top of page
Writer's pictureКултура β

[20:12 // обратната] - Дамјана Видическа

Кој ти ги гази косите

за да те срамни со земја

та те тера да му се молиш

и бацуваш нозе.

Зарем има толкава нељубов

во љубовта што ти ја дава,

та ти сечи колена

кога ќе му пресечеш пат.

Нема ништо потажно

од самиот чин да си вечно тажен,

предводен од твојот лажен Бог,

зашто од дома те научиле да веруваш,

а, во што ни самите не паметат,

зашто кога се раѓаме

мајките му се молат на Семоќниот,

та го колнат кога ќе изр’тиш.

А, какво лицемерие ни носат татковците,

кога ќе ти речат не прави лошо,

а те учат да мразиш,

дури и пиштол в раце би ти дале

за да се “заштитиш”

од сè што е обратно,

незнаејќи дека тие самите

се коренот на Обратното,

дека ги води злоба.

Затоа, те сфаќам,

ќе се срамниш со земја,

ако треба сам гроб ќе си ископаш,

за само да не им штрчиш

на оние што те израснале

за на другите да им се докажат.

И кога целосно веќе

ќе станиш дел од орото,

наместо на крај,

ќе си на самиот почеток -

водејќи го.

 

Дамјана Видическа е поетесата која зема учество во дванаесетиот ден од нашиот двонеделен циклус со поезија. Таа доаѓа од Охрид, по професија е наставничка по англиски и германски јазик, но од поодамна пишува.


„Имам издадено 3 книги („Мојата фамилија“, „Седумте желби“ и „Бруклин“) и моментално подготвувам нешто друго. Покрај тоа се бавам со фотографија и јазици. Имам пишувано доста за публицитет.мк, Радио МОФ, Медуза... Најчесто сакам да пишувам сатирични колумни и критики за општеството и темите коишто денес сè уште се претставени како табу (сексуалност, феминизам, расизам итн.) Исто така, во последните неколку години стриктно пишувам и поезија, бидејќи сметам дека тоа е најчистиот медиум на емоциите.“ додава Дамјана за себе.

Comentarios


bottom of page