• Култура β

Циклус поезија од Мартина Даниловска

Уметничко дело


Душата сликарско платно

нејасно и матно,

безброј уметници,

едно дело

скриено во женско тело.

На него безброј чувства,

борби и искуства.

И сите погледи се упатени,

со восхит збогатени

кон сликата бескрајна

од душата истрајна.


Единствен


Ти си поинаков од сите љубови

Те љубам а ми судиш

И ме кудиш

На сите увца им шептиш

Зборови клети

А пред мене си занемен

Од тишината обземен

И молчиш

На срцево му пречиш

Да бие со разумна брзина

Кога си во близина.

Те воспев

И го добив твојот потсмев

За мојот неспокој

Добивав поглед понекој

За мојот непребол

Кој сеуште не излегол.


Повторно


Здив ми зема

пак те нема,

со секој твој поглед дрзок и презирен

во мене умира нешто севезден.

И стиховите ги снемува,

времево ме менува

но искрата останува.

Замини немо ко прошли пат,

солзи крвави нек ми искапат.

Залудно ти го симнувам и сводот севишен

за тебе здивот мој е неважен.

Римите ќе ги потиснам

па макар и да се распрснам,

нек ме задушат не ти ги пишувам,

љубовта не ја вдишувам.


Роденден


Ново раѓање

Ново паѓање

Нова смрт и преродба

Нова спогодба

Нов страв

Во умот збрав

Дал е пропаст

Барам доказ

Врескам молкум

Врескам збогум

На претходното постоење

На денови броење.


Глас


Во длабочината

на сетилата

ми одекнува повик,

на шепот налик.

Во неговата срж

стои незадрж,

и со преѓи прозирни

чиниш бисерни,

ми ги плете нишките на поривот

и го ништи заборавот.

Нежно ме целива,

бегам срамежлива

а ме тера да се заљубам

и во целивот да се загубам.

Но срцето го изврзав

та да не го искршам,

со него војував

и за телото го заковав.

Катаден ми шепти

за љубов и свет без правила

за свет без сенки и патила.


Груба нежност


Твоите прсти студени на вратот ги чувствувам,

Чудни форми ми исцртуваат

И не се исцрпуваат.

А моиве прстиња врз хартија стихови истураат

И не изумираат.

Ја чекам твојата восхита,

Штом ти ги подарам

Окото твое да ги прочита,

Та со истото да ме погледнеш и да онемам

В прегратки да ти се припитомам.

Умот пред телото да ти го разголам

И сите страсти да ги разгорам,

За навек да ме сочуваш

И нежно да ме бакнуваш.

 

Во денешното издание на ß-поезија, ви ја претставуваме Мартина Даниловска која има 17 години и учи во гимназијата Кирил Пејчиновиќ во Тетово. Уште од мали нозе во слободно време се занимава со уметност, како со театарот така и со поезијата. Пишува веќе неколку години и поезијата ја чувствува како нешто преку кое може слободно да се изразува. "Темите за кои пишувам секогаш ми доаѓаат спонтано и најмногу се чувствувам исполнето кога луѓето со кои ја споделувам мојата поезија  се пронаоѓаат во неа", вели Мартина, а во продолжение, прочитајте два извадока од нејзиното поетско творештво.

23 views