top of page
Writer's pictureКултура β

Човечко клонирање: Морално или не?

Етичкото прашање за клонирањето постои од првиот момент кога луѓето доаѓаат до заклучок дека тоа на некој начин е возможно. Помислата на имање некој генетски ист како тебе, може да биде премногу страшна или од големо олеснување. Па поради тоа би сакала да ги разгледаме добрите и лошите страни на оваа научна магија.


Најпрво би објаснила што е клонирањето, процес на репродукција на идентични единки. Тоа може да биде природно (близнаци) или вештачко (во лабораторија). Клонирањето се објаснува како процес на креирање идентични клонови од организми или копии од клетки или ДНК фрагменти.


Човечко клонирање е креирање на идентична копија на човек и обично се користи кога тоа се прави по вештачки пат. Има два теоретски видови на клонирање на човек, едниот каде се клонираат одредени делови од клетки кои се користат во медицината или за трансплантација и другиот, каде се клонира цел човек, не само одредени делови на клетки и ткива.


Инспирацијата за оваа тема ја добив кога го читав есејот на Мајкл Тули „The moral status of cloning humans“, каде тој ги објаснува моралните и неморалните страни на клонирањето. А сега бидејќи имаме основно познание за што е тоа клонирање можеме да ги видиме за и против аргументите.


Дали е од голема важност да се биде генетски уникатен? Дали човек има право на уникатен геном? За некои луѓе уникатноста е од голема важност, но двајца луѓе можат да бидат идентични на среќа, како на пример идентични близнаци, доколку се работи за тоа дали човек има право на уникатен геном, можеме да заклучиме дека одговорот е не бидејќи никој не мисли дека имање близнаци е нешто лошо, па дури и тие единки не се прашани однапред дали сакаат да имаат некој што ја дели нивниот генетски материјал, плус никој не е загрозен доколку го дели истиот геном со тебе.


Тули понудува неколку објаснувања зошто клонирањето може да се поддржува: Ќе добиеме поголемо научно знаење, можеме да клонираме луѓе кои придонеле во општеството, ќе се подобри врската помеѓу родителите и децата, бидејќи веќе родителите знаат што значи да се биде истото тоа дете, ќе им помогне на стерилни луѓе, хомосексуалци, и може да се спасуваат повеќе луѓе со тоа што ќе се клонираат совршените органи за секој човек.


Но иако има аргументи кои ни укажуваат на тоа дека клонирањето може да ни биде од голема помош, сепак како и со сè, го имаме големиот страв од тоа како клонирањето може да биде злоупотребено. Иако тие клонови се генетски еднакви, не смееме да заборавиме дека тие се еднакво луѓе колку и ние, со мисли и чувства. Па проблемите во кој доаѓаме се масовното креирање на идентични единки, замена на човек кој починал со идентична копија од него, нарцизмот во копирање на самиот себе и секако давање на право човекот да ја игра улогата на Бог на вештачки начин. Исто така, креирање на огромен број на донори за органи, каде само земањето на тие органи од нив е убивање на самите единки. Но, доколку тоа се само посебни органи без човечки мозок кој ги контролира, тоа може да биде од голема потреба за луѓето кои не можат да живеат без одреден орган кој им е потребен.


Прашањето за уникатност можеме да го прашаме повторно но овој пат не само на биолошки начин туку и на психолошки. Доколку една индивидуа е репродуцирана на вештачки начин преку човечки дизајн, тоа може да доведе до огромна конфузија кај човекот, неговиот идентитет и индивидуалност. Исто така со процесот на клонирање, креацијата на човечко суштество, станува од потомство во производство.


Па тука се поставуваат прашањата, доколку научниците ја имаат можноста за клонирање, како би изгледала нашата иднина? Кој би го имал правото на имање индивидуа еднаква со него или некој негов сакан? Дали човекот би станал еднаков продукт со оној на полицата во вашата најблиска продавница?

Comments

Couldn’t Load Comments
It looks like there was a technical problem. Try reconnecting or refreshing the page.
bottom of page