top of page

Човекот кој беше поет или поетот кој беше човек

Writer's picture: Софија ТодороскаСофија Тодороска

Вие што го чувате споменот на мојата младост, на мојот занес, на мојата смеа, на мојот понесен збор, знајте: понекогаш сум толку жеден за вашата рака! И ми се чини дека од само еден допир, мек и мигновен, сè би минало што ме боли, би се сталожило, и би здивнала мојата душа. Но сепак стојте кајшто сте се нашле, да не се видиме пак! Ваша должност нека остане да не се наруши споменот каков сум бил. Ништо друго!

(„Чувари“- Црн Овен, 1993- Конески)


Приклучувајќи се на активностите по повод столетниот јубилеј од раѓањето на бардот на македонската литература и воошптшо, на пошроката област на македонската култура, денешното излагање го посветувам на поетот, македонист и научник Блаже Конески.


Во своето јубилејно обраќање по повод 100- годишнината од објавувањето на Прличевата поема Седарот, професорот Иљоски ќе рече: ако ние и покрај својата понесена устременост во иднината правиме повремени јубилејни обѕрнувања назад на датуми, настани, личности и творби од нашето минато, тоа значи дека сме имале такви историски, културни и уметнички вредности кои не можат да паднат во заборав и кои како високи и трајни вредности го продолжуваат својот живот и денес, влевајќи се во живите текови на нашата современост.


Со својот лик и дело, Конески постанува темелник на современата македонска литература, а воедно го поставува мостот меѓу традицијата и современието, станувајќи непосредно заслужен за растежот на нашата култура во нејзината комплексност, понесувајќи ја мислата од провинциската анонимност кон граѓанството на светот и современието, како што самиот Матевски ќе забележи.

Уште од својата рана возраст, Конески пројавува исклучителна интроспективна и обсервативна способност, со што ќе бидат поставени темелите на подоцнежното негово плодно творештво.


Неговите најрани впечатоци се забележуваат во поезијата преку која ја открива мислата инкарнирана во зборот, вградувајќи го за него особениот филигрански сентимент во својата поетика. За време на својот живот објавува четиринаесет поетски збирки кои, гледани преку нивната хронологија сведочат за искуственитот, личниот и професионален развој на Конески, едновремено како поет, и како човек.


Навлегувајќи во оваа дихотомија на Конески и поезијата, интересно е да се согледа неговиот индивидуален пристап и согледба кон истата.

Останувајќи доследен на својот нарав од своите најрани денови, до староста Конески, преку мислата и делото го гради името на својот „човек“, изделувајќи се од именката на поетот со големо „П“ како што самиот ќе рече, во еден од разговорите со Цане Андреевски.


Ваквата непристрасност кон поезијата како своевидна интелектуална апотеоза на личноста, над општата човекова природа, отвара вивидна интроспекција во интимната сфера на Блаже Конески како човек, изделен од името и делото кои следуваат попатно како браздите на оној кој со љубов ја ора својата нива, знаеќи дека посадува храна од која ќе расте неговото наследство.


За таквиот пристап, самиот ќе појасни во еден од одговорите во дијалогот со Андреевски: И сега имам поголемо сфаќање за тие поети што порано малку сум ги кудел, бидејќи моето становиште беше, и сега всушност тоа не е променето, дека не треба да се дивинизира поетот. Дека нашиот занает е исто занает како и другите. И треба да се цени мајстор во секој занает. А не автоматски приоритет да му се дава на занаетот, па со голема буква да се пишува поет и поезија. И така да се создава една сосема романтичарска слика и за мајсторот и за мајсторијата.

Блажевата методологија на творештво и работа се заснова на високите морални поставки усвоени уште во најраното детство, на кое неретко се навраќа, познавајќи ја искрата од која ќе постане високиот оган.


Своето поетско творештво, Конески за прв пат ѝ го претставува на јавноста со песната Мостот објавена во 1945та година.


Оттогаш, се забележува еден континуиран тек и динамика на мотивската заснованост на стиховите, напоредно со непрестана формација на изразот кој иако се менува со текот на искуствата и годините, се задржува до дефинирачките стожери чија подлога се поставува во фолклориот мотив, љубовта, човечноста, етичкото пристапување и јасноста на изразот.


Минатото лето, во еден разговор со баба ми за нејзините студентски денови на филолошкиот факултет во Скопје, ми го подаде нејзиното сведоштво за Конески како човек и професор. Соодветно, како прилог на претходните излагања, ќе илустрирам со извадок од нејзиното кажување:


Како професор воопшто не беше строг и јас лично му замерував, во себе, интимно и дома навечер пред да си легнам размислував, дали професорот при процената на знаењето на студентите е во право.. затоа што зошто при слаб одговор, тој ги пушта.. занаеш, ќе му даде една шестка.. можеби не на сите, но оние што се на клацкалка.. дали да оди надолу или да оди нагоре.. многу беше интересен човек.

Кога ќе застанеш со него да разговараш ти знаеш дека пред себе имаш академик, голем интелектуалец, на пошироко ниво, и југословенско.. имаше знаење и мисла и од обичните работи ги читаше и болките на сиромасите и лажните радости на богатите... да.. го сакав јас многу..


Едноставниот поетски и воопшто, говорен израз е дефинирачка особина на творештвото и дејноста на Конески кој самиот ќе рече „ако не умеам на студентите, материјата која е тешка, да им ја пренесам со едноставни зборови, значи дека самиот не сум ја разбрал“. Воедно, јасно е да се посочи, дека едноставноста на изразот е највисока инстанца на творечкото мајсторство.


Во својот широк творечки опус, ретроспективно се забележува дека голем дел од неговите песни се мотивски посветени на личности, места и настани кои создаваат една своевидна лирска автобиографја, според зборовите на професорот Тоциновски. Конески верува во вредностите што ги носи комуникацијата со луѓето и говори за величието на незнајните, кои се неоткинат дел од неговиот тек и постануваат двигатели на едно бранување. Како одговор на едно прашање исходено од овој елемент на неговото творештво, во објавените дијалози со Андреевски, ќе рече :„Јас тука мислам дека постапувам како еден нормален човек. Не сметам јас дека величието им припаѓа само на оние што стекнале публицитет, слава, богатство, моќ. Јас не сум сигурен дека поголема сила честопати нема во оние кои ги нарекуваме прости луѓе. Може така да ги викаме во недостаток на посоодветен израз.“


Како што веќе споменав, творечката методологија на Блаже Конески се заснова на силни етички постулати кои се поставени уште во неговата најрана младост, по примерот на достоинствената семејна устроеност. Во своите поетски описи, авторот е дискретен и секогаш пристапува отворено, но со одмерен и прочистен израз, воедно оградувајќи се од експлицинти и ласцивни елементи, инаку својствени за тогаш новиот бран во современата поезија.


За овој аспект на своето творештво, Конески ја отфрла таквата мотивска тенденција и еротизирана портретизација на љубовта, односно жената, сметајќи дека тоа се коси со суштината на поезијата, претсавувајќи само натуралистички пристап кон реалноста.


Во своето подоцнежно творештво, неговиот израз предочно ја прифаќа кусата експресивна форма, и мотивската подлога постанува мошне интензивна и кондензирана во малиот простор, како талог од она што останува неменливо по силните измивања на брановите низ кои минува животот.


Својата старост, Конески ја опева во своите две последни збирки „Небеска река“ (1991) и „Црн овен“ (1993) каде видно се посветува на ретроспективно заклучување и конзервирање на животнте слики и искуства, наслушнувајќи го нивниот оддек во малите нешта кои во младоста останале незабележани. Ова особено се предочува во второнасловената збирка, со која воедно се заокружува неговото животно творештво. Во продолжение контестуално приложувам две песни од насловените стихозбирки:


ХОТЕЛИ

Сега

од оваа раздалечина

животот ми се чини

иситнет на ситни денови и ноќи

во вашите соби,

случајно отворени за мене

од Охрид до Иркутск,

од Штип до Бостон,

вкрст

Кој да го состави сега пак тој филм

од измешани сликчиња!

Сонувам

заборавени броеви,

загубени клучеви,

расипани лифтови,

некаде зафрлен багаж,

неплатени сметки –

да пропадне човек вземи од срам!

О, случајни пристаништа

за мојата заскитана галија,

кој ќе ми го врати сега парчосаното време,

Да го предоживеам,

макар во споменот,

како непрекинат тек!

Боли сè што се видело и што се случило.


(Небеска река 1991)

***

БУДЕЊЕ

Се засолна невиден некој

што саноќ ме држел во стег.

И ноќеска чемерот длабел –

навалува подлокан брег.

СПОРЕД А. С. ПУШКИН

Не дај, Боже, од ум да се шекнам.

Дај ми, Боже, да скипнам, да секнам.

(Црн овен 1993)

***

Блаже Конески е македонскиот преродбеник во современ контекст кој се положува како мост помеѓу провинциската анонимност и широкоразбрануваниот развоен тек на новото општество и светот и со тоа непосредно учествува во создавањето на современата македонска литература, иднтитет и култура. Спомнувајќи си за неговиот лик и дело, ја продолжуваме неговата традиција преку која расне новото време чиј тек треба да се прифати и бодро да се понесе.


Воедно, Конески е човек кој во себе го пронаоѓа поетот со кој фигуративно го именува интимното, неменливото и суштиснкото, љубовта со која го создава светот кој останува да живее преку неговото дело и да постои во темелот на македонското современие.


Со својата последна стихозбирка, поетот го заокружува својот живот, своето дело и своето пребивање во светот, не преку своето име како македонист, интелектуалец, професор и академик, туку како човек- поет кој за својот живот ќе посведочи преку стиховите. Песната на вистинскиот поет расте заедно со него, а поетот ја живее својата песна. Стиховите се неговите крилја, а птиците живеат и умираат пеејќи.


Неговата последна песна е напишана непосредно пред неговата смрт на 7ми декември 1993 година. Во продолжение ја приложувам истата со нејзиниот автограф, преземен од инстаграм- профилот на Пепи Стамков (@theoneandonlypepistamkov), кој пак ја презел од книгата Лирската биографија на Конески (Слово, 2019), кон кого изразувам голема благодарност за пружената помош и топло расположение за соработка.

ЗИМСКО УТРО

Молчи зимското утро.

Се стуткало в соба, како куче.

Уште не му се излегува надвор.

Студи.

Под мојот прозорец

и додека цвркоти и си рипка шалава

сипка:

сип, сип, сип!

и тоа како порив за живот

во мене пак да буди.

(29 ноември 1993 г.)

Comentarios


bottom of page