top of page
Writer's pictureЛеонид Велковски

β – предлог филм: Sleep

Режија, камера: Andy Warhol

Монтажа: Sarah Dalton

Улоги: John Giorno

Година на издавање: 1964

Времетраење: 321’

Жанр: Авангарден

,,Спиење” е нем црно-бел филм, авангарден филм, кој го прикажува Џон Џорно како спие. Овој еден од првите експерименти на Ворхол, ,,анти – филм”, кој ги отфрла општоприфатените ,,правила” на создавање филм и што треба да означува еден филм и како треба да изгледа тој, односно редефинирање или ,,отфрлување” на уметноста како целина.


Филмот е снимен на пет различни ролни филм и секоја ролна е уникатна. Така во првата ролна, воведниот кадар трае четири и пол минути, но се повторува шест пати. Потоа има други посебни кадри кои се прикажуваат последователно, а потоа наизменично. Во четвртата ролна на пример, има крупен кадар од главата на Џорно, кој трае четири и пол минути, но се повторува и ја гледаме како целина цели осумдесет и шест минути. Единствено деветтата ролна е уникатна, во која има различни фрагменти, од различни кадри. Кадрите во филмот се често крупни и од блиску го следат процесот и чинот на спиење на Џорно, покажувајќи различни делови од неговото голо тело (главата, задникот) а го следат дури и ритамот на дишењето.


Филмот е подолг од пет часа. Ворхол инсистирал да се отстрануваат кадрите во кои има движење и тој сакал скоро сите кадри во филмот да изгледаат исто, со што се добива илузија на континуитет. Тој снимил четири часа од спиењето на Џорно, но искористил само триесетина минути од снимениот материјал, така што некои кадри се повторуваат постојано, а одредени се појавуваат само еднаш.


Ворхол по овој филм, ќе продолжи да прави филмови во стилот на ,,Спиење”, а таков пример е филмот ,,Емпајр”. Ворхол како една од највлијателните личности во дваесетиот век, а и како уметник, ќе прави разни експерименти со филмот како медиум, за еднаш да изјави дека тој повеќе го сака правењето филмови, отколку сликањето. Ворхол, андерграунд филмот ќе го популаризира, односно донекаде ќе го направи мејнстрим, поради самата популарност на Ворхол, но и поради тоа што во филмовите ќе се појавуваат разни холивудски или познати личности, кои дотогаш не биле видени во такво необично светло, во какво што ќе се прикажуваат во Ворхоловите филмови. Тие филмови ќе бидат врската помеѓу невидливата култура и разните маргинализирани општествени групи во Њујорк во средината на дваесетиот век (кои биле сметани за чудни или биле осудувани од општеството) и пошироката публика.

Kommentare


bottom of page