Четири жени
Во мене живеат четири жени. Марта, Симона, Ангела и Дијана.
Марта постојано настојува да ја обојам косата портокалово, да појдам на курс по шпански и да се преселам некаде на море. Марта ги реди книгите по боја, а не по жанр, постојано купува кулинарски списанија од трафиката во маало и сонува еден ден да живее во куќичка на село со голем двор каде што ќе одгледува јагоди и шери домати.
Симона има страв од пајаци, темнина и височини. Постојано ме убедува дека треба да престанам да пишувам и дека едноставно не ме бива. Симона секогаш пали цигара кога ќе и се случи нешто непријатно, а знае и да плаче за глупости.
Ангела е интроверт, ја изморуваат обични муабети и е помирена со тоа дека никаде не припаѓа. Таа се затвора во соба и чита книги по цела ноќ. Понекогаш ги чита истите книги и по четири и пет пати. Секогаш ми вели да ги избришам сите социјални мрежи, бидејќи ми одземале премногу енергија која би можела да ја искористам на попаметни работи.
Дијана секогаш прави предолги списоци и концепти и се обидува да биде најдобра во сѐ. Дијана пробува секаде да припаѓа и тоа ја изморува. Кога ќе се измори премногу ја снемува на неколку дена, а потоа пак се враќа и продолжува по старо.
Во мене живеат четири жени и понекогаш сите одеднаш зборуваат, а јас не разбирам ништо. Понекогаш немам сили да се расправам и дозволувам да управува онаа, најгласната. А понекогаш пробувам да ги слушам сите одеднаш и тоа однадвор изгледа многу чудно.
Во мене живеат четири различни жени и јас сум секоја од нив.
Comments