ЗА КУЛТУРА БЕТА
Здраво, дечки, ние сме Здружение за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, колектив за сите млади кои имаат идеи за развој на културата надвор од културните институции. Воочувајќи ја малата развиеност на младинската слободна и неформална култура, ние - неколкумина млади, одлучивме да се организираме во едно отворено друштво, чија цел е остварување на најразлични културни случувања меѓу нас младите.
Сакаме да запознаеме млади креативци кои честопати преку β-муабет ќе ни раскажуваат за патот на своето креативно самоизразување и уметничко остварување. Преку нашата β-инста-стихозбирка, која ја префрламе и на нашиот сајт, сакаме да го запознаеме и претставиме поетското творештво на сите млади и стари, познати и не толку познати поетеси и поети и наши инспирации на денот. Со β-кратките раскази ги запознаваме и сите автор(к)и на кратка проза, а преку нашата рубрика β-уметник на неделата се запознаваме и со многуте млади фотографи, сликари и сите вљубеници во уметноста од секој нејзин аспект. Kaко рубрики ги воведуваме и β-колумните преку кои им даваме можност на младите да ги искажуваат своите ставови, како и рубриките β-предлог филм и β-предлог книга преку кои ги шириме квалитетните и актуелните книжевни и кинематографски остварувања. Како нешто што ги надополнува нашите активност е и β-фактопедија преку која споделуваме познати и непознати факти поврзани со уметноста.
Отворени сме за соработка, совет, критика и, пред сè, ширење љубов и сплотеност преку уметност!