Ги објавуваме песните на 15-те учесници на „Отскочна даска #2“, преднастан за млади поети и поетеси на 3. Скопски поетски фестивал. Во продолжение може да прочитате две песни на младата поетеса Теодора Прокоповска која беше една од 15-те учесници на втората „Отскочна даска“.
Препуштен
Се отвори грло,
кошула бела се распна
при молк на момент вечен.
И ороводна ситница се заигра
и странка во дланки се стори,
суштинка очи си отвори
и во разѕвонет довик се претвори.
Плачот го навестува
утрешното неизвесно утро.
Во аголот се беше свил стилот,
суштество тоа кутро -
чиј збор значеше тронка множества.
Повиен препис, рефериран звук
на гласина, ти ми рече...
Ти ми рече коскени дотрајаници,
ти ми рече мислени олицетворенија.
Повторно… ти ми рече за тенкава крвава линија.
Сегмент од естетиката на тлото.
Компарација помеѓу вечноста и молкот.
Зборови го развлекоа
моево тело по плочите од подот,
бои се слеваа и стаклен виор ме распарчи.
Фелија на денешната рожба
и мета на потскок од сеножни точи.
Ти незнаен странецу на улиците,
ти што мрачно ги презираш
светулките улични,
што ги преземаш болките сечии...
Ти, човеку,
кој беше портрет на дилемата
во умот мој...
тебе те препуштам крај решетките
на стравот сопствено само твој.
Те праќам и испраќам
со нежност што до срж ќе те удира,
со допир што во двоумица ќе те стави,
со крвав поглед и силуета за врат што ќе те дави...
Боси без љубов
Динамит рафалник
барутен прав над калдрмата моја...
Небиднина со каракамен на гради
триж по толку в мене црнина всади.
Парадокс на таа потенција
и могила со острици ме длаби
галежи, далги пресрет на две диви млади.
Соленица тркалезна се срони
цитира пред да се роди.
Кога изморен од негледање ќе бидеш
покори се под јаворово дрво
до тој збор и тоа чедо што е прво.
На тилот стави ти барут
на душата повест -
чемер на моето достоинството,
час неверен за нужност проси…
безначајно кога сме глужд до глужд двајцата боси.
Comments