top of page
Writer's pictureМарија Велинова

Грозоморна роденденска забава на „Роденден“ од Харолд Пинтер во изведба на Штипскиот театар

На 15. ноември, во рамките на овогодинешниот 48. Млад отворен театар, се одржа претставата „Роденден“, по текст на Харолд Пинтер, одиграна од НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар Штип во режија на Васил Христов. Ликовите ги играа Милорад Ангелов (Стенли), Ефтим Трајчов Ѓаурски (Голдберг), Валентина Ѓоргиевска (Мег), Владимир Тулиев (Пит), Стефанија Митовска (Лулу) и Даријан Петров (Меккен).


Сцената беше поставена така што имаше една подигната подлога на средината и четири подлоги една спроти друга на страните на сцената. Бидејќи актерите се движеа постојано меѓу и околу публиката, блискоста беше евидентна и енергијата која се добиваше беше стопати поголема. Светлото беше изиграно на тој начин што не беше целосно осветлена сцената во ниту еден момент туку светеше поединечно на ликовите кои имаа монолог или дејствуваа во моментот. Ова придонесе за целата атмосфера, бидејќи помогна да не се изгуби вниманието од дејството и покрај преголемата блискост на гледачите. 



Особено впечатливо беше претставена подвоеноста на ликовите. Најчесто дијалозите се одвиваа на подлогите кои беа поставени една спроти друга, а актерите скоро никогаш не се гледаа во очи. Преку ова беше засилен ефектот што текстот и онака во себе го има: оддалеченоста, маскираноста на ликовите и нивните лажни идентитети. Мег, бидејќи е сенилна никогаш не е целосно во реалноста и не може да ја види вистината, а нејзиниот маж Пит ѝ го кажува тоа што сака таа да го слушне за да не мора премногу да се објаснува. Стенли, пак, не се отвора премногу за своето минато и иако ни кажува како стигнал до ова дереџе, сепак има мрачни тајни. Лулу е дете кое сѐ уште не може да ги сфати опасностите на светот, а Меккен и Голдберг се under cover, дојдени по Стенли, па мораат да ги кријат своите вистински идентитети и намери. 


Но, одвреме-навреме, ликовите се спојуваа на централната подлога и тогаш се случуваше вистинската експлозија. Моментите на физички допир на ликовите беа ретки и внимателно избрани, тие се среќаваа само во најтрагичните мигови кога се случуваше кулминацијата. Такви беа: безумното тропање на Мек на подарокот за роденден – тапанот врз главата на Стенли, пропратени со нејзино гласовно хармонизирање и негово врескање што ги надразнуваше сетилата и влеваше морничавост; симулацијата на сеќавањето на Мек за тоа како сексуално ја злоставувал татко ѝ, изиграна од Стенли и Лулу додека Мек повторуваше „диши, не диши, диши, не диши...“; или, пак, на крајот на претставата, кога Меккен и Голдберг го изобличуваа Стенли преку физичкиот напад, гласно изјавувајќи ги сите негови грешки во животот и спомнувајќи ги сите негови одлики во кои тој е несигурен. Целосната слика за моменти наликуваше како Стенли да се бореше со гласовите во себе, со најмрачните тајни кој не сака да си ги признае. 


Несомнено, оваа изведба на „Роденден“ од Харолд Пинтер воопшто не ги поштеди гледачите. Безмилосното и грозоморното беа прикажани пред нашите лица, спротивно на античкиот театар кој поучува најкрвавите нешта да се скријат од публиката, а за нив само да се слушне или дознае преку некој друг. Актерската група трепереше од трагичното чувство во нив и тоа треперење публиката можеше да го почувствува, и тоа буквално бидејќи се пренесуваше и на штиците од сцената. 


Изведбата ни покажа колку грозоморен може да биде роденденот, како не секогаш можеме да се славиме себе поради мрачните ќошиња од кои бегаме и самите. Камерноста на претставата дозволи експлозијата од емоции да се случи пред очите на публиката и дејството директно да разговара со секој гледач. Севкупно земено, ова беше една динамична изведба која го донесе текстот на сцената на интригирачки начин.


 

Фотографиите се преземени од официјалната facebook страница на МОТ


Comments

Couldn’t Load Comments
It looks like there was a technical problem. Try reconnecting or refreshing the page.
bottom of page