Го зборевме ова?: Месец на машко не-здравје

Драга моја Калина,
Пред нас се 16 дена на флоскули и настани со платен кетеринг, со луѓе кои се заштитени од нивните меѓународни канцеларии или од нашите полицајци, оние кои не реагираат соодветно на пријавите на жртвите. Овие луѓе се кампањски и не ја доживуваат опасноста да си жена или девојка како нас „обичните“. Ним не им е страв што може да се случи во автобус во 11 навечер, затоа што не го ни користат јавниот превоз во распаѓање, нели. Затоа, пред нас се првите денови активизам на улица, во меѓусебни разговори и притисок во медиумите. Активизам кој почна со женска блокада, кој треба да продолжи до исполнување на барањата и да трае долго потоа.
Во претходното писмо ти пишував за првиот протест против фемициди по последниот фемицид во кој бевме исцрпени од зборови и велам: „а, навистина што повеќе да се каже?“. Но откако по него сведочевме незапирлив бран на родово и системско насилство за кое ми пишуваш и ти, очигледно е дека мора да ја одржуваме оваа тема актуелна па дури и ако нешто се смени или, особено, ако се исполни барем некое од барањата.
Значи, да се потсетиме, во ноември, светски препознаен како Месец на машкото здравје, во Македонија едно момче ја запали својата девојка, а потоа се самоуби, друго ја претепа и го притворија, избега и потоа самиот се предаде и трет мамин и татин (и очигледно партиски) син ја претепа својата девојка и мислејќи дека е мртва ја исфрли од кола пред маркет. Што е дефинтивно нездраво, но слушај го следново:
На вчерашниот, Меѓународен ден за елиминација на насилство против жените, уапсени беа тројца насилници во Тетово, Штип и Струмица кои еуфемистички речено, според насловот „ги малтретирале“ сопругите. Ако отвориш во билтенот пишува дека освен што физички ги нападнале, им се заканувале, едниот и со ловечка пушка. Исто така, татко и неговите две ќерки од кривопаланечко Жидилово добиле кривична пријава под сомнение дека претепале 67-годишна жена. А двајца синови се уапсени под сомнение дека ги нападнале своите мајки. Е, сега, овие апсења и кривичната ќе значеа некакво поместување, но само ако верувавме дека вистински ќе се исполнат, а нема да ги пуштат на слобода насилниците кратко по објавувањето на веста, или ако тие не им избегаат. Битолчанецот кој ја претепа својата девојка им избега од прозор, па доброволно се врати. Мислиш ли дека тоа го прави некој што стравува дека ќе одговара за стореното? Мене не ми изгледа така.
Се прашувам дали е случајно што Месецот на машко здравје се поклопува со овој Меѓународен ден кога почнува кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“? За оваа кампања засега нема конкретна програма, но затоа го знаеме слоганот „Своја на своето“ и најавата за „низа јавни настани, дискусии и активности за подигнување на свеста, со цел промовирање на нулта толеранција кон сите форми на насилство кои ќе се одржат низ целата земја“.
На национално ниво, осебен акцент ќе се стави на економското насилство врз жените и девојчињата. Тоа е „со цел подигнување на свеста за скриените облици на насилство кои често се занемаруваат, но неретко претставуваат вовед во потешки и понасилни форми на злоупотреба.“ Како функционира подигање на свест за „скриени облици на насилство врз жени“ во општество кое нема свест за соголено насилство од типот на тепање, давење, заканување со пушка и, конечно, во општество кое нема свест за убиство?!
Месецот на машко здравје од друга страна, значи и работа на менталното здравје и тој не е институционално покриен со програма. Општина Куманово организираше трибина „Машки муабети“ на која, воглавно, се зборувало за превенција на уролошки заболувања.
Во вакви услови, бричењето кое на почетокот на ноември треба да претставува потсетник за превенција на рак на простата и тестиси е сведено на маркетинг понуди во берберници или производи за нега на кожата и брадата. Таквиот маркетинг преминува и во другите индустрии наштетувајќи ѝ, притоа, на самата цел што директно влијае и врз наративот во јавноста. Една компанија, на пример, се обраќа вака: „Драги Дами, колку за потсетување и мажите имаат свој месец!“
Друга објава на која налетав вели дека „Добар маж знае да заплаче, да оди на доктор и да побара помош“. Како да е пропишано дека мажот не знае да заплаче или да побара помош, па еве ни требаше овој потсеник да ни каже. Од друга страна, ако ваква објава се направи за „добра жена“ повторно ќе биде проблематично. Разбирам дека профитот е важен за приватните компании и болници, но ваквите наративи се производ и недостигот на јавна грижа за машкото здравје. Особено непостоечкиот интерес за нивното ментално здравје.
На жените кои фактографски се побројни жртви на системот од мажите во ова општество им прекипе од куртоазната загриженост на институциите за насилството и повикаа на блокада и на протести каде што порачавме колку сме бесни и ги кажавме своите барања. На вториот протест бевме погневни и направивме гроб во кој почиваат 59 жртви на фемицид од 2017 до 2026 г. Сепак. уште не сме доволно гневни, но се чини дека правиме исчекор. Овој пат се чини навистина ќе се оди докрај, до исполнување на барањата на и за „Ниту една повеќе“.
Барањата се доставени во отворено писмо до Владата, Собранието и Меѓународните организации. Иницијативата „Ниту една повеќе“ побара итно усвојување на законските измени поднесени на 26 август. Рокот е до 10 декември. Покрај електронската нараквица за следење насилници, предложена е и усна наредба за итно отстранување на насилникот од домот до 48 часа, без оглед на тоа чиј е имотот, а во рок од шест часа треба да биде доставена и во писмена форма. Потоа, судот ќе одлучува дали мерката ќе ја продолжи до 30 дена или ќе ја прекине.
Но, нашите пратеници и пратенички, наместо да го усвојат ова по итна постапка пишуваа симболични пораки на банер во Собранието. Банерот е насловен „Насилството не е љубов?“ По ова мајтапење со нас на Меѓународниот ден против насилство врз жените кога цела Европа се крена на нозе, очигледни се следните чекори.
Пред да се одјавам ќе им се обратам на мажите: Ако не преземате ништо друго, приклучете ни се на протести, блокади и зборувајте за ова наглас, пренасочете го гневот кон барањето за превенција на насилство и правда заедно со нас.
Со љубов до следниот протест,
А.




Comments