Во сабота (11.2.) со почеток во 18:30 во кафе-книжарницата „Буква“, нашето неформално здружение за култура го прославува својот трети роденден со настан составен од неколку елементи: книжевен разговор, поетско читање, свирка, изложба.
18:30
ЛИРСКИТЕ ЕЛЕМЕНТИ ВО „ГОДИШНИ ВРЕМИЊА“ НА ЈУЛИЈАНА ВЕЛИЧКОВСКА

Како прв дел од роденденската програма го најавуваме настанот посветен на лирските елементи во романот „Годишни времиња“ на Јулијана Величковска. Краток разговор за романот, читање на одломки од него и потпишување на книгата која ќе биде достапна на продажба по промотивна цена.
20:00 ПОЕТСКА ЕПИЗОДА #4 | Од љубовта треба да се пазиме

Ја најавуваме четвртата поетска епизода посветена на љубовна и еротска поезија. Своја поезија, туѓа поезија и препеви ни читаат Александра Спасеска, Јулијана Величковска, Д.А. Лори, Ива Петреска и Марија Костиќ од Србија.
Модератори на епизодата ќе бидат Андреј Медиќ Лазаревски и Калина Качоровска.
22:00 СВИРКА НА „ЗАНАДУ“

Занаду е млад бенд од Скопје, кој не верува во жанровски ограничувања, а на музиката гледа како слобода за канализирање на моментална емоција, импулс и енергија. Слободното течење и храброто пливање низ жанрови, ритмови и фрекфенции се начини на кои пробуваат да го пронајдат звукот што најдобро ги дефинира. На 15 декември 2022 во етер го пуштија деби албумот „Соништа“.
Во текот на целата вечер ќе трае изложба на поезија, фотографии и цртежи. Види помалку
Во текот на целата вечер ќе биде поставена изложба на поезија, фотографии и цртежи од 30-тина автори, а ќе биде достапно да се купи и новото, трето, издание на студентското културно списание „Умник“.
Овој роденден го посветуваме на симболот за прекината програма е симбол-потсетување на тоа што би се случило кога уметноста во еден момент би прекинала. Лицата кои (ќе) се појавуваат над симболот за прекината програма се симболи на будноста и работата на одржувањето на таа уметност. Уметноста која главно ја одржува програмата во живот е алтернативната и независната сцена која неуморно и со години наназад се бори за унапредување на таквата сцена, која се бори за креативност, продуктивност, живост, будност, тоа е таа уметност која не може и не смее да биде прекината! Уметниците кои, пак, го прават сето ова се неуморни борци за унапредувањето на независната сцена која е стожер на културата кај нас. Затоа овој наш трет роденден го посветуваме на потсетување на симболот на прекината програма и на тоа зошто овој симбол не смее да се појави на уметничките сцени, екрани, галерии...

Двата црвени круга преклопени еден на друг, се спојот на љубовта и на поддршката – тоа се двата клучни мотива преку кои оваа независна сцена се развива и со нив опстојува. Алтернативната сцена и независните уметници не се луѓе кои се принудени да работат, туку тие работат љубејќи ја својата работа. Алтернативната сцена и независните уметници успеваат во таквото љубење бидејќи меѓусебе се поддржуваат. Ваквата меѓусебна поддршка значи заедништво, соработка, меѓусебна помош, пофалба, критика, другарство, финансии... Затоа овој трет роденден го посветуваме на двете клучни вредности на независната сцена – љубовта и поддршката, бидејќи без нив оваа сцена ќе е мртва.
Водејќи се од идејата за потребата на негување на независната сцена во нашето општество, ентузијастично започнавме создавање мрежа на млади поети, писатели, сликари, фотографи, музичари, колумнисти, екологисти, активисти; започнавме со создавање на платформа за вмрежување на овие уметници и активисти и со создавање простор за нивно полесно, појавно, поприсутно изразување, започнавме со создавање на место каде што уметноста и културата сфатени во најширока смисла ќе добијат простор каде ќе бидат застапувани, негувани и промовирани независно, слободно и вонинституционално. Тргнувајќи од идејата дека постои некоја ‘алфа’ уметност која е комерцијална, институционална и наменета за широки јавни маси - ја создадовме ‘бета’, Култура ẞ, која ќе биде еден од претставниците на вистинската и културна култура, на независната и алтернативна уметност.
Па така, во овие три години се објавени над стотина песни и раскази од млади автори, реализирани се над педесетина муабети со млади бендови, уметници, креатори на мали креативни бизниси, објавени се стотина колумни и десетина философски беседи за кои сметаме дека се од исклучителна важност и токму преку нив се слуша гласот на младиот човек, покриени се над педесетина настани, напишани се импресии, осврти и рецензии за седумдесетина книги и филмови, започнавме и со подигање на свеста за екологијата и заштитата на животната средина како значаен дел од културата на секој млад човек, споделивме мноштво музика, поезија, фотографии, ликовна уметност – сето ова со цел насочена кон креирање на една платформа која ќе е архива на сѐ што тековно се создава во младинската и независна култура од една страна и создавање на платформа која ќе ја развива и подржува истата таа култура од друга страна.
Особено се радуваме што во последниов период се развија повеќе вакви младински неформални дружини кои со нас делат исти или слични вредности, а се радуваме и на неколку места во градов и земјава кои отворено ја покажуваат поддршката на истите тие вредности. Па така, важно е да се споменат „Гола Планина колектив“ како дружина на млади независни музичари, “Antidote Community” кои неодамна се појавија на независната сцена како поддржувачи на младинската музичка, ликовна и поетска уметност, секако кафе-книжарницата „Буква“ која во нејзиното двегодишно постоење е домаќин на речиси секој наш настан и со своето дејствување сериозно придонесува кон развојот на културната сцена во Скопје, издавачката куќа „ПНВ Публикации“ и „Скопскиот поетски фестивал“ како најголеми подржувачи и промотори на млади автори, социјалниот центар „Дуња“ кој е уште една можност за уметнички развој, „Шортбас“ како уште едно културно јадро во градот кое секогаш нудело богата независна културна програма, студентското списание за култура „Умник“, „Храмина“ кои потсетуваат на важноста на негувањето на македоснкиот јазик и книжевност, „Медуза“ како значајна феминистичка платформа, „Радио МОФ“ како медиум кој ревносно известува за младинско-уметничките случувања, „Скала магазин“ и „Дигиславија“ – платформи фокусирани на визуелната уметност, издавачката куќа „Бегемот“, фестивалот „АртАреа“, издавачката куќа „Или-или“, „Филозофскиот филмски фестивал“ и секако Младинскиот културен центар, но и уште мноштво, мноштво места, платформи, дружини, организации, фестивали кои с(м)е здружени околу слични цели.
Борбата за развој на културна култура и вистинска уметност е заедничка, а љубовта, поддршката, вмрежувањето е клучно за таа борба. Затоа на сите им честитаме што се дел од сцената и што се дел од оваа борба за нејзин развој. На 11ти февруари во Буква со дел од овие луѓе го славиме ова, а во нашата следна, четврта, година најавуваме уште куп настани, отворени можности, идеи, соработки... Никогаш да не се појави знакот на прекината програма!

Се гледаме во сабота!
Comments