top of page
Writer's pictureКултура β

Циклус поезија од Кристина Ставревска

Живот и цигара


Запалив цигара,

гледајќи ја како гори,

лека полека,

сфатив;

и животот не трае довека.


Со секој земен дим,

гледав како таа се смалува,

обелодение за животот,

и тој се намалува.


Ден за ден,

ноќ за ноќ,

дните си врват,

додека целосно не заминат.


Еден ден цигарата ќе згасни,

додека сме тука да твориме дела чудесни.


А наследството на човештвото лежи во уметноста,

убавината на поезијата,

магијата на љубовта,

чистотата на душата,

Допирање до сржта на секое човеково битие,

Обнова на свеста - возвишение.


Куклено шоу


Светот е само едно шоу,

каде сите глумиме, сите пееме.

Сите играме, сите се смееме.

Ставаме насмеани маски, а одвнатре, одвнатре плачеме.

Ја криеме празнината во нас со вметнати лажни очи,

Одлични изведувачи.

И целото шоу е лажно,

ја играме само зададената улога,

еден со друг си ги влечеме жиците,

се користиме додека ни е потребно,

си ги кинеме и сошиваме нашите делови од телата,

не размислувајќи за злоделата.

Не сме ништо повеќе од едно театарско куклено шоу.


рЕВОЛУЦИЈА


Околу мене само маски,

Излитени фрази,

Зборови...

Зборови лажни.


“Па како вие живеете со себе?

Со тоа ваше внатрешно проклетие?”


“Ама, чекај, чекај да ти објаснам...”


НЕ!


Гледам зад тој ваш холограм,

До срж расипани,

А од душа НИ ГРАМ.


Се обидов да ви објаснам,

Со светлината да ве поврзам,

Залудно било сѐ,

Покажавте навистина какви сте.


Јас сеуште имам надеж за човечката раса,

Едно расипано јаболко

Не ја ништи цела класа.


Очите се отворени ТРИТЕ,

Завесите паѓаат пред најбистрите.


Слободни ќе сме кога ќе се споиме сите,

Не постои поголема сила од КОЛЕКТИВА.

Време е за рушење на хиерархиите,

Влегуваме во новиот свет на димензиите.


Аутопсија


Имаш чувство дека нешто те демне, совеста дојде да те трезне.

Глас во тебе се буди, да ти каже нешто се труди.


Крајот на претставата се ближи,

те јадат сомнежи, тешки бодежи.


Парите кои толку ги цениш, вреднуваш и воздигнуваш,

На крајот на денот, ти заминуваат без траг,

оставајќи те сам во целосен мрак.


“Зошто мене ми се случува ова?”

- Пријателе, одговорот нема да го најдеш во злато полна соба.


Вистината е дека си застранил од патот,

дури да се свестиш, ти отчукал саатот.

Остана без принципи, без морали,

основата на човештвто ја заборави.

Трагајќи по материјалното, духовното го остави,

За парчиња хартија, битието си го запостави.


И нема само црно, нема ни само бело,

Факт е дека балансот постои кога е во целост.


Земи огледало, соочи се, спој се,

Тоа што го криеш, извади го, прифати го.

Засакај се за тоа што си, руши ги сите бариери наметнати.


Нов проект - пеперутка ефект.


И тогаш ќе испливаш ти на површина,

ќе ја дознаеш својата вистинска големина.


Само тој е спасот од оваа фикција, оваа фарса,

Љубов и надеж, нов свет, ренесанса.


Трансформација


Долго време

носев една темнина во себе,

проткаена со солзи,

безначајни мисли,

трајни белези.


Секое утро будејќи се

со надеж дека мракот ќе ме понесе,

во црнила обвиена,

од меланхолија опиена.


Врвејќи еден ден покрај огледало,

се свртив, препознатливото лице побледило,

останало само сениште,

морав да го променам своето гледиште.


И секој ден станував сосила,

влечејќи ја одвнатре последната сила.

Премина во навика,

воочив разлика,

нова визија, манифестација, нова слика.

Огледалото се уште на местото си стои,

но сега прикажува девојка со огнени бои.

Хероина која се избори со темнината,

млада и воинствена, непокорливо чекори кон иднината.


Разговор


Еј!

Ти се обраќам тебе.

Кристина, Мартина, Елена, Лидија.

Јован, Иван, Павел, Илија.

Да се запознаеме, време е.


Ме сакаш, па ме мразиш,

Ме бодриш, па ме кудиш,

Ме браниш, па ми судиш.

Дојде моментот да се разбудиш.

Зошто, се чудиш?


“Кристина, си полудела, живееш во заблуда!”

Па да, еве почнавме со првата предрасуда.


Дојди, малку да поразговараме, не само да си одговараме.

Внатрешноста да си ја распараме,

Да се отвориме, разгориме, преточиме, раствориме.

Доста само се контриме, дај да си се бодриме.

Тајни да си довериме, еден во друг да се вљубиме.


Ќе разбереш што ти велам, кон што навистина целам.

Земи огледало, погледни се себе,

Пронајди ме мене.


Сега сфати?


Дојде и тој момент, го доби ти последниот елемент,

Сé ти се поврза сега,

Ајде, метаморфоза,

Алфа и Омега.


Лека, полека,

Кон површината се гребе.

Ова е еден мал дел од разговорот со себе.

 

Нашата нова β-поетеса е Кристина Ставревска која има 26 години и доаѓа од Битола. Пишува поезија од кога знае за себе, преку неа ги изразува своите чувства и мисли. Нејзините дела се инспирирани од секојдневието, од темнината и светлината на човештвото, и надежта за подобар свет. Концептот на Јин и Јанг. Сенката според Јунг. Сака да провоцира и инспира, да ги поттикне читателите да размислуваат посвесно, да бидат автентични, да се засакаат прво себеси, а потоа и еден со друг, да бидат храбри и да го живеат животот по свои правила, да го прифатат и интегрираат секој чуден дел од себе. Да си ги распознаат душите. Сака да го остави светот подобар отколку што го најде.

Comentários


bottom of page