Генерацијата зет ќе биде позната по многу уникатни, понекогаш кул, а понекогаш и трендови без никаква поента. Додека пак благодарение или по вина на нивното масовно ширење преку безброј социјални мрежи сечиј секојдневен живот станува таканаречен statement.
Еден особено уникатен и алтернативен тренд за којшто забележувам дека станува сé поактуелен последниве години е, ни повеќе ни помалку – духовноста. Насекаде едно чудо древни симболи како дел од секојдневните комбинации на облека и накит, тарот карти и секако кристали. Па дури и цела (мошне популарна) сфера на секоја од социјалните мрежи посветена од афирмации, медитации, себеприфаќање, па до претскажувања за иднината, различни рутини за комуникација со предците, техники за постигнување повисока вибрација, техники за енергија, за привлекување, па дури и магии...
Долго време ни самата не знаев како се чусвтвував за оваа појава. Од една страна ми е мило што естетиката зазема една поневообичаена форма од она на што сме навикнати, со доза на мистериозност. А уште поинтригантно ми е што е она што толку масовно им го привлекува вниманието на младите да се пронајдат себеси во тренд со таква форма и колку всушност истото останува достојно до својата заднина.
Ајде малку да зборуваме за комерцијализацијата. Колку и да е убаво и инспиративно некогаш да се види интересна комбинација или пак да се слушнат убави зборови кои и ти можеш да ги употребуваш како мантра, мислам дека појавата на сето ова само служи како бескурпулозно упростување на едно животно тешко, интимно и крајно субјективно човечко доживување. Ова не го кажувам како спиритуален гуру, туку) како млад човек кој е и повеќе од убеден дека не е ни близу до способен да го “презентира своето будење” во Тикток видео, но и како некој кој е повеќе од сигурен дека истото важи и за генерацијата зет.
Но сепак што е она што е толку лошо во ова холивистичко, мистично и забавно естетско изразување? Ништо. Буквално ништо. Само кога навистина толку труд би се вложувало во стекнување на умни навики, надоградување на индивидуалната енергија, самоувереноста, процесирањето на искуствата и вистинска грижа за телото, умот, па дури и духот, колку што се вложува труд истото да изгледа естетски за Instagram reel. За крај ќе кажам секоја чест за секој кој се интересира и практикува вистински да ја оживее својата естетика и се труди барем вистински да го живее она што го отелотворува!
Comentários