• Георгина Петреска

The Pursuit of Happyness: како да ја дочекам 2021?

Со оглед на критичната состојба во која се наоѓа нашата земја во овие последни денови од бурната 2020 година неопходно е сите да се придржуваме до соодветните мерки и протоколи. Значи, нема групирање, нема журки, нема танцување. Тогаш како да ја поминеме најволшебната ноќ во годината? Каков крај заслужуваат последниве 365 апсурдни дена? Има ли нешто доволно моќно за да не испирира да го отвориме новото поглавје порешителни, поистрајни и посовесни?

2020 е дефинитивно година на едно колективно трауматично искуство, многу внатрешни рефлексии, безброј предизвици како на ниво на заедница така и на индивидуално ниво, и тоа во сите аспекти од живеењето (материјални и психолошки). Па, ајде да ја завршиме истата со куса ретроспектива на нашите доживувања и чисто да ја визуализираме нашата замисла за иднината. Останете во семејна атмосфера и на безбедно, земете убава храна и пијалак и уживајте со себе и најблиските додека го гледате ,,Pursuit of Happyness’’!

А, зошто толку ова филмско остварување со Will Smith во главната улога? Не заради многубројните номинации и престижни признанија, туку заради вистинската приказна која ја разработува и релевантноста на темата која е прикажана. За тоа како животот е само предизвик до предизвик, но најважна е секогаш целта којашто човекот сам ја поставува за себе и колку е истраен во тоа да совлада што било во нејзино име. Оваа борба никогаш не престанува, секоја пречка е неопходна и тоа е она фамозно ‘’гонење на среќата’’. Зарем после толку ПРЕДИЗВИКУВАЧКА година, ова не е најсоодветната порака?

На кратко, содржината на филмот го следи издигнувањето на млад самохран татко до успешен богат бизмисмен. Можеби на прв поглед звучи површинско и клише, но моментите што ги споделуваат Гарднер и неговиот син во текот на филмот се оние што му даваат посебна нота на топлина и нежност. Во интерес на тоа, да можете сами да го доживеете дејствието, ќе преминам на релевантноста на филмот во моментов, кои се нашите предизвици и по што се тие слични со оние на Крис Гарднер, кои се нашите, а кои се неговите лекции што треба да бидат извлечени?

Секоја препрека која се појавува пред нас, во каков било облик (несигурност, недоумница, потешкотија, трагедија) има своја причина и е манифестација на нашите лични длабоки стравови. Всушност ние не се плашиме толку од случувањата околу нас, туку од нашата лична перцепција и согледување на истите. Можеби филозофски и научно мошне дискутабилно прашање, но дефинитивно корисно да се земе предвид кога се дејствува, особено во вакви мачни периоди. Бидејќи, сепак, самото по себе инхерентно ја дава можноста за избор и дава простор за акција. Ако сето ова зависи од мене, тогаш сѐ што треба да направам е да се набљудувам и се обидам да се надминам – автоматска позиција на моќ. Но, истовремено, тоа е и најтешкото да се стори. Меѓутоа, во секој случај, не и невозможно, особено ако го разгледуваме примерот кој ни го дава главниот лик.

Од друга страна, филмот во ниту еден момент не се воздржува целосно да ја прикаже бруталноста на настаните кои го опкружуваат протагонистот. Па, така во текот на приказната тој го зема иницијалниот страв на ликот за од него да создава ред трагични ситуации, конечно носејќи го до самиот раб, не поштедувајќи го гледачот ни од една негова жртва во име на посакуваната цел. И сето ова жртвување самото по себе е динамично. Ова е најочигледно преку многубројните конфликти кои ги доживува Гарднер во текот на филмот, физички, професионални, морални и внатрешни. Иако можеби не од истата причина како него, верувам дека секој од нас изминатава 2020 година се соочил со барем еден од овие судири. Поправете ме ако грешам. И Гарднер како и ние (целава измината година, а и моментално) се наоѓа заробен во ситуација која немилосрдно ги открива неговите слабости.

Понатаму, постојано е присутен, според филмските експерти, можеби и надраматичниот и најефективниот судир што може да го добие има приказна, оној помеѓу намерата и пречката. Тогаш, несомнено од аспект на евалуација на едно квалитетно сценарио, нашата 2020 година со сигурност го исполнува овој критериум. Само запрашајте се: колку од вашите планови и намери за 2020 се соочиле со своја пречка? Впрочем, постои ли нешто што целосно без никаква потешкотија успеавте да го исполните? Баш така. Но, сепак вредеше!

Токму во волјата секогаш да се продолжи со дејствување се гледа упорноста на човечкиот дух. И тоа е она што најдобро сведочи како за нашата така и за издржливоста на ликот на Крис Гарднер. Всушност, и во зборовите на Аристотел, карактерот е видлив само преку делата на индивидуата, а тие најдобро го демонстрираат нејзиниот избор. Како дополнение на ова, го додаваме притисокот. Колку е поголем притисокот под кој одредена личност носи некоја одлука, толку истиот тој избор е поблизу до нејзината вистинска природа. Затоа важно е себеси да си поставиме прашањето, во една толку интензивна година, какви избори направивме и во чие име беа истите? Од овде некаде, ќе дојде спонтано одговорот на прашањето: на кој начин ме изгради мене 2020 година? И која е личноста која зачекорува во 2021?

Сега, конечно можеме да преминеме на нашите планови за 2021, кога наместо нашите стравови, треба да дозволиме нашите соништа да триумфираат врз нашата перцепција на секое случување и тие да го водат нашето дејствување. Без разлика колку истите ни се чинат далечни или пак неостварливи! Да останеме цврсто уверени дека ние сме во контрола на својот живот и дека со доволно страст и истрајност, навистина сѐ е возможно. Или во зборовите на Крис кон неговиот син: ,,Ако имаш сон, мораш да го заштитиш… Точка. ’’ И не постои друг посоодветен момент да се заштитат соништата од оној во кој сѐ изгледа безизлезено. И во овој процес да се биде добар заштитник има делови кои ќе изгледаат трагично, смешно, па дури и неверојатно глупаво. Затоа кога часовникот ќе отчука 12, фатете ги силно вашите соништа и немојте да ги пуштите по никоја цена во 2021. Бидејќи еднаш, на секои неколку мига, доаѓа оној посебен миг кога си велиш: Овој дел од мојот живот?... Точно овој дел се нарекува "happyness’’.


252 views