top of page
Writer's pictureДамјан Златановски

Синдромот на Да Винчи: Македонско-европска перспектива

СИНДРОМ

мн. синдроми


вид збор: Именка, машки род


Комплекс на симптоми каратеристични за некое заболување.


Во широките сали на музејот Лувр (Musée du Louvre), каде што историјата и културата шепотат низ платната на велемајсторите, голем грабеж наоѓа прибежиште во доцна августовска ноќ, лето 1911. Вака се раѓа легендата по која горел светот на уметноста: како приказна исткаена од нишките на љубопитноста, дрскоста и енигмата. Ноќта на 21. август, млад Италијанец, Винченцо Перуџа (Vincenzo Peruggia), прошетал покрај стражарите и посетителите на Лувр со брз чекор во чевлите и „Мона Лиза“ (Gioconda, Leonardo da Vinci) под кошулата, исчезнувајќи во сенките на париската ноќ. Ноќта се претворила во ден, денот во недела, а музејот ни најмалку не се посомневал дека ова, небаре дело над делата, изникнало нозе и побегнало од клинецот на кој минало години висејќи и тоа, сѐ додека фреквентен посетител од љубопитност не се распрашал за сликата која навикнал да ја гледа во едно темно ќоше од музејот.


Приказната за исчезнатата слика за кус период ја обиколува Земјината топка, а со одолговлекување на енигмата, растела љубопитноста. Па така, кулминацијата се прелива во перипетија кога Винченцо, воден од својата италијанска гордост и желбата Давинчиевото дело да се врати дома, на италијанско тло, ќе ја понуди сликата на музеите во родната земја. Неодушевени од амбициите на крадецот, ќе се здружат со парискиот музеј и ќе ја вратат Мона Лиза во Франција на која и самиот уметник ја подарил. По две години бегство, Мона Лиза се враќа во Париз, а со себе носи слава помасовна отколку што можел да ѝ посака и самиот Да Винчи. Веста за триумфалниот поврат го обиколува светот уште побргу од кога истото исчезнало, разгорувајќи ја ненаситната желба кај публиката да ја сведочат легендата од први редови и со свои очи.


Ова е генезата на феноменот кој природно го нареков Синдром на Да Винчи - феномен на непоколебливата фасцинација на човечкиот дух низ вековите, кој ја издигнува Мона Лиза од обичен аристократски портрет во симбол на неспоредливо уметничко совршенство. Иако е директна аналогија од уметноста, овој „синдром“ се протега надвор од нејзините граници. Од модата и музиката, до спортот и политиката, се препознава во сржта на општествата и заедниците. Присутен е и во македонското општество: во нашата хиперфиксација и идолизација на нештата и градењето нестварни очекувања кон она со кое често не сме доволно запознаени.


Феноменот резонира и со колективните очекувања во контекст на евроинтеграцискиот процес. Како што воодушевувањето кон „Мона Лиза“ доаѓа од инхерентната човекова љубопитност и резонирањето дека дрскоста на грабежот соодвестува со совршенството на делото, креирајќи заблуда од приказната зад случката која е поголема од самата случка, така и ние слушајќи и гледајќи го животот и стандардот во земјите од ЕУ креираме илузија кон Унијата, поради енигмата од неопипливоста на нештата кои укажуваат на драстичната разлика помеѓу дома и Запад. Со ова создаваме идолизација на ЕУ во погрешни смерови, испоистоветувајќи ја со политичко совршенство без компарација кое преку ноќ ќе ни донесе прогрес кога би станале членка. Оваа илузија обострано ја веруваат и народот и политичките елити.


Во суштина, точно е дека ЕУ обезбедува стандард кој го уживаат нејзините граѓани, ослободени од грижата дали нивните матични држави ќе бидат доволно доблесни своеиницијативно да им ги задоволат потребите и загарантираат слободите. Но, она кое е клучно е процесот на интегрирање пред моментот на зачленување кој е побитен и од самиот влез. Преку него, земјата кадидат, односно преговарач, се оспособува и осамостојува до ниво, доволно високо за по влезот да биде компетитивна и стабилна членка на заедницата. Овој јаз ја нагласува потребата нациите на земјите кандидати, вклучувајќи нѐ и нас, да ги потсетат своите влади за неопходноста од целосни и суштински реформи, но и владите да ги охрабрат граѓаните да се приклучат кон градењето напредни и компетитивни општества. Времето е минливо, а синдромите не можат да ни послужат долгорочно. Мора да си го средиме домашниот неред до последната прашинка за да добиеме придобивки, а не загуби по влезот во Унијата.


Скоро две децении на патот кон ЕУ го приоритизираме надворешниот „неред", наместо да се сконцентираме на средување на домашниот, со што дадовме повеќе од што добивме. Како последица на ова со прст покажуваме кон секој, освен кон самите себе. Најважниот критериум за влез во ЕУ е владеењето на правото и вербата во домашните институции, што пред сè би требало да биде загарантирано во секоја земја, без разлика дали истата се стреми кон Унијата или не. Во моментов имаме само една опција, а тоа е да ја сфатиме важноста на домашните реформи и јасно да ја толкуваме улогата на пристапните преговори за функционално унапредување на општествата. Стремежот кон Унијата смее да биде само резултат на системска подготвеност, а не краток пат кон квази-просперитет. Во спротивно, ни останува да ја хиперидолизираме Унијата и да се воодушевуваме на она кое никогаш нема да ни биде достижно. Иако Македонија не е спремна да стане дел од ЕУ, младите веќе успешно се интегрираат…



 

Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, песни, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.



Comentarios


bottom of page