top of page
Writer's pictureКултура β

5 мај 1945 и неколку зборови за македонскиот јазик


5 мај 1945. 5 мај 1945 година е датум кој го научив напамет пред околу десетина години и никогаш не го заборавив! Еден од најбитните датуми од нашата историја и датум кој треба да се слави секоја година како најпосебен и најзначаен. Денот на македонската азбука и денот на македонскиот јазик. Среќен, најсреќен!


Во мојот скромен свет, секој ден е ден на македонскиот јазик и јас со гордост го почитувам и ценам. Не велам дека не сум ја имала привилегијата, од мали нозе, да го научам јазикот, да ги сфатам граматичките правила и да го совладам правописот, но благодарна сум што тоа е така. Многу повеќе сум благодарна што навреме ми било укажано што учиме погрешно од учебниците (на пример, големата грешка дека св.Климент ја создава кирилицата и нелогичноста зад тоа тврдење) и што треба засекогаш да запомниме (на пример, дека „без јазикот ќе си недостигаме самите на себе оти само јазикот никогаш не нè оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме“).


Големиот Стефановски, низ песна ќе рече: „Читаме и пишуваме, во секоја прилика, златно писмо, златни букви – кирилица! Да ја сочуваме од секоја неприлика, нашата прва азбука – кирилица!“. Се сеќавам колку бевме малечки кога наставничката по македонски јазик ни говореше за Крсте Петков Мисирков и за Блаже Конески. Дете што чита и го познава јазикот, многу појасно ги гледа неправдите што му се случуваат на народот. Во тоа, време, ние не можевме ни да претпоставиме што ќе ѝ се случи на нашата татковина во годините што следуваат, но знаевме дека „јазикот е единствената наша комплетна татковина“.

И сега, кога татковината знае да нè разочара и кога луѓето во неа се поделени на безброј начини и кога секој за себе мисли дека е најумен, најначитан и најстручен, што ѝ останува на младината и како таа да го зачува единственото нешто кое останува (непроменето)?! Како што се менува светот, така се менуваат и новите генерации. Се менува културата, а со самата култура, промени доживува и јазикот. Секојдневно се соочуваме со недостиг на зборови кои му припаѓаат на новото време во кое живееме, па ни се наметнува прашањето дали нашиот јазик е навистина сиромашен?!


Блаже Конески, има одговор на штотуку поставеното прашање: „Ние сме обично готови да примаме, без многу мислење, дека нашиот јазик си е сиромашен. Што да се прави – треба да се земе отстрана... Ама до колку е тоа вистина? Да не претеруваме кога ја издигаме безусловно таа констатација? Мене ми се чини дека би требало да си речеме вака: да, нашиот јазик, како литературен, треба уште многу и многу допрва да присоздава и присобира – тоа е вистина, туку уште посигурна вистина е дека ние не си го познаваме арно јазикот и таков каков што е, и со тоа што тој денеска го има и што може да ни го предложи за употреба“.


Понекогаш низ мислите ќе ми прелета некој убав македонски збор. Колку убаво звучи зборот „течение“ или, можеби, „краснопис“! Прекрасно. А што мислите за „мисла“? Или за зборот „воздишка“? „Сениште, копнеж, надеж, спокојство, бајка... “ или Шоповата „небиднина“ (мојот омилен збор, засекогаш).

Да, за голем број поими од науката, од општествениот, државниот и политичкиот живот и за уште толку поголем број поими поврзани со технологијата, користиме туѓи зборови. Факт е дека за истите тие поими, нашиот литературен јазик не располага со нови и соодветни зборови. Дали затоа што не ни е важно или затоа што сме мрзливи и некреативни да изнајдеме нови, наши, македонски зборови!? Прашањето кое сè почесто ме мачи е како, бидувајќи во чекор со времето, да го збогатиме речникот на нашиот јазик?

И за ова прашање, како и за претходното, Конески има свој одговор: „Не помалку важно е во оваа смисла образувањето на нови зборови, со припомош на живите изградувачки елементи на јазикот. Зборот се создава при сврзување на неговата основа, што го носи неговото основно значење, со извесна продуктивна наставка што го специјализира тоа значење. Тоа е природниот процес на јазичното творење во областа на речникот. Македонскиот литературен јазик треба да биде навистина македонски. Треба да го бараме нашето.“


Понекогаш се прашувам како, покрај толку многу напишани книги на македонски јазик, сè уште има простор да поставуваме прашања. И зошто сè сведуваме на прашања, кога ништо не преземаме? Да не ги игнорираме проблемите, туку да се соочиме со нив. Ни недостасуваат нови зборови кои и во светот се нови и универзални, но исто така нашиот јазик е сè освен сиромашен. Имаме прекрасни зборови кои заслужуваат да бидат споменувани и користени, дури и во 21 век. Имаме стари и вечни писатели чии дела не смеат да згаснат, но и новите имиња не се за потценување. Имаме сè, бидејќи го имаме јазикот како татковина! И кога сите возрасни ќе замолчат пред неправдата и (од оправдани причини) ќе престанат да се борат за посјајна иднина во Македонија, јазикот сè уште ќе остане наследство од предците кое ние, младите, имаме должност да го зачуваме. И не само што треба да го зачуваме, туку и да го збогатиме.


И за крај, би сакала да кажам дека љубовта кон својот јазик е доволна за да опстоиме и за да се преброиме. Навредите и говорот на омраза кон народот што не е македонски, нема да ве направи поголеми патриоти, ниту ќе ви помогне да го зачувате тоа што е ваше. Сакајте си го и почитувајте го мајчиниот ни македонски јазик, но не ширете омраза и погрдни коментари.


Пишувајте и негувајте ја својата азбука и не заборавајте: „Наша е иднината. А, тоа значи дека станува наше и минатото!“



コメント


bottom of page