top of page
Writer's pictureКултура β

Можеби и ќе ти кажев - Николина Савеска

Можеби и ќе ти кажев

така нежно ќе ти шепнев на уво

или ќе почнев да филозофирам за чувствата мои

или ќе ги испишев во писмо и ќе ти гo испратев

ќе ти кажев дека со твоето доаѓање

ја донесе и смислата на мојот живот

дека и среќата како река потече

а можев и бисер да нанижам

со буквите на името твое

па да го ставам на врат

за цел свет да види кого љубам

а ти гордо да се смееш

можеби и ќе ти кажев

дека во твоите очи гледам занесно

исто како и во ѕвезденото небо

дека и срцево од твојот случаен допир ми затреперува

а умов останува некаде, се закочува

можеби и ќе ти кажев

дека пред да заспијам за тебе се молам

дека под перница твоја фотографија чувам

вистинска лепота за моите очи

можеби и ќе ти кажев

се ова ќе ти го кажев

но подобро беше што не ти кажав знам

вака ќе се разотидеме без збор

тивко на прсти

со мелодијата која тишината ни ја приредува

јас силна пред тебе и пред светот ќе бидам тогаш

и гордо збогум ќе ти кажам

а потоа ќе се расклопам на сите делови

и ќе талкам додека повторно не се спознаам

и не ја заборавам

смислата на мојот живот

Тебе.

Comments


bottom of page