Проколната рожба – Андреј Анѓеловиќ
Мир.
Молчание.
Скоро секој миг глаголаше за Создателот.
Сѐ зборуваше за Создателот,
затоа што сето видливо и невидливо потекнуваше од Создателот.
Дали?
Колнам по времето
кое немилосрдно, крвнички
го заборави дабот, светињата на заборавените народи
да венее, да трулее, да изрти гнасотии.
Да го исуши коренот, да ја затне водата над Јерихон.
Клетви фрлам кон она Сонце
и кон сиот молк на студенилото.
Клетви редам кон словото
кое го проколна родот мој,
кој крвав челад изроди сред полјана
пресно жито некосено
и со челичен срп му го прободе папокот -
да истече крв девствена.
Клечам сред пустелија.
Вивнати храмови и светилници,
крвави солзи слевам низ
разранетите образи и врескам, и викам, и врескам.
Клетви фрлам кон кандилата,
клетви фрлам кон светињата,
клетви фрлам кон слабоста на душава
што го обезуми разумот,
што зрно куршум раѓа од плодницата
низ топла пот од бабицата на мракот.
Ден црнина навези за родот,
ден мермер соѕидај за лешот,
ден тажаленки изреди за странецот.
Ден за ден колни со крст в рака,
ден за ден кандила пали и врескај за умирение.
Колни
кон славејот што глаголи низ ридјето
кон крвта што ја измива потокот од рацете на Пилата
кон созрцанието на обожениот светилник.
Низ сокакот каде што зборот одмина
и мугра не се виде, ни ден, ни година.
Сал’ темнило и црнина.
Се огласи екот на пустелија и тишина,
а тишината чиниш грмеж низ ветрот
Света Евхаристија на алчност прикрива.
Потир крвје, потир трупови, потир премодрени лица собира.
Симити темни од земја создадени, прекршувам над душата.
Симит бела погача,
симит вечности и симит небеси
кои божилакот го кршат и распарчуваат.
Симит пресни гробови прекршувам.
Колнам кон рацете исушени
што симитот пресен го меселе,
колнам кон онаа јад и рожница,
колнам кон онаа утроба што мртва плод родила.
Колнам кон онаа коса и онаа шамија
која сал’ за црнина била создадена,
колнам кон оние очи исушени,
а кои вечности преплакуваат.
Колнам кон онаа сирота девица на времето,
кон онаа мајка чие чедо во муграта застрелаа.
Ако е ова светлината, одземете ја од срцево.
Ако е ова убавината одземете ја од Создателот.
Ако ова е добрината одземете му ја на судијата.
Во темни одаи зад темни вратила
ќе ставам превез преку очите.
Во темни зандани со катран темни пранги
ќе ги заковам рацете.
Низ темни гори ќе ја превезам рожбата
за световно молчание.
За да колнам и пак колнам
кон она што го создаде стеблото.
За да колнам кон оној смртник што жив се закопа во гробјето.
За оној сирак којшто по плачот на рожбата
занеме за вечности проколнати од мене.
Макава на гробје ќе ја превезам
никој да не дојде, да не ме посети,
никој да не одмине и да не проплука.
Само гробје да остане за векови.
Ако слово избледнам, ако гласот го пуштам,
макава од раѓање нека ми ја пресечат.
Онаа мајка што на прагот седи
и немо пепелта ја собира и ја тресе врз косата
челадот да ѝ го повратат.
Нејзиниот глас ќе го земам.
Застанувам, ги затворам очите
свртен со грбот да не им ги видам очите на стрелачите,
Да не побегнам од часот на погубјето.
Врескам низ времето и ме снемува.
Клет да е денот кога родот на смрт беше проколнат.
Се гушиш, а погледни - чист воздух е.
Мир.
Молчание.
Скоро секој миг глаголаше за Создателот,
сѐ зборуваше за Создателот,
затоа што сето видливо и невидливо потекнуваше од Создателот.
Дали?
Андреј Анѓеловиќ, роден на 10. февруари, 2003 година во Куманово. Студент е на Градежен факултет при УКИМ, Скопје. Млада личност која цени и пишува, проза и поезија, а своите погледи во врска со општеството како заедница на човекот ги изнесува во колумни. Истакнува дека преку апстрактните делови на темнината пробува на еден затскриен начин да ги претстави вистинските слабости на реалноста, ранливоста на општеството со надеж дека еден ден ќе се освестиме за мракот кој човекот е способен да го создаде. Добитник е на втора награда на проектот „Млади поети“, година во чест на Блаже Конески и исто така има учествувано на летна школа за поезија и проза со Венко Андоновски.
Comments