Тутунот не гори
Толку брзо колку мене.
Амбар сред лето потпален
Со кибрит.
Не бев тука да видам кога пеплоса,
Не бев тука останките кога ги собираа.
Не бев тука коските кога ги дробеа.
Умреа сите во мене,
А пристоен погреб не добија.
Раскапуваат лешови насреде пепел.
Отсега, досега,
Попреку времето ветерот ја носи.
Жива гробница
Од едната меѓа
До другата меѓа.
Црна врана колве
Низ џигер,
Катаден дојадува,
Остатоци од амбарот,
Од сопственикот и добрината,
За кого што остана,
Нешто за црната,
Нешто за стравот,
Нешто за вината.
Во претпоследниот ден од двонеделниот циклус поезија учество зема Вероника Димоска. Вероника има 19 години и е од Струга. Хедонист, нихилист и поет со полно работно време. А, во слободно време студира медицина. Пишаниот збор го смета за свој најдобар пријател, надевајќи се дека чистата мисла еден ден ќе го промени светот.
Comments