top of page
Writer's pictureЛеонид Георгиевски

FACT NO.4 - Како делото ,,Мона Лиза” стана најпознато во светот?


Неспорно е да зборуваме за квалитативната големина на ова дело, за кое сум сигурен дека сите слушнавме повеќе од еднаш, па дури и го видовме некаде како карикатура или неоригинален оригинал. Ова број еден уметничко дело е во интерес на сите општествени сфери, почнувајќи од уметничките аналитичари и критичари, па се до обичните смртници како ние кои само се интересираме за интересни факти од уметноста.


Но за вакво реномирано дело, кое е од енормна уметничка вредност, да биде од интерес на тривијалните луѓе, потребен бил и тривијален настан со кој за сликата би се проширил глас низ луѓето кои не можат да си дозволат влез во музејот Лувр. Тривијален настан и се случил. На 21 август 1911 година, вработен во музејот Лувр, Винчензо Перуџија со двајца придружници, ја украл мистериозната жена на платно стара 4 века, дури во една прилика од еден свој претходен сопственик опишана како ,,вампирот кој повеќепати беше мртов”.


Оваа кражба беше жарчето кое ќе го распламни огнот на славата на ,,Мона Лиза”. Меѓу провоцираните Французи се ширеше гласот за оваа дама и за нејзината енигматична појава. Се шпекулираше дека погледот на Мона Лиза го опчини Перуџија, кој под влијание на таа магија немаше друг избор освен да ја украде за себе. Во медиумите често беше именувана како најдобриот портрет кој постои во историја. Овие две години на посети во Лувр, да луѓето погледнат во празните куки на ѕидот, сè повеќе го влечеа интересот на јавноста кон оваа кражба на мистериозната жена. Па така за народот недостатокот на ова дело беше поинтригантен од самото тоа.


По наоѓањето на ,,Мона Лиза” во Италија, француските власти го сместуваат уметничкото дело под закрило на Лувр, каде што до ден денешен таа се чува под стакло отпорно на куршуми и камери на секој чекор.

Сепак славата на ова дело не престанала да расте по овој настан. По нејзиното враќање во Лувр уметници како Марсел Душамп и Енди Ворхол иконокластично си подигрувале со ова реномирано дело така што додавале мустаќ и брада на ликот на Мона Лиза, што пак довело до револт кај мнозинството сметајќи дека ваков скандал е сквернавење на класичната уметност, додека уметниците пак ваквите надградби ги сметале за висока уметност.

 

Рубрика ẞ-фактопедија е направена со цел пренесување и запознавање на нови (не)познати, кул и забавни факти и анегдоти поврзани со уметноста, уметниците, книжевноста, музиката, модата или било кој друг аспект на уметноста. Следете ја нашата ẞ-фактологија секој четврток на Култура ẞ!

Commentaires


bottom of page