Култура β го организираше својот прв поетски конкурс кој траеше од 14 до 19 декември 2020. Конкурсот беше отворен за сите поети и поетеси, со отворена тема за вечно збогување со 2020 година.
На конкурсот добивме многу материјал, а учество земаа автори од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Во продолжение имате можност да ја прочитате втората песна, која влегува во официјалниот избор на седум избрани песни, насловена како „Кога Рим гореше“ во авторство на Сатја Александар Давитков.
Кога Рим гореше
“Каков уметник
умира во мене”
Кога Рим гореше,
При смртта на денот,
Гавран со писмо од запад слетал
На портата на една пекарница,
И од римјани побарал по два златника
Кога Рим гореше,
На моја порта гласник тропна
И кажа дека гавран од мене
Љубов бара
Но во 64та,
Јас љубов немав
Па тргнав кон Палатин да бегам
И по пат Одис го сретнав
Во десна рака тој леб држеше
И во десната леб ми подаде
А со лева од глава круна ми зема,
За да можам пред гавранот јас
Долг да немам
Но во 64та,
Одис и меч од оклоп ми зграпчи
За виолина да ми дари
Па да можам јас, додека Рим гори, песна да свирам
Во 64та и контрабасот засвире
Како човекот од Декаполис тој прозборе
Со гласот на татко ми кажа
Кога гавранот ќе дојде
Јас со него да музицирам
Но од гавран јас морам да бегам
Не смеам по патот назад да гледам
Продолжив право,
Далеку од Рим,
Далеку од домот во кој снег снежи
Но никогаш земја не допира
Кога Рим гореше,
Јас во една куќа влегов
Која на снег мириса
Но на ѕидот јас, слика проткаена здогледав
Себеси на платно се видов
Како во огнот горам
Излегов од куќата и се најдов во шумата
Каде што волкот мене како плен ме гледа
И зајакот од волкот за спас чека
Од часовникот кој чука и вели дека
На 18 јули, шумата ќе изгори цела
Па во шумата крај река седнав,
И во вода јас една чудна слика согледав
И мојата виолина прозборе
Како што контрабасот рече
Дека всушност јас, сево ова време
Со виолината љубовна песна сум свирел.
Па контрабасот пак се јави,
Овој пат погласно кажа
Дека гавран од запад со писмо накај мене лета
И јас почнав да бегам
Накај последното место коешто можев да го најдам
Во старата куќа јас влегов
И на вратарите им наредив сите врати да ги заклучат
Секоја птица да ја стрелаат
И на никој човек да не отвараат
Зошто мене контрабасот ми кажа
Дека гавран со писмо накај мене лета
Ми остана да чекам.
Да видам дал волкот кучиња ќе роди
Дал ружата еднаш ќе се смилува
На раката која ја држи
Се прашувам дур се гледам во огледалото кое мечта ја отсликува,
Љубовта, која јас ја немам
Одеднаш се јави глас многу познат
Од прозорецот прозборе
Мајка ми
И ми кажа дека гавранот на порта стигнал
И ја бара
Љубовта, која јас ја чекам.
Гавранот дојде,
Огледалото се скрши,
Од него парче се одвои
Легна во мојата дланка
И кожата ми ја помилува
Што е крв кога во неа не тече љубов
Што е смрт кога без љубов живееш живот
Кога Рим гореше,
При смртта на денот
Птица слета врз моето тело,
Но не гавран,
Туку ластовичка бела
Која ме барала сево ова време,
Песна љубовна со мене да отпее
За светлината,
За снегот кој дома снежи
И полека да ми каже
Дека огнот од кој што се плашев
И од кој што сево ова време бегав
Престанал да гори во 64та.
„Идејата за песната ја имав уште пред една година. Сакав да направам паралела помегу карактерот на императорот Неро и самиот себе. Искрата се роди кога на час по историја го слушнав митот за како “Неро свирел додека Рим горел”, и ми остана засадено во умот. Инаку имам 18 години и сум ученик во средно уметничко/музичко училиште. Ја сакам конекцијата помеѓу поезијата и музиката, помеѓу пишувањето и компонирањето. Ми се допаѓа идејата дека се едно. Себеси не се гледам ниту како писател, ниту како композитор, туку како синтеза од двете.“ вели Сатја за себе и својата песна.
Comments