„Песните на Блаже Конески говорат за овој човек, за ова време и за ова тло. Значи, говорат за работи што ги знаеме добро - повеќе или помалку, што ги гледаме секојдневно - иако различно, што ги доживуваме посебно - секој на свој начин“ (Вангелов, 1995:21)
„Ангелот на Света Софија“ е песна која се гледа, се чувствува и се допира. Тоа е и поезијата на Конески, чувствителна, поезија која ти се обраќа. Несомнено е дека во неговата поезија е изразена едноставноста, во онаа смисла во која Конески со изборот на лексиката и на точната синтаксичка поврзаност на зборовите ја достигнува суштината на емотивноста со која ги владее песните. И да не се заборави тоа главното, оцртување на народноста и историјата со прости и строги зборови.
Во гореспоменатата песна се гледаат боите, на прв поглед сината боја, која како да тече од песната, едноставно, еманира од сликите во храмот Света Софија во Охрид. Но, Конески се обидува да ни ја долови уметничката страна. Во еден стих ја употребува само бојата: „-о сине тих на мисла сина-“. Сината боја е највпечатлива на сликите во црквата којашто ја опејува, всушост, сината боја е позадината на сликите, најкористената боја во уметноста на целиот среден век. Многу од сликите коишто се наоѓаат во храмовите од средниот век се облеани во таа боја. Потоа Конески употребува метафора за да ја долови сликата, па вели: „и зори како небо ѕидот“, а небото е сведок на сите настани низ кои поминале тие слики, а не само тоа, овде повторно се алудира на синевината - небото.
Тука прибегнува и темната страна на оваа приказна, зашто, сепак, тоа е историјата на оваа уметност. Но, зошто баш темна страна како во стихот: „под малтерот на ѕидот мрачен“? Историјата сведочи на насилството кое е извршено врз овие слики во храмот Света Софија. Имено, сликите потекнуваат уште од 1040-та година, но во времето на османлиското робство се урива горниот дел на црквата и врз неа се гради џамија. По нејзино долго тлеење под тие ѕидини, во 1951 година сите фрески и слики биле откриени и заштитени од понатамошно опаѓање. Тоа го опишува мрачниот елемент во песната кој тече и во вториот дел, во којшто лирскиот субјект се навраќа на неговата младост, исто така како што сликите во храмот се враќаат во нивната првобитна состојба.
Дали како што вели во стиховите: „не, нема мајстор да ја спаси,/ со мојот живот ќе се згаси“ ќе има кој да ја спаси оваа уметност од пропаѓање и од заборав? На ова одговорот е едноставен, таа веќе е спасена преку секое навраќање и на оваа песна и со посета на храмот Света Софија.
Конески е лик во целата негова поезија, затоа Старделов вели: „Едноставно затоа што поезијата на Конески е виолентен израз на неговата животна судбина, на животната судбина на човекот воопшто. Затоа кај него поезијата и судбината обликуваат една таква целост што можеме да кажеме – неговата поезија е неговата судбина, а неговата судбина неговата поезија. Тие се заѕидани, засводени една во друга. Тие и кога водат дијалог меѓу себе, но не само тогаш кога водат дијалог, туку и тогаш кога дури водат борба меѓу себе, се во став на она што Ниче го нарече amor fati, т.е. тие се во меѓусебна љубов: поезијата за судбината и судбината за поезијата.“ (Старделов, 1990:180)
Поезијата на Конески се чувствува. Оваа песна можеме да ја почувствуваме преку зборовите кои ја повикуваат сликата да се издаде, така се издава и душата на лирскиот субјект, така се издава и душата на читателот. Оваа песна се допира. Зарем не може преку песнава да го дофатиме малтерот кој е залепен на ѕидот или да ги почувствуваме пукнатините кои ги кршат сликите напола? Тука Конески нѐ носи низ една граница која треба да ја поминеме, а тоа се поминува со отворањето на сликите во стихот: „и зори како небо ѕидот“. Ѕидот е веќе на своето место, ѕидот е обоен во сина боја, во бојата на првонасликаното, на тоа што со векови стоело под малтерот како небо кога ќе се открие низ облаци.
Со оваа поезија се добива богатство кое трае. Едно е тоа што со оваа песна Конески ја зачувува од изумирање уметноста во храмот на Света Софија во Охрид, а друго е тоа што тој ја овековечува културата и на македонската уметност и на македонската литература, и на македонската култура. Сѐ во едно создава причина за да може да ја одделиме религијата и уметноста. Едното понекогаш знае да нанесе штета, како што е во случајот со уништувањето на уметноста, а другото, пак, може само да придонесе за естетско градење на историјата низ вековната традиција. Со оваа песна Конески ја опишува и средновековната уметност, односно, делот со бои, а потоа дава една дидактичност, а тоа е дека секој народ без разлика низ што сѐ поминал, има нешто кое го отсликува неговото постоење.
Да заклучиме, во оваа песна се опеаја слики кои имаат големо значење во историјата на македонската ликовна уметност, таа го покажа патот по кој газеле тие за да достигнат до денешното постоење. Конески уште еднаш нѐ потсетува дека сѐ што е скриено, дали е во душата или надвор, како што вели во вториот дел од песната, се открива. А овој есеј го затворам со едно реторичко прашање: Дали уметноста и литературата зад себе кријат некои необјаснети тајни и постоења како што бил случајот во црквата Света Софија?
Користена литература:
1. Вангелов, А. Исказот и стварноста. Скопје: Детска радост, 1995
2. Мартиновски, В. Од слика до песна. Скопје: Магор, 2003
3. Мицковиќ, С. Поетските идеи на Конески. Скопје: Наша книга, 1986
4. Старделов, Г. Одземање на силата. Скопје: Мисла, 1990
5. Ut picture poesis. Куманово: Македонска ризница, 2006
Comments