top of page

„Три минути мрак“ од Бојана Спасовска

  • Writer: Култура β
    Култура β
  • Jul 2
  • 1 min read

ТРИ МИНУТИ МРАК


Одеднаш.

Окови на плеќиве ми натежнаа,

жилави корења телово ми го заврзаа,

зборовите ми замреа,

мрак пред очи ми падна

ме облеа жештина бледа и ладна.


Груткава во грло преголема е,

солзиве тешки се

само што не се излеале,

ме гушат,

стивнувам,

од страв, затреперувам.


Сѐ уште е тивко и црно.

Ниту сонце утринско прогрејува,

ниту тишината гласна затајува,

ниту светлина на крајот на тунелот блеснува.


Клопче од мисли безнадежни исплетов,

во мојата горчлива темнина се повлеков,

спас од јазливе не најдов,

едвај до здив дојдов.


Еден допир,

еден стисок,

еден шепот.


И наеднаш со полни гради дишам,

од сончев блесок се опивам,

и повторно нозеве на земја ги чувствувам.


И наеднаш надворешниот свет го слушам,

повторно ме зграби, таа, велам,

да ме потсети дека и со неа живеам!


Ме плашиш штом низ коскиве ќе се разлееш

како таложен вресок што наеднаш излегува

но сум посилна кога ќе заминеш,

затоа што знам дека секогаш се повлекуваш.


А јас,

јас секогаш ќе се вратам тука,

каде што сонцето нежно ќе ме погали

и воздухот душава ќе ми ја нахрани,

каде што убавините мисливе ќе ми ги избркаат

и триминутната темнина ќе ја заслепат...


Comments


bottom of page