top of page
  • Writer's pictureСофија Тодороска

ẞ-предлог книга: Предели

Автор: Цане Андревски

Година на издавање: 1966

Жанр: Поезија


Осврт:

Цане Андреевски припаѓа на плеадата повоени поети кои непосредно учествуваат во постаувањето на темелите на современата македонска поезија. Со своето творештво, Андреевски го претставува субјективниот и интимен пристап кон поетското творештво со што придонесува кон утврдувањето на интроспективниот мотив во македонската повоена поезија.


Творечкиот опус на Андреевски укажува на две стожерни нишки околу кои се одвивива создавањето на неговото дело, видени во исконскиот императив дека не постои естетика без етика, како и етика без естетика.


Естетската компонента се издава во карактеристичниот непосреден начин на кој поетот ги искажува лирските доживувања, доловувајќи го неговиот приземен, неосуетен став кон она што е суштинско во литературното творештво. Со тоа, делото на Андреевски неодделно ја презема етичката, а напати и дидактичката компонента, укажувајќи на добрината и искреноста како основен моментум на неговото творење. Поетската збирка „Предели“ претставува споменик на процесот на интимно мапирање на новооткриените простори во сопствениот микросвет на поетот, воедно навестувајќи ги оние патишта кои водат кон единствените вистини по кои трага човекот во своето битие. Воедно, секоја песна претставува слика од еден предел кој учествува во составот на големата слика која ја составува животот, од почетокот, па непосредно до крајот.


Именуваното дело изобилува со непретенциозен, искрен лирски наратив кој низ своите интимни придвижувања понира во секој засебен микросвет со кој се среќава, укажувајќи на оние предели кои се секогаш присутни и чекаат да бидат откриени.


Одбрани стихови:


Два свода

на Оливера


Ќе се фатиме за раце.

Рацете ни се два свода оѕвездени со сништа.

Свод ќе грее кон свод.

Ќе биде тоа предел на штедроста.


Тој предел не ќе личи на никој друг.


Ако од едниот свод се срони ѕвезда,

ќе запре и ќе светли на другиот.


Ако не едниот свод загине птица,

ќе ја оживи другиот.


Ќе биде тоа предел на преобразувањето.


Тој предел не ќе личи на никој друг.


***


Две деца си играат


1.

Како се изменија времињата.

своите деца не можеш да ги познаеш.


Колку се чудни

твоето дете

и моето дете во мене.


Такви деца немаше некогаш

такви деца не бевме ние.


2.

Твоето дете

и моето дете

се сретнаа на улица.


Моето дете

му рече на твоето дете

- ај да си играме.


И двете деца

се фатија за раце,

ги испреплетоа прстињата

и истрчаа кон полето,

зашто улиците беа тесни,

улиците беа навистина тесни,

за нивните игри.


Твоето дете

и моето дете

се здружија со високите сончогледи.

Само Сонцето знае каде се.


Твоето дете

и моето дете

го јавнаа белогривестиот коњ.

(Ах, каде го најдоа? Тие не знаат за неговата лудост!)


Го слушаш ли тропотот на белиот коњ?

Ги слушаш ли лудите копита?


Под тие црвени копита

Распукнуваат тврдите ледини.

Од тие копита

ѕвездите се ронат

и разискрени се вгнездуваат

во очите на нашите деца.


И сето тоа

за нашите деца

е безгрижна игра!


Како ќе ги вратиме

твоето дете

и моето дете

како ќе ги вратиме, кажи ми

во нашата мирна уличка?


Белешка за авторот:


Цане Андреевски е роден во Кратово на 10-ти јули 1930. Тој е поет, раскажувач и писател за деца. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Работел како новинар и уредник во Радио Скопје. Член на ДПМ од 1957 год. Неговата поезија се одликува со исповедност и лирска рефлексивност. Библиографија: „Сончева порака“ (поезија за деца, Скопје, 1951); „Јаготки“( раскази за деца, Скопје 1955); „Добрина“ (поезија, Скопје 1956); „Што има ново“ ( поезија за деца, Скопје, 1959); „Свечености“ (поезија, Скопје, 1964); „Сребрен поток“ (поезија, Скопје,1969); „Врски“(поезија, Скопје 1982); „Разговори со Конески“(Скопје 1991); „Белата мечка, синиот кит и другите“, (поезија и проза за деца, Скопје, 1998); „Дождот“ (поезија, Скопје, 2007)


225 views
bottom of page