top of page
Writer's pictureКалина Качоровска

Феноменот наречен ТикТок. Што е работата?

Ќе бидам искрена и ќе кажам дека сѐ уште не сум на ТикТок. Дали е тоа затоа што се сметам себеси за премногу кул за нешто толку популарно или затоа што едноставно не сакам да си дозволам себеси да се опесднам е друга тема во која не сакам да навлегувам. Меѓутоа, тоа не значи дека не гледам ТикТок видеа (сепак, мојата постојана FOMO состојба не би ми ни дозволила) . Дали преку YouTube, Instagram или Twitter, па дури и преку звукот од телефонот на сестра ми додека таа самата гледа, успевам да бидам колку што можам со чекор во трендовите, сеедно дали тоа значи религиозно слушање на Heart of Glass во изведба на Miley Cyrus или смеење на сликата од Robert Pattinson како да е најсмешното нешто што постои. Иако можеби ја немам апликацијата инсталирана во телефон, јас сум несомнено дел од ТикТок генерацијата.

Кратките видеа од по неколку секунди до минута се иднината на социјалните мрежи. За жал, тоа се должи и на нискиот степен на внимание (особено) кај младината денес, можеби и конкретно поради ТикТок. Од друга страна, многу е полесно да научиме како да тргнеме мастика од патиките во видео од 45 секудни, отколку од цел „филм“ од еден час во кој клучната информација се губи во морето на реклами и зборови кои се кажуваат само за да се пополни време. Тука лежи можеби најважната причина зошто ТикТок е денес феноменот кој што е. Видеата се едноставни за правење и не е потребна енергија да се внесеме во нивната содржина. Лесно е. Како за креаторите, така и за корисниците.

Втората причина поради која ТикТок е толку популарна апликација е нивниот алгоритам. Лесно е да се опседнеш затоа што времепловот нема крај, туку е една бескрајна низа од видеа кои згора на сѐ, се точно избрани за корисникот, затоа што самата апликација знае што некому се допаѓа и ќе предизвика интерес. Па така, се среќаваме со милиони и милиони видеа, голем дел од нив забавни и по наш вкус, други можеби и не толку, но сепак знаеме дека доколку отидеме надолу, ќе наидеме на она што го сакаме, па затоа продолжуваме. Креаторите кои стојат зад денешната најмасовно посетена социјална мрежа знаат како да ве привлечат.

Причината поради која гаам почит кон ТикТок е тоа што дава платформа секому. За да станете познати, не е потребно претходно искуство, ниту пак одредена веќевоспоставена популарност. Единствено нешто кое треба да се поседува е идеја. Па така, забележувам дека луѓе кои од кога ги знам имале талент за пеење, играње, глумење, цртање, творење или можеби нешто сосема поразлично, сега конечно наидуваат на простор да се покажат себеси и она што го умеат. Уште поинтересно е кога сестра ми ќе ме викне да ми покаже видео од некои луѓе што ги познаваме како прават нешто за кое што воопшто не сум била свесна дека биле заинтересирани. На ТикТок луѓето не се чувствуваат неугодно и глупаво кога прават нешто во кое уживаат или во кое се добри. Работите кои ги објавуваат ги објавуваат единствено за да се покажат, па каква ќе биде реакцијата останува да се види. Корисниците ја имаат слободата да бидат креативни и иновативни.

Оттука, сакам да искоментирам за влијанието врз музичката индустрија. Во овој конкретен момент, неверојатно лесно е непознати пејачи или артисти, но и песни да се здобијат со популарност. Денес, изведувачи како Lil Nas X, Pop Smoke, па дури и (конечно) раперки како Doja Cat и Megan Thee Stallion, се номинарани за сите најпрестижни награди и се градат како изведувачи кои подоцна несомнено ќе бидат вброени во листата на музички легенди од денешницата. Меѓутоа, неоткриените таленти не се единствените кои добиваат шанса. Неодамна, видео од човек на скејт кој пие сок од брусница слушајќи ја Dreams од Fleetwood Mac стана вирално. Што е за право, видеото е навистина убаво и оддава чувство на спокој, еуфорија и носталгија истовремено. Иако се шокирав што голем дел од луѓето токму благодарение на @doggface208 дознаа за Fleetwood Mac, фино беше да се види како првпат после години и години се зборува за нив и како младите целосно уживаат во музиката на бенд кој одамна не постои како таков.

Доколку требаше да зборувам за само една работа кога станува збор за ТикТок, ќе зборував за тоа како токму преку оваа апликација станувам свесна дека сепак, на крајот на краиштата, сите сме дел од еден свет. Можеби реченицава звучи претенциозно или филозофски, но мислам на нешто сосема друго. Зборувам за видеата кои опфаќаат човечки искуства кои се толку специфични, што кога ми се случувале или сум ги помислувала, сум сметала дека сум единствена на светот која го прави или го чувствува тоа. На пример, никогаш не би рекла дека и други луѓе газат само на белите или само на црните линии од пешачкиот премин (зошто? Поим немам.) или пак дека и тие секогаш одбиваат јадење или пиење кога се некаде на гости, колку и да се жедни или гладни. ТикТок ме убеди во спротивното, па така, размислувам за тоа како сите правиме некои толку конкретни и необични работи и доаѓам до заклучок дека можеби навистина не сме многу поразлични едни од други.

Сепак, ТикТок е далеку од апликација која служи само за забава. Вестите за светот кои јас ги добивам преку Твитер или онлајн сајтови, корисниците на ТикТок ги добиваат таму. Со оглед на тоа што оваа аплкација го достигна врвот на популарноста со почетокот на карантинот, ќе споменам работи кои се случија оттогаш па досега. Се сеќавам на George Floyd и Black Lives Matter протестите при крајот на мај и почетокот на јуни. Клучни настани во 2020 година, но според мене, клучни и за она што некогаш ќе биде изучувано како историја. Доколку реално гледаме на работите, Instagram доцни со вестите барем два дена, а за Facebook, особено кај мојата, помлада генерација, подобро да не почнувам. Меѓутоа, тоа не е случајот и со ТикТок. Заедно со Твитер, во моментов тоа се двете социјални мрежи кои ги водат новостите. Па така, токму на ТикТок првпат почна да се зборува за она кое се случуваше во САД, прво како вест, а потоа како проблем кој е од глобално значење. Видеата содржеа снимки од протестите, информации клучни за демонстраторите, но се правеа и видеа од едукативен крактер за историјата, сегашноста, но и иднината на расната војна. Како поминува времето, ТикТок креаторите продолжуваат да создаваат содржини кои служат за информирање и освестување на безброј теми.

Па така, како за крај, си го поставувам следното прашање: каква е ТикТок генерацијата? Одговорот да беше еден ќе беше лесно. Дали е тоа генерација со ниско ниво на внимание? Апсолутно. Дали е генерација која поминува многу повеќе часови во денот на интернет од она што треба? Без сомнение. Дали станува збор за млади кои знаат да го играат танцот на WAP од почеток до крај? Секако дека да. Дали се тоа млади кои конечно знаат кои се Fleetwood Mac? И тоа да. Дали се тоа деца кои едноставно се истражуваат самите себеси и своите интереси. Да. Дали се тоа млади кои се свесни за општествени проблеми? За среќа, да.

Светов е шарено место кое нуди толку многу можности и толку многу опции. Токму затоа, ТикТок генерацијата не е единствено добра или единствено лоша. Таа е шарена. Па дали ТикТок е апликација која штети или која забавува? Веројатно и двете. Да бев стручно лице, можеби ќе дадев понкретен одговор. Сега за сега, единствено што можам да кажам е дека станува збор за неминовен дел од нашето секојдневие со кое секако мораме да живееме. Еве, може конечно ќе ја инсталирам.

Comments


bottom of page