• Култура β

Јана Матевска: Зошто не треба да чекате да дојде петок

,,Петок? Омилен ден ми е!” ќе ти каже кој и да го прашаш. Ден кој претставува слобода, одмор и на некој начин крај на сите обврски кои ги имаме во текот на неделата. Ден кој веќе не чекам да дојде со нетрпение, а ќе ви кажам зошто не треба ни вие.

Родена сум во 2003-тата година и сум летно дете, па сега сум сведок на родендените на моите врсници поточно на зимските деца. 18 години ли наполнија?! Кога помина времето се прашувам постојано. Како вчера да беше кога седнавме во училишните клупи како мали и изгубени првачиња. 18 години не се мал период, па пак се прашувам, како ли поминаа дури да трепнеш? Несвесно растеме и несвесно го гледаме нашето детство како ни минува пред очи и сето тоа се случува толку брзо поради една единствена причина. Нестрпливото чекање. Звучи чудно, но ние постојано едвај чекаме нешто да дојде. Чекаме да дојде крај на школскиот ден, крај на работната недела, крај на школската година, да дојде летен распуст, зимски распуст и по некој неработен ден. Чекаме да дојде петок, а со тоа секојдневно губиме скапоцено време. Несвесно го правиме тоа, луѓе сме и нормално дека едвај чекаме нешто убаво да ни дојде. Нешто што за нас претставува светлина и радост и ни буди насмевки на нашите лица. За жал, тука ја правиме големата грешка. Чекајќи го петок, ние сосема им ја одземаме големата вредност на сите ситници кои секојдневно,а не само еднаш во неделата ни создаваат насмевки на лицата. Телефонскиот муабет со баба во понеделник, јадење на нашето омилено јадење во вторник, среда и сонцето кое се појавило на синото небо, четврток и прошетката низ маало со другарка се само некои ситници кои ни кажуваат дека секој ден е исполнет со вредни нешта кои ние упорно ги занемаруваме како да се небитни. А петок? Петок исто како и секој ден од неделата мора да носи нешто убаво со себе. Можеби ќе не расположи слушањето на нашата омилена песна на телевизија или пак едноставно ќе не расположи тоа што малку ќе се одмориме по напорната работна недела, петок како и секој друг ден ќе дојде и ние не мора постојано него да го чекаме. Чекањето на петок или пак викенд, нé тера да размислуваме дека секој друг ден е досаден и мачен и наместо да ја гледаме светлата страна на работите, ние го гледаме негативниот факт за понеделник како почеток на работната недела или пак вторник, денот кога правиме некој тест во училиште. Наместо да чекаме, зошто за промена не почнеме да го живееме секој миг од денот? Кога ќе почнеме да се свестуваме и да ги вреднуваме сите моменти и случки во денот без разлика на тоа колку се позитивни или пак негативни, ќе сфатиме дека животот е една прекрасна сложувалка. Некои делови се лесни и веднаш ќе ги склопиме додека па за некои ни е потребно повеќе време време. Но што е убавината на секоја сложувалка? Се разбира убавината е крајната слика која ќе ја добиеме, но и фактот што никој не нé брза да ги споиме сите нејзини делови. Можеби некогаш ќе сакаме да се откажеме кога ќе видиме дека сликата пред нас е нешто неубаво и нешто кое не сме замислувале дека ќе излезе такво какво што е , но ако мислиме дека така сме ја завршиле оваа наша сложувалка, очајно се лажеме. Не сакам да ви ја кажам крајната слика на сложувалката, а вистината е дека и не ја знам. Не ја знаете ниту вие, но во тоа е убавината. Убавината се секојднените изненадувања кои ни ги носи животот и сите делови на оваа наша сложувалка. Убавината се крие во сите делови од годината и во секоја ситница која секој ден, не само петок, ја носи со себе. Животот е прекраток и еден ден ќе сфатиме дека ни поминал во еден здив. Зарем тој со себе ги носи сите тие убави нешта за ние да седиме со врзани очи, занемарувајќи ги сите денови и чекајќи го петок?

612 views

Recent Posts

See All