењето на вистинското образование и како да го искористи истото понатаму во животот. За жал многу од доделените признанија за завршено високо образование се несоодветни за да можат во вистинска смисла да се имплементираат во реалноста. Затоа доаѓаме до заклучок дека тоа самото по себе не доволно. Вложувањето во ваквото образование и тоа како се исплати доколку го одведе човекот до иднината којашто ја посакува, а најважно од сé до состојба самиот да се надогради и креира на поле коешто самиот го избрал како свој животен повик. Таквата шанса е бесценета. И за среќна на такви случаи неретко сведочиме.


Постојат и други ситуации во кои шансата за иднината и убава кариера исто толку им припаѓа и на луѓе кои не се закренале на ваков престижен чекор и се одлучиле за завршено средно образование или некој занает којшто им лежи на срце, а за истиот има дефицит во земјава. Тоа е всушност и самата убавина на слободниот избор и одговорноста на секоја индивуа посебно за својот живот, иднина и кариера. Постојат и многу други клучни фактори за успех, а меѓу нив најважни се работливоста, посветеноста и пожртвуваноста да се истакнат идеите и вештините. Својствени само за неколкумина од младите независно од нивниот степен на едукација, а истовремено клучни за градење на здрав и достоинствен млад свет. И, погодете што? Во сето ова не е секогаш фундаментално високото образование. Впрочем, истото полека и ја губи својата моќ и значење затоа што сé повеќе луѓе се стремат и се здобиваат со истото. Ги наведува младите луѓе просечноста и стои како една фиктивна норма. А, ваквиот напредок не води никаде.


Кариерата се гради врз афирмации, но човекот се гради врз својата личност, а неговиот труд и работа говорат за него.


Способноста на човекот да ја изгради својата кариера лежи во неговата способност да се изгради себеси. Во тој случај здобивањето со факултетско образование е огромен успех, но не е и неопходно.


343 views

Comentarios


bottom of page