top of page

5ти мај- Ден на Македонската азбука

Writer: Софија ТодороскаСофија Тодороска

Григор Прличев се смета за следбеник на поетското пионерство во македонската субјективна уметничка лирка чии темели ги поставува Константин Миладинов, но едновремено се предочува стилската несразмерност на двајцата поети чие творештво изискува нови јазични поединости. Прличев е поет кој во својата вонвременост го среќава страданието на творец кој не располага со утврден јазичен концепт кој ќе биде достоен за стилската возвишеност на изразот и чувствувајќи ја животната потреба да даде одзив на творечкиот порив се осврнува кон туѓ јазик, што пак му го наметнува трновиот венец, како што ќе забележи самиот Васил Иљоски.


Во друга прилика, големиот поет Кочо Рацин ќе рече „За мене зборовите не се само звук, тие имаат свои облици, некои се тркалезни, некои прави, остри, некои се меки како памук, некои тврди како метал и остри како острилото на ножот... Да ги напишев моите стихови на српскохрватски (...) би биле апсорбирани „интелектуално“, „идејно“, помалку непосредно, помалку спонтано, помалку како музика, звук, шум, како боја и миризба, можеби како политички трактат во стихови. Јазикот- тоа е големата сила на народот, на нацијата. Да му го земеш јазикот значи да му ја земеш душата, да го лишиш од неговиот персоналитет...


Добивајќи своја единствена азбука подобна на македонскиот дух, нарав и говорни одлики, нашиот народ добива силно признание за својата посебност која ќе продолжи да се потврдува не само преку неговото вековно битисување меѓу народите, туку и преку неговото отелотворување во пишаниот збор, а притоа пренесувајќи го не само материјалното, туку и духовно наследство.


Со решение на Народната Влада на Република Македонија, на денешен ден во далечната 1945 беше усвоена официјалната азбука на македонскиот јазик. Со овој чин беше утврдена посебноста на нашиот јазик и консолидирана македонската самобитност како посебен народ со своја историја и традиција.


Официјалната македонска азбука е изработена врз основа на кириличната азбука на Крсте Петков Мисирков со неколку карактеристики (ортографски знаци) преземени од азбуката на Вук Краџиќ.


Нашата азбука претставува медиум за олицетворување на македонскиот искон кој му пркоси на временото, а воедно го утврдува своето место под светското небо.


Затоа, пишувајте на кирилица!



Comments


bottom of page