Го зборевме ова?: Исправи се, Охриде
- Калина Качоровска

- Jul 30
- 6 min read
Драга моја Ангела,
Убаво ми беше со твоето последно писмо, малку да пропатувам до Италија, па затоа дозволи ми сега да одиме малку поблиску, до Охрид.
Само што се вратив во Скопје по неколку дена поминати покрај Охридското Езеро и, како и секогаш кога се враќам оттаму, во себе носам некој мир, но и некоја меланхолија, некоја носталгија. Токму носталгијата ми е појдовна точка за она што сакам да ти го кажам.
Во Охрид бев во истите денови кога УНЕСКО одлучи да даде нова шанса на Владата, односно, уште пет години за да се спаси регионот како светско наследство. За што станува збор? Е, па, како што знаеш и самата, веќе неколку години наназад УНЕСКО размислува за тоа Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на светски природни и културни богатства во опасност. Ова се случува како резултат на неконтролираната урбанизација, нелегалното градење, прекумерниот риболов, зголемениот воден сообраќај, неодржливите туристички практики и уште многу други нешта. На пример, во Охрид има 4847 дивоградби, а од 456 решенија за уривање, ниедно не е спроведено[1]!
Лани, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на 47. сесија, во Нацрт-одлуката предложил Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на светски природни и културни богатства во опасност, но Владата поднела амандман да им се даде уште една година грејс-период на Македонија и Албанија, што на крајот и се случува. Годинава, на 48. сесија постои истиот предлог, а Комитетот повторно одлучува Охридскиот Регион да не биде впишан на Листата за светско наследство во опасност и наместо тоа, Владата добива уште пет години да ги спроведе забелешките на УНЕСКО за заштита[2].

Иако ова навидум звучи како победа, така и беше покриено од страна на медиумите, не сум баш сигурна дека тоа е така, особено не откако видов дека 40 активистички организации од Македонија, Албанија и други земји од Европа ја критикуваат оваа одлука, тврдејќи дека Комитетот и оваа година, повторно ги игнорира препораките на експертите[3]. Оттука се наметнува прашањето, зошто некој, особено активист, би сакал Охридскиот Регион да биде во опасност. Па нели сакаме УНЕСКО да нѐ заштити? Е, токму тука доаѓа главното недоразбирање.
Имено, кога велиме „под заштита на УНЕСКО“, си замислуваме дека оваа организација заштитува одредена знаменитост. Но, светското наследство не е под директна заштита на УНЕСКО, туку УНЕСКО воспоставува систем на правила и препораки преку кои локалитетите и подрачјата од исклучителна светска вредност ќе бидат заштитени, што е потоа обврска на секоја држава. Па така, во случајот на Охридскиот Регион, со потпишување на Конвенцијата за светско наследство, владите на Македонија и Албанија се обврзуваат за тоа дека тие самите ќе ги следат препораките и правилата на УНЕСКО, со цел регионот да се заштити, зачува и презентира[4]. Или, поедноставно кажано, УНЕСКО само ги дава насоките, а Владата треба да ги спроведе. И, како и за сѐ друго овде, кога сфаќаш дека останува на нашата влада да заштити нешто, почнуваш да се сомневаш.
Во однос на продолжувањето на рокот, нашиот драг премиер вели:
Тоа е наследен проблем од порано. Ние презедовме активности како ниту една влада претходно… Бараме да ни дадат период од шест години за да го исправиме тоа што било констатирано во минатото. И супермени да бевме, за две години не можеме да исправиме нешто што три и пол децении било расипувано. А, во овој случај, богами и малку повеќе, кога станува збор за дивоградбите и сето она што е правено долж охридското крајбрежје.[5]
Покрај смешното, но веќе очекувано префрлање на вината, она што најмногу ми боде очи во оваа изјава е тоа дека две години не се доволно време за да се исправи нешто што се расипува веќе три и пол децении (дури и да беа СУПЕРМЕНИ). Да, тоа е вистина, но можеби муабетот повеќе ќе држеше вода доколку одложување на истата одлука не се случеше и лани, и во 2023, и во 2021, и во 2019 година. Ова значи дека Охридскиот Регион, а со тоа и владите на Македонија и Албанија, во континуитет, петпати добиваат „попуст“ и одложување од Комитетот на УНЕСКО.
Охридскиот Регион за првпат се наоѓа на предлог-листата за светско наследство во опасност во 2019, на 43. сесија на Комитетот во Баку, но на крај, секако, Комитетот одлучува да даде дополнителен рок за исполнување на препораките[6]. Доколку се навратиме на изјавата на Мицкоски, кој тврди дека две години не се доволни, и бара шест, тогаш ни се наметнува следново прашање: што доколку во 2019 Комитетот не подлегнеше под дипломатскиот притисок и одлучеше да го стави Охридскиот Регион на црната листа, Листата на светско наследство во опасност? Од 2019 се поминати седум години, една година плус од времето кое го бара Мицкоски. Одговорот е, веројатно, јасен.
Но, што всушност значи таа Листа? Што се случува по одлуката едно место официјално да биде прогласено за загрозено, според УНЕСКО? Првин следува итна финансиска помош, односно местото добива приоритет за пари од Светскиот фонд на наследство за да се спречи штетата. Потоа следува стручен надзор, со тоа што доаѓаат експерти од УНЕСКО кои му помагаат на локалното население и на државата со тоа што прават точен план со задачи и корекции за Владата за да се поправат грешките и да се отстранат заканите, сето проследено со конкретни рокови[7]. Секако, оваа листа е и пред сѐ жолт картон за земјата, предупредување дека доколку не се среди состојбата, местото ќе ја изгуби престижната УНЕСКО титула. Значи, бидување на Листата на светско наследство во опасност ќе значеше многу построг и подиректен надзор, но и многу поголем притисок врз власта. Притисокот врз власта е клучен, затоа што со постојаното одложување на оваа одлука, власта очигледно воопшто не го чувствува, затоа што сите 4847 дивоградби си стојат, а сите 456 решенија за уривање се во фиока.
На истата, 48. сесија на Комитетот, на која се одлучува Охридскиот Регион да не стане дел од „црната“ листа, УНЕСКО одлучува да го тргне Стариот Град на Виена од оваа листа. Во 2017, градското јадро на Виена било ставено на Листата на загрозено наследство поради проект за изградба на висококатница, која би го нарушила историскиот карактер на центарот на Виена. Оттогаш, планираната зграда е редизајнирана, нејзината височина е намалена од планираните 73 метри до нешто помалку од 50, со што Виена успешно ги применува препораките на УНЕСКО и си го враќа статусот на редовно заштитено културно наследство[8].
Можеби се чудиш зошто на почетокот ти велам дека појдовна точка за писмово ми е носталгија, а јас ти пишувам за УНЕСКО, за дивоградби, за правење притисок врз власта?!

Охрид и неговото крајбрежје се веројатно најносталгичното место на светот за мене, затоа што се чувствувам како никогаш ништо да не се менува. Мојата рутина таму е секогаш иста, моите чувства се секогаш исти, таа чудна комбинација на мир и меланхолија, крапот и макалото во Радожда се секогаш исти, чаршафчето на масите во Виа Сакра е секогаш исто (црвено-бело, карирано), кожата секогаш ми мириса исто, лицето на Илина секогаш црвенее на истите точки, на пат до таму во кола секогаш слушаме македонски шлагери, а во „Џез ин“ секогаш се истите келнери, и внатре секогаш изгледа исто како на сликата од мајка ми таму во летото 2002, со мене во стомакот… овојпат со нас беше и Марчин, кој си купи маичка со Атина Бојаџи, или Делфина, па моравме да го гледаме „Исправи се, Делфина“, за да сфати што купил. Филмот е снимен во 1976/77, и погоди што, Охрид пак изгледа исто! Ми се чини дека истите дедовци од филмот уште се сончаат голи и испечени на кеј.

Додека бевме таму и додека размислував на сите овие работи, Борјан ја читаше „Засолниште во времето“ од Георги Господинов, книга која на многу начини зборува за желбата да се сокриеш од сегашноста со тоа што привремено ќе се засолниш во минатото (или работи што потсеќаат на минатото). За мене, Охрид секогаш било тоа – засолниште од сегашноста, засолниште од реалноста, на некој начин засолниште од Македонија, колку и да звучи брутално. Тоа што го сакам од Охрид е тоа што ме потсеќа на минатото, и на личното, и на колективното, и на моето детство, и на Охрид од „Исправи се, Делфина“, ама и Охрид на Климент и Наум, на Лихнид… Истото тоа што го сакам јас, го сакаат и сите туристи, целиот туризам на некој начин зависи од оваа носталгија.
Сето ова звучи многу романтично, сѐ додека не се соочиш со фактот дека истиот овој Охрид денес има 4847 дивоградби, истиот овој Охрид секоја година слави Илинден со српски турбофолк, истиот овој Охрид има цени кое локалното население не може да си ги дозволи, истиот овој Охрид има таксисти што не сакаат да те погледнат во очи ако не си странец на кој можат да му земат 2000 денари за пет минути возење… Истиот овој Охрид е сепак прецизна слика на сегашноста на Македонија, колку и да сакаме да биде засолниште од/во времето.

Откако ти го напишав сево ова, се прашувам и самата, дали задржување на статусот УНЕСКО би ни помогнал да создадеме поубава сегашност на Македонија, дури и ако е само во Охрид, или само повеќе ќе нѐ заслепи и убеди во нереалната и носталгична илузија на едно (по)убаво минато, кое веќе одамна не постои? Не знам, на ништо од ова не можам да ти одговорам. Можам само да кажам дека деновиве си поминав преубаво.
Со љубов,
Калина
Белешки:




Comments