top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Предлог филм: „Затвори ги очите“ од Виктор Ерисе

На отворањето на 14. Филозофски филмски фестивал, в петок (7.6.) со почеток во 20:30 во Кинотеката на Македонија ќе биде прикажан најновиот филм на познатиот шпански режисер Виктор Ерисе, „Затвори ги очите“.


Оригинален наслов: Cerrar los ojos

Режија: Виктор Ерисе

Времетраење: 169

Година: 2023

Земја на потекло: Шпанија, Аргентина

Познатиот шпански актер Хулио Аренас исчезнува за време на снимањето на „Поглед за збогум“, вториот и никогаш завршен филм на неговиот добар пријател од младоста, режисерот Мигел Гарај. Иако неговото тело никогаш не е пронајдено, полицијата заклучува дека се работи за несреќен случај на море. Неколку децении подоцна, благодарејќи на сензационалистичко телевизиско шоу, мистеријата околу исчезнувањето на Аренас одново е во фокусот на вниманието на јавноста и, далеку поинтимно, во она на одамна пензионираниот Гарај. Повикан за интервју и опседнат од спомени и старост, Гарај помирено одлучува да им се наврати на три нешта кои како да се трудел дотогаш да ги остави зад себе: заминувањето на Аренас, луѓето од нивното заедничко минато, како и неколкуте сцени од почетокот и крајот на „Поглед за збогум“, немарно тестаментарни за двајцата некогашни пријатели...


„Затвори ги очите“ е богат и вдахновено поетски филм кој, според зборовите на самиот режисер, е нежна ода за идентитетот и сеќавањето. Едноставната елеганција на филмскиот ракопис и препознатливо одмерениот, многуслоен наратив се уште една потврда на фактот дека Ерисе одамна си има резервирано место во вишите редови на европскиот режисерски пантеон: и на 83 години, 31 година по неговиот последен филм, демонстрира вештина на стар мајстор и свежина на талентиран дебитант. Првото му дава за право да сними длабок филм за загубата и минатото; второто, пак, храброст да експериментира со структурата за да избегне фетишизација на тагата и да се фокусира на она што следува по неа – реакцијата, справувањето, спомените.

Едновремено јасен и енигматичен во разврската, „Затвори ги очите“ комуницира и на метасинематичко ниво. Постапката „филм во филм“ овде не е искористена само како декоративно наративно средство, туку и како суштински коментар на актот на снимање. Меѓу идентитетот и сеќавањата – ни предочува Ерисе – веќе стотина години стои и еден нивен чудесен посредник: филмот, неуморниот чувар на неповратното. „Личноста е повеќе од сеќавање за самата личност,“ забележува на едно место еден од протагонистите во „Затвори ги очите“. И филмот, се чини, е повеќе од сеќавање за филмот: често тој знае и повеќе од оној кој го снимил. Минатото како да е секогаш тука: особено она што е заборавено; не само што тоа не е мртво (би рекол Фокнер) туку – не е ниту минато.


„Затвори ги очите“ годинава беше учесник на многу фестивали ширум светот, а својата долго најавувана и нетрпеливо исчекувана премиера ја имаше лани, на Канскиот филмски фестивал.


 

*Синопсисот на филмот е преземен од Каталогот на 14. Филозофски филмски фестивал



Comments


bottom of page