2020, 2020, 2020. Засекогаш запаметена, колку и да посакуваме да ја заборавиме. Памтам како започна сè – еуфоријата, во облик на надеж дека новата декада ќе биде најпрекрасна на цел свет, за кратко време се замени со безброј стравови и секојдневни разочарувања. Пожарите во Австралија, муабетите за можноста да посведочиме на Трета светска војна, смртта на најголемата кошаркарска легенда, во само неколку дена. Го памтам и моментот кога, седнати кај другарка ми, зборувавме конкретно за овие три настани и се прашувавме „зар може да биде полошо?!“. И, така, пустите ние – не сме ни знаеле дека навистина има шанса и од лошото да има полошо. Годинава така ќе биде запишана во историјата, како несреќна година која сите 12 месеци успеваше да нè изненади со по неколку неубави вести – некои краткотрајни, други со свој вечен белег, но сепак, што ни останува на нас освен да продолжиме да живееме?!
Главниот настан кој ги одбележа нашите животи, не само годинава, е глобалната пандемија. Би ја поделила пандемијата на два дела – првиот дел започнува со огромна паника и мартовскиот страв од непознатото кои се претвораат во сончева надеж за подобар свет во кој луѓето се во хармонија со природата, си се сакаат себеси, споделуваат љубов со своите луѓе, танцуваат, пеат и создаваат уметност. Тие сè уште не знаат што ќе се случува во летните денови, но сепак веруваат во можноста сè да се среди, да се оди на летување и сè да се врати „во нормала“. Накратко првиот дел ќе го наречам „страв кога и како повторно ќе се живее“. А, вториот дел од пандемијата, за жал, надежта ја претвора во големо разочарување, зголемени бројки на заразени, преполни болници, уморни доктори и уште поголем страв, овојпат „страв дали воопшто ќе се преживее“.
Во првиот дел од пандемијата, луѓето се затворија во своите домови и почнаа да се преиспитуваат себеси, сопствените вредности и животни одлуки, седеа на сонце и шетаа во парк, ги уживаа најмалите мигови во денот кога утринското кафе е највкусно, зелениот чај најдобар и појадокот најбитен, музиката и плејлистите, стилот на облекување, начинот на зборување и однесување - сè си доживеа промена, во најчистата смисла на зборот. И, еве сме при крајот на вториот дел од пандемијата кога луѓето веќе не можат да издржат. Онлајн школо и онлајн работа, четири ѕида и тишина, загаден воздух и рано стемнување, зима и студ – мислам дека сето тоа влијае на расположението.
Силно верувам дека сè што започнува со надеж има потенцијал да заврши убаво, колку и да било лошо, тешко и болно. Еве, чекајќи ја вакцината и деновите кога слободно ќе можеме да се движиме, гушкаме, туркаме по автобуси, танцуваме во диско и на концерти, патуваме низ цел свет...би сакала да ве потсетам на сето тоа што треба да ѝ го оставиме на неубавата 2020, најголемите лекции од пандемијата, како и животните правила што треба да ги понесеме со нас во новата 2021.
Живеење во минатото и иднината, стравот од промени, игнорирањето на проблемите, желбата да им се свиѓаме на сите, премислувањето на секојдневните случки и настани, мислењето дека сме поинакви од другите, не сме доволно добри и немаме некоја посебна цел во животот и губење на времето на социјалните мрежи треба дефинитивно да ѝ ги „подариме“ на неубавата годината која целосно ни ги промени животите. Лично, најбитните лекции кои ги научив годинава се поврзани со себеси – грижата за себе е повеќе од битна во миговите на осаменост, слободата не е секогаш целосно слободна и треба да ја цениме во секој миг од нашето постоење, времето што го имаме на овој свет е ограничено и треба да се искористи паметно и внимателно, а контролирањето на нашите емоции е единствениот клуч за спокојство. Сите овие лекции се сега дел од мене, од мојот нов начин на гледање на реалноста и животот.
А, што да понесете со себе во Новата година?! Љубовта. Љубовта што ја почувствувавте кога првпат погледнавте во синото небо за време на карантин, кога првпат ги забележавте сончевите зраци и кога првпат посакавте да имате крилја да летнете онаму каде што се чувствувате добро. И љубовта што ја пронајдовте или создадовте во моментот кога сфативте дека, за жал, немате крилја и единственото нешто што ви останува е да нурнете во длабочините на својата душа. Љубовта што почна да живее во вашите обиди да напишете поезија, во вашата прва скица или уметничко ремек-дело, во вашето прво зготвено јадење или во новиот јазик кој почнавте да го учите. Љубовта во сите филмови и серии што ги изгледавте на Нетфликс, сите плејлисти кои ги направивте на Спотифај и сите инспиративни луѓе на кои „налетавте“ на Тикток. Со себе понесете ја љубовта кон човекот, кон животните и кон природата, кон семејството и кон домот во кој живеете и секако, љубовта кон животот. И, не заборавајте дека вие сте си самите MAIN CHARACTER во животот кој секојдневно го креирате.
Се надевам дека во Новата 2021 сите ќе бидеме здрави и среќни, ќе се смееме и гушкаме, ќе одиме повторно на концерти и засекогаш ќе ги фрлиме маските и средствата за дезинфекција. Следуваат тешки периоди, не велам не, но ние сме тие кои имаат моќ и од најтешкото време да извлечат животни правила за безусловна радост и вистинска слобода. Никогаш не знаеме кога ни е последниот ден на светов и баш поради тоа, љубовта треба да ја (с)поделиме сега, бидејќи некогаш може и да е предоцна за топол збор, поддршка на саканите и втора шанса за вистинското живеење на животот.
Comments