top of page
Writer's pictureКултура β

Циклус поезија од Марина Мијаковска

Огномет


Сите изгубени лета

и сите изгубени зими

во белата пештера на осамата

ќе ги полеам со бакар и барут.

Ќе направам

Огномет

од зачуваните љубовни дописки

од Коста Рацин до неговата љубена

за во оган да се распрскаат на сите страни

разоружените страсти на секоја жена.

Светов под прстиве ќе пукне,

а темнината под нозеве ќе зајде,

за таму на крилото на светлината

да ја сместам љубовта што веќе не боли и на ден не убива.


Тишина по рабовите на страниците


Ќе го превртам светот

што се раскажува и прикажува

од горе надолу

и од него ќе ја истресам сета бука

што го загадува и вознемирува

женското постоење.

Женската природа е:

непредвидлива, неконтролирана и

гласна.

Тресејќи ги страните на светот

стаклото на гласот ќе пукне, а

тишината

и

ш

и

н

а

тишината

а

ќе исплива по рабовите

на страниците.


Постела на тишината


Под пурпурните пазуви на ноќта

ќе осамнат сите ѕвездени патеки.

Тогаш сите звуци од тврдите

чекори на машката моќ ќе замрат.

Сите војни во светот ќе престанат,

сите брачни неверства ќе испарат

само тогаш кога страста се држи

под постојано стабилна температура.


Сиднеј


На земјава мека и црвена

под нозеве

засадив сонце

во мрежа од синевина.

Не го слушам

рикот жаловен

од месестите усни

на Абориџините.

Ги заборавив

прегорените погледи

од костенливите очи

на ,,Првите“.

Барам право

одејќи

по жолт пат.

Барав право за глас.

Пушти ме да ползам

по жици

од метал и стакло

ко бел гулаб

вдомен на Darling harbor.

Еден е патот за сите

А Сите се Едно по патов!


Зачини


Има нешто

во вкусовите збрани:

под секој грам тркалезно зрно,

под секој литар течност од етерично масло,

под секој мирис на свежа оринетална сол,

под секој вкус на исцедена смола

и под секоја капка под Океанот

остро измеси го тестово

по старо-новиот рецепт на тетка ми Нада.


Има многу нешта:

во човечките вкусови за храна,

во човековите стандарди за убавина,

во природата допрена и недопрена од раката на Океанот.

Остави ме

таму долу

тивко да запеам

гласно да заспијам

таму горе под Градот.


Амулет


Таму долу

во срцето на пештерата

најдов црвена

Сенка

од гологлав гуштер

и усмртен кенгур.

Смртта не ме плаши

Имам нешто заедничко

со децата

на

Ноќ-та:

Лице

со

дамки од абонос

и

опаш од прегорени

СТРАСТИ.


 

Марина Мијаковска (1984) пишува поезија, проза, есеистика и литературна критика. Таа е доктор на филолошки науки. Од 2013 година е членка на Друштво на писателите на Македонија. Таа дипломирала и магистрирала на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на Катедрата за oпшта и компаративна книжевност. Во македонската и балканската периодика таа активно објавува книжевно-научни прилози. Дел од поетските творби и од расказите на авторката се објавени во домашни и странски антологии во превод на англиски, српски, хрватски, албански, романски, чешки, полски, кинески јазик, итн. Мијаковска учествувала на многу меѓународни книжевни манифестации: „Струшките вечери на поезијата“ во Струга (2010) и (2012); „Поетски вечери во Корча“ (2012); ,,Ditët e Naimit” во Круја и Тирана (2013); „Караманови поетски средби“ во Радовиш (2013, 2014, 2015, 2017, 2018); „Рацинови книжевни средби“ во Велес (2014, 2016, 2017, 2018); „Gornjogradski književni festival“ во Загреб (2014); „Dani prijatelja knjige“ во Риека (2014); „More na dlanu“ во Пула, Ровињ, Лабин и Пазин (2015); „U spomen na književnika Antu Zemljara“ на Паг (2015); „Portile Poeziei“ во Карас-Северин во Романија (2016), „Letni oder Ruše“ во Руше (2018), итн. Таа се стекнала со неколку книжевни награди во земјава и во странство: „Специјална награда за литературно творештво со високо уметничко ниво со ценети и трајни поетски вредности“ на „Поетски вечери во Корча“ (2012); „Караманов“ (2013); „Македонска книжевна авангарда“ (2013); „Крсте Чачански“ (2014); „Бели мугри“ (2015) и Награда „Даница Ручигај“ при Друштво на писателите на Македонија (2019). На меѓународниот поетски самит на „Кантфест“ во Белград, а во организација на книгоиздателство „Арте“ од Белград ја добила втората награда за песна. Во 2017 година Мијаковска била предавач на книжевната работилница „Есенски креативен мозаик“ во организација на ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ од Скопје, а во 2019 година таа била предавач на книжевната работилница „Мали приказни од Скопје“ во организација на „Просветно дело" од Скопје.




Comments


bottom of page