top of page
Writer's pictureКалина Качоровска

β-предлог филм: A Bigger Splash

Режија: Luca Guadagnino

Улоги: Tilda Swinton, Dakota Johnson, Ralph Fiennes, Matthias Schoenaerts

Година: 2015

Земја на потекло: САД

Времетраење: 125’

Жанр: Психолошка драма

Веќе три години по ред, како доаѓаат топлите и убави денови и знам дека летото е тука, на прагот, ми се смешка, така задолжително, за да се присетам колку е оваа планета прекрасна, го гледам едно од визуелно најубавите филмски дела во последниве 10 години – The Bigger Splash (2015). Режисер е човекот кој ви е познат кога станува збор за прикажување на летни италијански пејзажи и страст помеѓу убави луѓе и преку хитот Call me by Your Name (2017), со кој заедно со I Am Love припаѓа на неофицијалната трилогија на Guadagnino – the desire trilogy.


Дејството е делумно базирано на легендарниот француски филм, La Piscine (1969), a името на филмот е инспирирано од истоимената слика на David Hockney. Во превод, како може дело кое е инспирирано од овие две нешта да не биде толку прекрасно колку што е, а згора на тоа, толку сончево и летно?

La Pisicine (1969)

A Bigger Splash (David Hockney)

На кратко, позната пејачка (Tilda Swinton) која речиси го има изгубено гласот го поминува летото во нејзината вила на италијански остров близу Сицилија заедно со нејзиниот љубовник (Matthias Schoenaerts), но одеднаш, нивниот „мир“ е прекинат од бившиот љубовен и професионален партнер на ликот на Tilda, Harry, игран од Ralph Fiennes, кој со себе ја носи и својата (новопронајдена) ќерка (мојата омилена Dakota Johnson). Оваа нетипична групација води до многу сексуална тензија, љубомора и страст поради кои се случуваат сите конфликти понатаму.


Иако дејството е особено комплексно и многу забавно, сепак, кинематографијата е она што го прави овој филм толку драг за мене. Не знам дали е поубава белата вила и големата тераса, синото море, стариот град, големиот базен, храната, лелеавите фустани и кошули или сепак, четворицата главни ликови? Силно тврдам дека на филм никој никогаш не изгледал подобро од овие луѓе тука. Сe прашувам дали е до нив или до Италија.


Во прилог прикажувам уште слики од самиот филм за да не можете да одолеете, уште веднаш да го пуштите и да се понадевате дека можеби ова лето ќе успееме да видиме такви убавини.





Comments


bottom of page