top of page
Writer's pictureКалина Качоровска

Уметност за широки народни маси: баналност или не?

Лани ова време, поетесата Рупи Каур беше прогласена за „писателка на деценијата“. Со нејзината збирка Milk and honey, таа стана основоположник на еден целосно нов жанр во поезијата – Instapoetry. Она што е карактеристично за овој тип на поезија е минималистичкиот стил, со тоа што песните се од само неколку стихови, а содржината и лексиката се особено едноставни. На кратко, станува збор за лесноприфатлива уметност наменета за широките народни маси.

Никогаш не сум седнала темелно да ја читам Рупи Каур, освен неколку од нејзините песни кои ми се појавиле на некои Инстаграм профили за инспирација, па така, не можам ништо околу нејзе да тврдам со сигурност. Сепак, од она што го знам, можам да кажам дека нејзината уметност не е нешто што мене лично особено ми се допаѓа. Од друга страна, од збирката Milk and honey се продадени повеќе од три милиони примероци и истата е The New York Times bestseller 165 недели. Цврсто стојам зад тоа дека уметноста е субјективна и оваа ситуација го покажува токму тоа. Моите лични ставови за Рупи Каур и нејзината поезија во овој случај не се поттик за критика, туку спротивното од тоа.

Она што ја прави оваа поетеса „писателка на деценијата“, но и она што многу други песни, филмови, книги или дела ги качува на врвот на сите листи е токму едноставноста. Често, она што е најпопуларно е всушност наједноставно. Па секако, зашто луѓето како луѓе имаат некоја чудна потреба да го критикуваат она што е популарно, истовремено, сите број 1 дела се оние најподложни на негативни коментари, речиси секогаш водени од аргументот дека нештото е препросто, преповршно и преобично. Нормално, да не заборавиме дека омилен збор на мојата генерација е basic, најчесно употребуван како критика, па дури ќе кажам и навреда за сѐ она во кое уживаат поголем број на луѓе.

Елитистичките хипстери сакаат да веруваат во тоа дека се далеку посупериорни од сите затоа што никако не слушаат ништо што е барем малку познато во очите на јавноста и не гледаат Марвел филмови. По вкус, и јас спаѓам во нив. За жал, до неодамна го делев и нивното мислење дека сите песни што ќе ги слушнам на радио се најнеквалитетното нешто што постои и дека сите оние кои ги слушаат се препрости за мене. Пред само една година, на Твитер сум ретвитнала објава која вели: “Rupi Kaur?? Poet of the decade????? LMAOOOOOOOOOOOOOOO” (и уште многу О). Кога се навраќав на мојот профил и наидов на ова, се засрамив. Не затоа што сметам дека Рупи Каур ја заслужува титулата, напротив, но затоа што дури сега сфаќам колку карактеризирање на нешто како неквалитетно, па дури и банално само поради едноставноста е нелогично, но и елитистички.

Уметноста не е и не смее да биде наменета само за „угледниот“ дел од општеството. Во антиката, вредна уметност била онаа која е комплесна, „интелектуална“, со зборови кои не се разбирливи за обичните луѓе, уметност која разработувала комплицирани теми кои не биле во допир со животот на широките народни маси, па секако, во нејзе можела да ужива само елитата. За другите смртници се давале по некои комедии со две-три реченици и по неколку смешки.

Денес, поедноставениот стил на творење во било кое поле од уметноста е повторно сметан за неквалитетен, што во одредени случаи може да биде вистина, но главното нешто кое е важно да се напомене е дека таквиот стил е достапен и лесноприфатлив за луѓе кои не се дел од високите друштва кои имале шанса за образование кое им пружа алатки за интерпретација на покомплицираните форми на изразување.

Комплексноста наспроти едноставноста не се фактори кои ја детерминираат вредноста на уметноста. Во комплицирани дела можат да уживаат широките народни маси, исто како што елитите може да кажат дека нешто што е едноставно е добро и притоа да не им падне круната од главата.

Секако дека мене ми е појако за филм на неделата на Култура Бета да предложам филм за кој никој нема слушнато наместо некој кој е општопознат, но тоа не значи дека сето она кое е популарно или пак basic според интелектуалците го негирам и го гледам како банално. Сепак, зарем сето она кое е популарно не е популарно со причина?

До сите мои добропознати хипстери: послушајте некогаш песна на YouTube што има многу гледања и погледајте филм во Синеплекс. Во ера како оваа, кога има толку многу уметност (за среќа), греота е да се фокусирате само на она кое е „необично“. Ќе наидете на еден цел нов свет!

Comments


bottom of page