Слободно текстов може да се почне со: „Конечно!“. Нова збирка на Ана Голејшка Џикова во издание на ПНВ Публикации, со корица на Андреј Павлов, а насловена како „Слобода А“. И навистина е ослободување!
Кога зборува човек со Ана, таа ќе рече дека збиркава е сè што во последниве четири години „легнало та натежнало“ и дека е целосно лично ослободување. И навистина, кога ќе се седне да се чита „Слобода А“ е реално ослободување. „Слобода А“ е влегување, вкрстување (со себе или со другите), премолчување на еден вресок и излегување. И четирите делови на кои оваа збирка е поделена е токму тоа, и буквално бидејќи се насловени така (влез, вкрстување, премолчување вресок и излез), но и метафорично бидејќи чувствата во песните се тоа – соодветни со насловите на отсеците во збирката. Стиховите од „Слобода А“ се гледа дека се и најинтимните делови на Ана како бременоста, породување, соочувањето со сопственото дете, но и соочувањето со себе како жена, како поетеса, како мајка. Од друга страна стиховите се и општочовечки описи, критики, на моменти гротескни прикази и приказни, а се и љубов, и омраза, и гушкање, и плач, и бол, и мака, и радост, и слобода.
ние сме
ние сме и малечки и големи
ние сме ѕвезди под ќебето
зафрлено во ќошот на креветот
ние сме бадникови гранчиња
екскурзијантски со возбуда полни ранчиња
ние сме селце крај патот
во кое по свежа вода се наминува
ние сме и не сме
(извадок од „ние сме“, „Слобода А“. Скопје: ПНВ Публикации, 2022. стр. 25)
Во новата стихозбирка на Голејшка Џикова, веројатно, ќе ја видите нејзината препознатлива поетика и градскиот дискурс, но може да сретнете и едно ново поетување кое вклучува и Бого-обраќање, Бого-барање и прашување за неговото постоење, ќе сретнете еден мистичен занес и можеби појавување на оној дискурс кој се сретнува во поновата генерација поети (како што некои од генерацијата на Ана ќе забележат), имено, преку претставување на реалното до обраќање и дофат на метареалното.
„Како калеидоскопски слики пред нас минуваат песните во кои можеме да ја видиме Ана како бунтовничка, млада љубовничка, да посведочиме како љубовта создава живот, како тој живот расте, се раѓа и станува живот сам за себе, независен, а сепак, зависен и сврзан.“ стои во кусата рецензија на Снежана Стојчевска вклучена во самата збирка. И да, може да се потврди дека оваа збирка е точно збир од калеидоскопски слики на љубов и раѓање, болка и патење, магичност и суровото секојдневие. Од сликичка до сликичка, Ана уште еднаш го потврдува и трајно го зацртува своето суштествување како поетеса кога вели „не можеш да побегнеш никаде ана / ова тело е твој дом и храм и затвор“. И ова прашање за дом, храм и затвор се трите важни карактеристики според кои можат да се поделат песните. Дури може и да се замисли ваква поделба на самата стихозбирка – целосно би соодветствувало. Домот, за песните во кои Ана сушествува како поет и мајка, во кои ги бара/опишува/се жали/ги пофалува милозвучните и не-секогаш убавите домашни, но и надворешни проблеми; Храм, за песните во кои Ана излегува од себе и од високо го погледнува своето тело, својот дом и затвор, својот хаос и ред, својата Слобода и своите А и Б; и Затвор, за песните во кои Ана не ја наоѓа Причината, не го наоѓа Него, ја губи Слободата и го премолчува вресокот. Сето тоа со фуснота на крајот дека сепак се ослободува.
последна
се разбира дека ќе напишеш песна
кога си најтажен
и кога се кине кај што е најтенко
кај што рецептите во мрсната тетратка
бегаат од листовите
се разбира дека ќе умреш онлајн
а во реалноста ќе си извајаш споменик
од себе каков што некогаш си бил
задржан од ветрот огреан од сонцето
млад
со крв што шика во сите шуплини
и крева водоскок до небото
се разбира дека ќе напишеш песна
баш во оној миг кога ти се умира
си велиш чекај малку
имам работа
треба да завршам со одредени натегања
да премолчам неколку вистини
да закопам неколку трупови
чекај малку
имам работа
нешто ме запира
кој го заборавил клучот на вратата
а вратата отворена?!
И во еден ваков помалку песимистичен, но отворен крај на збирката, на Ана Голејшка Џикова ѝ возвраќам:
и се разбира дека ќе напишеш песна
и кога си најсреќен
и кога живеењево ти шие сѐ како да е најлесно
кај што рецептите не ти бегаат, туку ги пишуваш
и онлајн ќе објавиш што си си зготвил,
а во реалноста сам себе ќе си се пофалиш
и ќе си речеш: „колку ми е сѐ вкусно“
во себе ќе го осетиш највкусното, каков што некогаш си бил
неиздуван од ветрот и, да, огреан од сонцето
баш во оној миг кога највеќе ти се живее, ама си викаш
чекај малку
имам работа
„да си испечам ли колачиња?“
да си кажам неколку вкусини
да откопам уште неколку радости
чекај малку
имам работа
нешто ме запира
кој го заборавил клучот на вратата
а вратата е отворена
„да влезам ли, да си каснам од колачињата?“.
Дојдете на промоција на 29ти септември во кафе-книжарницата „Буква“. Се читаме!
Comments