top of page
  • Writer's pictureКултура β

Мелемузика: Интродукција

Здраво на сите читатели, писатели, поети, музичари, уметници, скитници, безделничари, студенти, работници и генерално добри луѓе чиј пат ги однел на Култура Бета.

Јас сум Мартин Џорлев, и во оваа рубрика насловена „Мелемузика” (како што предложува големиот наслов над овој параграф) ќе зборуваме за музика. Творам и сум активен во повеќе музички проекти и сум ентузијаст за сѐ што може да се нарече музика.

Зошто е моето мислење за музика важно?

Нема некоја конкретна причина освен тоа што навистина ја љубам музичката експресија и константно се опкружувам со нови изданија и нови сонични истражувања (чувајќи многу и во мојата периферија).

Моето мислење за музика е важно се додека сакате да чуете нешто што се наоѓа надвор од пословичната кутија или некоја моја реконтекстуализација на нешто веќе познато.

Ќе зборувам за нови подвизи во музичкото творештво, а и некои стари кои сметам дека на овие простори се непрочуени и неистражени. Во овој подвиг покрај вообичаената рецензија секако спаѓаат и интервјуа и колаборации со други артисти, мои пријатели и познаници, лица кои ги почитувам. Што би нарекол „мојата цел”?

Единствената цел која ја имам е да дадам светло на не толку познати песни, албуми, бендови, артисти и движења на музичката сцена во Македонија и низ целиот свет кои јас сметам дека се многу значајни за светскиот музички опус. Се надевам ќе ви се допадне оваа рубрика и дека ќе дознаете бар некое парче музика кое ќе ви остави силен впечаток, а и дека ќе дознаете по некој нов музички факт. Поздрав!


100 views
bottom of page