Ми се чини дека нема човек на светот кој никогаш не чул за Harry Styles - почнувајќи од тинејџерките кои до пред неколку години беа огромни фанови на златната петорка One Direction, момчињата кои навидум го „мразеа“ тој бенд и му доделуваа грди епитети, па дури и повозрасните родители, кои во секој разговор повторуваат дека никогаш повторно нема да има легендарни музичари како рокерите од 90-тите, како и бабите и дедовците кои не знаат речиси ништо за новото време. Секој го знае Harry Styles. Всушност, од формирањето на 1D во 2010, па до ден-денес, многу нешта се променија. Но, ако за нешто сум горда што живеам токму во овој период – тоа е можноста да ја следам промената на Harry низ годините и неговото прекрасно влијание врз светската култура и целото општество!
Се сеќавам дека имав само десетина години кога првпат напишав состав по англиски – опис на идол. Секако, првата личност на која помислив беше Harry, затоа што во моите очи тој секогаш се издвојуваше од другите членови на бендот. Не, не затоа што беше „плав“, имаше прекрасна насмевка и „дупчиња“ на образите, туку затоа што во тие моменти имаше нешто што беше посилно од тогашните стандарди за убавина – неговата енергија можеше да ја почувствува секој кој ги слуша неговите делови во песните и, едноставно, имаше нешто магично во целата негова појава. Сепак, додека беше заедно со „момците“ тој беше близу до обичен.
Во времето кога групата се распадна, секој од петте пејачи започна своја соло-кариера. И? И Harry Styles – иконата на 21 век, фокусирајќи се на себе и нурнувајќи се во длабочините на својата душа, одлучи дека - и покрај сè - ќе го направи светот малку поубаво место за живеење, додавајќи боја на сивилото, љубов на несаканото и поддршка на сè што е делумно или воопшто (не)прифатено и осудено ширум светот. Неговата животна идеологија е во суштина прифаќање на секој и секого, без разлика на сексуалноста, полот, расата, бојата на кожата, себеопределувањето и стилот на облекувањето... Едноставно, тој сака секој човек на светот да се чувствува сакано и прифатено! Во едно интервју за Ролинг Стоун, тој му раскажува на Роб Шефилд дека сака да ги натера луѓето да се чувствуваат пријатно и да бидат такви какви што се и какви што сакаат да бидат. „Свесен сум дека како бел маж, не минувам низ истите работи како и многу луѓе кои доаѓаат на моите концерти. Не можам да тврдам дека знам како им е, затоа што не знам. Затоа, не се ни обидувам да кажам дека разбирам како им е. Само се обидувам да ги натерам луѓето да се чувствуваат вклучени во заедницата, да бидат видени и слушнати“.
Друга битна особина која секогаш ќе го издвојува од другите членови на бендот и, општо, од сите други пејачи на нашето време е неговата храброст да излезе надвор од границите на својата комфорна зона и да ѝ пристапи на модата како на начин на кој, со испробување различни стилови, ќе се поттикне свеста кај младите луѓе дека тие, живеејќи го своето време на планетата, можат да носат, да прават, да мислат и да чувствуваат што ќе посакаат. Можеби, од музички аспект, тој нема некоја голема врска со легендарниот Дејвид Боуви, но дефинитивно може да се направи паралела помеѓу нивниот стил на облекување предизвикан од слободоумноста – лакирани нокти, разнобојни костуми, цветни принтови, ѕвонарки, светкави чизми...и што ли уште не?! Исто така, неговите обожаватели честопати го имаат забележано бисерниот ѓердан – главниот додаток во неговиот стил. Се согласувам дека ѓерданот е само мал детаљ, украс на дамите и симбол за женственост, но зошто тоа да остане само така?! Секако, да не заборавиме дека најновиот број на познатото списание Vogue, на својата насловна страна го има Harry во фустан! Па, кој рече дека фустаните се само за девојчиња?! Можам со сигурност да потврдам дека фустанот му стои одлично, му прилега и, она што е најбитно – пренесува битна порака до сите нас, повикувајќи на еднаквост и сплотеност!
Нема да зборувам за неговите најпрекрасни „Sign of the times“, „Carolina“, „Two Ghosts“, „Kiwi“, „Ever Since New York“ од 2017, ниту за совршенството од албум „Fine line“ од 2019, но ќе кажам дека како ѕвезда на нашиот век, тој апсолутно ја заслужува својата слава, љубов и внимание, затоа што ја користи својата популарност за да ги уништи сите угнетувачки идеологии кои доминираат во општеството и да го поттикне општеството да биде слободен простор во кој секој ќе се изрази себеси онака како што најмногу му одговара и притоа да се чувствува прифатено и сакано!
Comments