top of page
Writer's pictureКалина Качоровска

Нешто е гнило во борбата за климатска правда

Факт: Само 100 светски компании се виновни за 71% од штетните глобални емисии. Уште еден факт: Забранување на пластични цевки е најголемиот чекор кон преземање на мерки против климатските промени направен во 2021. Гледате каде ќе терам, нели?


Пред година и пол во рамките на една младинска иницијатива работев на проект кој се занимаваше токму со глобалното затоплување и климатските промени како теми. Проектот беше финализиран преку настан на кој одредени организации и здруженија кои се залагаат за зелени алтернативи на живеењето и реобмислување на нашите секојдневни навики во полза на природата имаа свои презентации. Стануваше збор за одлични говори, одлични дискусии, па и настан, но и проект кој го сметам за целосно успешен, затоа што беше фокусиран на тема за која сум особено заинтересирана и многу страствена. Но сепак, откако поминаа цели 15 месеци (од кои 12 се во пандемија), сфаќам дека денес, целиот мој пристап кон таа задача ќе беше поразличен, но со тоа сфаќам и колку моите лични гледишта и ставови за оваа тема се имаат можеби не променето, но пренасочено.


Во одреден разговор кој го имав тогаш за овој настан, велам дека е клучно да започнеме од самите себеси и да заборавиме на мрзеливоста, дека иднината е во наши раце и дека мораме да почнеме со делување против климатските промени и за позелено утре. Точно! Еве, верувале или не, се согласувам со Калина од декември 2019. А сепак, има нешто што ме ежи кога си ги пречитувам моите одговори, а тоа е фактот дека во ниеден момент не ми текнало да ги обвинам оние претходнопоменати 100 компании, ниту мегаломанските продавници како Веро кои пакуваат спанаќ во пластични фолии, ниту оние кои летото го поминуваат на јахта, а зимата во џип, а имаат образ да се најгласни при пропагирањето на климатска правда. Зашто еве, дали навистина оние мрзеливите, оние неедуцираните, оние неосвестените се виновни за тоа што планетава умира? Дали оние кои се греат со горење на различни ѓубриња од причина што немаат како друго се виновни што во градов не се дише добри шест до осум месеци во годината? Или сепак, виновни се овие другиве кои некако при процесот на себеобвинување забораваме да ги погледнеме?


За да не бидам погрешно разбрана, јас сум апсолутно за тоа да бидеме внимателни за своите сопствени чекори, одлуките кои ги правиме и навиките кои ги имаме. Веќе пет години сум вегетаријанец, пред сѐ поради морално-етички причини, како за животните, така и за животната средина. Токму месната индустрија е една од највлијателните кога станува збор за емисии и загадување и силно тврдам дека веганството е чекор кој е клучен при борбата со глобалното затоплување. Во моментот штом се иселам од дома, ќе станам веган. А зошто ако сум вегетаријанец пет години чекам толку време? Па, затоа што во нашето домаќинство, двајца од пет луѓе не јадат месо, што веднаш значи секојдневно приготвување на два ручеци. Замислете го финансискиот товар кој би го имале доколку би требало да се подготвува трет?! Кога ќе живеам сама, веројатно ќе ја имам слободата да се посветам на здрава храна и веганство. Но, најголем дел од луѓето ја немаат сега, а нема не би ја имале дури ни сами. А како да ја имаат кога едно авокадо, богот на здравата, инстаграм блогерска храна е 350 денари од килограм? Како кога делот за здрава храна во секоја продавница е најскапиот? Нормално дека ќе се исхрануваат со храна која не само што е неквалитетна и штетна за нивното здравје, туку и за планетата. И, што? Тие ли се виновни?


Сличен пример е и новонастанатиот тренд на купување винтиџ или облека од втора рака, но и купувањето на уникатни, рачноизработени производи како отпор кон таканаречената „брза мода“ (fast fashion). Факт е дека компаниите како Zara, Bershka, H&M, Stradivarius итн. се милионски компании кои мораат да бидат обвинувани, но преку ова движење вината не се префрла на нивното постоење, туку на нивните купувачи, што е нелогично од многу причини. Пред сѐ, иако далеку од евтино, секако дека широките народни маси не можат да си дозволат да купуваат стриктно винтиџ или пак рачни изработки (кои со право се скапи), ниту пак да се откажат од брзата мода на која се навикнати веќе децении наназад. Малку поинаква е ситуацијата со облеката од втора рака, која е секако поевтина, но она кое се забележува по големите онлајн продавници како Depop, Etsy, Amazon, AliExpress е препродавање на парчиња купени од втора рака, со описи како: SUSTAINABLE, SECOND-HAND, CRUELTY FREE, ETHICALLY MADE, а ненормални цени кои не соодвестствуваат со претходната вредност. Но, бидејќи сме научени да чувствуваме вина за пропаѓањето на светот, даваме уште толку повеќе пари, верувајќи во тоа дека размислуваме за нашите одлуки и навики и не допринесуваме за климатски промени.


Патем речено, она кое ја прави оваа ситуација уште понепријатна е фактот дека земјата го има потенцијалот да биде нешто многу подобро. За пример ја земам Македонија, тло кое е совршено и има секакви можности да биде еколошка утопија. Сосема е возможно да живееме само со домашно производство, да се исхрануваме со секој можен зеленчук и овошје од оваа плодна почва и да користиме исклучиво соларна енергија заради нашите златни 300 сончеви денови. Но не, општина Центар постави контејнери во боја и машини кои враќаат пари кога рециклираме пластични шишиња и ние треба да сме пресреќни! Ако де, мал чекор за планетата, голем за нас.

За жал, колку повеќе учам и навлегувам во оваа тема, толку повеќе се разочарувам. Се разочарувам од причина што сето ова можеше да биде совршеното контра-движење на капитализмот. Можеше да се пренасочиме на примарните дејности и кога самата планета ни дава до знаење дека е време да се смени сѐ, да го искореневме она кое толку очигледно нѐ кочи веќе толку многу векови наназад. А со што завршивме? Со екологијата како слугинка на климатските промени. Колку тажно!

Comentários


bottom of page