Како протестираме?
- Калина Качоровска

- 4 days ago
- 10 min read
На мојот седми ден во Сараево, во ден недела, бев на големиот протест под мотото „БиХ за слободна Палестина“. И покрај тоа што претходната недела официјално беше прогласен прекин на огнот и, во зборовите на Трамп, „војната заврши“, протестот во ниедна смисла не беше со помала страст или жар, напротив, затоа што прекин на огнот не значи ослободување, а страст и жар ќе има сѐ додека Палестина не е целосно слободна.
Главната причина зошто отидов на протестот, е, секако, покажување на солидарност со палестинскиот народ, но покрај тоа, многу ме интересираше како изгледа протест во Сараево, во Босна, како протестираат сарајлиите. Бев многу пријатно изненадена, да не речам, дури и воодушевена од она што го видов. Фасцинантен беше пред сѐ бројот на учесници, кој според одредени проценки надмина 6.000, но она што го направи овој протест незаборавен не беше само оваа неверојатна бројка, туку уште неколку важни фактори:
Демографска структура - беше големо освежување на протест да се видат луѓе од сите возрасни групи, од мали деца, па сѐ до постари лица (на пример, многу баби дојдени со своите внуки), но и луѓе од различни општествени слоеви и категоризации, сите присутни на едно исто место, за една иста цел.
Логистка - протестот траеше колку што беше предвидено, два часа, од 13 до 15, истиот имаше точно назначена патека по која се движевме, почнувајќи на симболично место, движејќи се кон американската амбасада, а се заврши на поставената сцена помеѓу Историскиот и Народниот музеј на БиХ со говори и настапи на повеќе активисти, уметници, новинари, професори, глумци, музичари и со изведба на Bella Ciao од страна на голем женски хор.
Атмосфера - за протест кој трае цели два часа да биде 100% од времето со исто ниво на енергија е речиси и невозможно, но она што го искусив вчера го докажа спротивното. Во текот на првиот час, додека сѐ уште бевме во движење, скандирањето на паролите не престана во ниеден момент, водено од страна на неколкуте гласни, гневни, храбри и вжештени волонтери и активисти, па така, повеќе од 60 минути низ сараевските улици се слушаа гласовите на 6.000 луѓе кои повикуваа на стоп на геноцидот во Палестина, смрт на фашизмот и ционизмот и бојкот на Израел (особено кога стигнавме пред американската амбасада).
Симболи - не само што секој втор-трет учесник со себе имаше голем транспарент, туку истите ги имаше на само на босански/српски/хрватски, туку и на еден куп други јазици. Секако, се вееја бескрајно многу палестински знамиња, но на секое петто палестинско знаме, имаше по едно босанско.
Се’ на сѐ, по речиси четири месеци поминати во Скопје и Македонија, беше големо освежување да се отиде на протест по кој се вратив исполнета и со желба да продолжам да се борам. Но, пред да преминам, во класичен македонски стил, на жалење и критикување на cѐ што се случува кај нас и преправање дека сме најлоши од сите (лоши сме, ама не сме најлоши), мора да се даде малку поширок контекст за Сараево и БиХ.
Она што е најважно во оваа ситуација е тоа дека Босна и Хецеговина е земја која не толку одамна има поминато низ геноцид (од 2024 и официјално признаен од страна на ОН како геноцид), етничко чистење и етно-националистичка војна. Сараево е најдолго опседнат град во историјата на современата војна (3 години, 10 месеци, 3 недели и 3 дена). Паралелата со она што денес се случува во Газа и Палестина е повеќе од јасна. Солидарноста на босанскиот народ со палестинскиот е оттука природна. Ова го објаснува бројот на учесници на улиците во Саарево во неделата, но и најголем дел од другите 4 точки кои ги напоменав. Секако дека демографската структура е разновидна, затоа што најголем дел од населението има поминато низ истото (или еве, барем сличното) низ кое што поминува денес населението во Газа, или директно (повозрасното население) или индиректно (помладото населние родено и израсното во сенка на пост-воената и пост-геноцидната траума). Секако дека атмосферата е вжештена, зашто кога на улица во Босна се извикува „Стоп за геноцидот“, знаеме што значи тоа геноцид. Секако дека палестински и босански знамиња се веат здружено, затоа што и Палестина и БиХ биле и сѐ уште се жртви на поголеми сили.
Но, и покрај сите суштински сличности и паралели, сепак, протестот во неделата беше за проблем надвор од границите на Сараево или БиХ. Сите тие 6.000 луѓе не протестираа за решавање на домашни, локални проблеми (кои ги има еден куп), туку за туѓи. Од разговорите кои ги имав со неколку сарајлии и Босанци по протестот, не е дека тука има којзнае каква култура на протестирање, напротив. На протестите кои (ретко) се организираат за прашања како корупција, работнички или женски права, системска нееднаквост и дискриминација, непотизам и така натаму, не се појавуваат ни 50, а не па 6.000 луѓе. Тие 50 најчесто се луѓе од граѓанскиот сектор, од кои 25 се дел од организацијата на самиот протест. Во последните десетина години, се издвојуваат два протести или форми на бунт кои можеме да ги наречеме масовни - осмомартовскиот протест кој се одржа во Сараево оваа година (над 2.000 луѓе) и протестите, нередите и пленумите во февруари 2014, кои почнаа во Тузла и се проширија низ сите големи градови во Федерацијата. Па така, полека се доближуваме до она што се случува во Македонија. Си го поставувам прашањето: како протестираме?
Како прво, за разлика од БиХ, големи протести за Газа и Палестина немало. Односно, во нашиот контекст, „голем“ протест има поинакви размери, многу помали од оние во БиХ. Веројатно еден од поголемите протести се случи пред две-три недели во Скопје, на кои бројката на учесници се проценува како „стотици“, што не звучи баш прецизно. Инаку, овие протести се одржуваат релативно редовно, но истите не се многу посетени. Е, сега, некој би рекол дека сме оптоварени со толку многу проблеми во Македонија, што немаме ни време, ни сила ниту да размислуваме, а камо ли да протестираме за Газа. Ова би бил сосема валиден аргумент ако гледавме некакво сериозно протестирање за домашните прашања. Не гледаме. Па така, ситуацијата е следна: истите луѓе што протестираат за македонски проблеми, протестираат и за Палестина. Бројките и на едните и на другите протести се поразителни. Но, што со другите фактори кои ги прокоментирав во однос на Сараево?
Демографска структура - ова е веројатно еден од оние фактори кои се најкритикувани кога станува збор за протести во Македонија. Имено, владее општопознат, но и оправдан став дека на сите протести одат истите 40-50, еве, ако имаме среќа, 100 луѓе. Ова се луѓе кои припаѓаат во горе-долу истите демографски категории: млади, образовани, дел од граѓански сектор, лево-ориентирани, активни во поле на (независна, алтернативна) култура и уметност. Со истите луѓе со кои што се гледаме на протест, се гледаме и на свирка, и на настани, и на исти места пиеме кафе и пиво. Со други зборови, демографската структура на протестите покажува дека и тие се дел од оној балон (бабл, меур) за кој пишував неодамна. Не е возможно дека ова се единствените луѓе во државата кои се лути, гневни и незадоволни, особено не затоа што објективно гледано, ова се (сме) луѓе кои се на многу начини дури и привилегирани, но каде се сите други?
Логистика - исклучително слаба карика на македонското протестирање. Тешко ми е да критикувам, затоа што ми е повеќе од јасно колку е тешко да се организира квалитетен протест кај нас, со оглед на тоа што нема доволно луѓе кои имаат доволно време и енергија да се посветат на нешто такво, а и државата, системот и градот функционираат на начин кој дополнително го отежнува тој процес. Сепак, она што е карактеристично за најголем дел од протестите кај нас е отсуството на било каква идеја како тие протести треба да изгледаат. Ако зборуваме само за протестите од почетокот на оваа година досега, ситуацијата е следна: во последниве ужасни, тешки, црни, пеколни десет месеци, се случија три големи трагедии (за кои Марија Велинова пишуваше во нејзината последна колумна). На протестот кој следуваше по третата голема трагедија, односно убиството на Росица и нејзиниот татко, Андреј ми рече: „Калина, не е ли страшно што на секое твое доаѓање во Македонија одиме на некој протест?“. Одговорот е не, не е страшно, туку е престрашно. Престрашно е затоа што одиме на протест не за да си ги бараме и браниме правата кои ни следуваат, туку затоа што одиме на протест бидејќи постојано се случуваат животоуништувачки трагедии. Тука се јавува и првиот логистички проблем со (најголем дел од) нашите протести - не знаеме за што протестираме, не знаеме што бараме. Се собираме еднаш, два пати, максимум три пати по некоја голема трагедија и потоа спласнуваме. Навидум бараме правда, системски промени, но што значи таа правда, што значат тие системски промени? Се собираме пред Влада или пред Собрание, евентуално пред ОЈО, се движиме од едно до друго место во тишина, бараме минута молк за време на која едвај молчиме, од време-на време некој на мегафон ќе викне „Сакаме правда“ и по 30 минути сите се разминуваме на различни страни зашто сфаќаме дека не знаеме што друго треба да правиме. И вака изгледа секој протест на кој сум била не само во 2025, туку во последниве неколку години, откако сум доволно возрасна свесно да одам на протести.
Атмосфера - овој фактор е директно поврзан со претходниот. Поради фактот што протестите не квалитетно организирани и немаат јасна визија, атмосферата е речиси секогаш, во најдобар случај, тажна. Свесна сум дека звучи можеби и бесчувствително, но поентата на протестите е тагата и болката да ја претворат во гнев, во бунт, во жар. Тоа не се случува никогаш. Како може после нешто како Кочани да одиме на мирен, тивок протест????? За што да бидеме мирни, за што да бидеме тивки? Почит кон загинатите не се покажува со молк, туку со барање правда, а ниеден од протестите кои следуваа по кобниот 16-ти март (освен веројатно првиот по неделата на жалост, но не можам да кажам со сигурност бидејќи тогаш не бев во Македонија) не беше успешен во тоа да создаде борбена атмосфера, континуитет или чувство кај учесниците дека нивното присуство нешто значи. После секој протест чувствувам празнина, затоа што се чувствувам како cѐ да ми е бесмислено. Тоа е веројатно спротивно од чувството кое треба да го имаме по протест и дефинитивно спрoтивно од она што го осетив во неделата во Сараево.
Симболи - освен транспаренти, на нашите протести најчесто недостасуваат симболи (освен кога се протестира за Газа, каде секако дека има палестински знамиња), најверојатно од страв од идеолошко етикетирање. Па така, на ниеден од овие протести нема да видите македонско знаме, зашто веење на истото се смета за националистички чин, исто како што се избегнуваат и одредени бои кои се асоцирани со политички партии, како и паролата „Нема правда, нема мир“, зашто истата се асоцира со Шарена револуција, во чија сенка живеат сите протести оттогаш.
Кога веќе ја спомнав Шарена, ајде малку и околу тоа. Шарена револуиција е, според мене, причината поради која нашите протести денес потфрлаат на сите овие полиња кои ги дискутирав погоре. Од една страна, таа е доказ дека не е дека не знаеме да протестираме, или дека немаме култура на протестирање, или дека секогаш сме биле инертни, апатични, пасивни незаинтересирани. Меѓутоа, апсолутниот политички хаос и и неисполнувањето на промени кои беа ветени кои следуваа по тие големи протести (кои јас во ниеден случај не би ги нарекла револуција, но тоа е тема за некој друг пат) донесоа до разочарување кај народот преку кое е невозможно да се премине. Доколку такви големи, важни, масовни протести, успешни по секоја од гореспоменатите мери не донесоа буквално ништо освен предавање на моќта од една некадарна и неспособна власт на друга, тогаш зошто овој народ да верува дека овој пат ситуацијата ќе биде поинаква, дека овие протести ќе имаат некаков суштински резултат? Па така, тоа што нашето население веќе повеќе од 10 години не излегува на протести, на некој начин може да биде оправдано. Сепак, ваквото размислување води кон апатија и интерност, која моментално го забрзува процесот на уништување на ова општество.
Меѓутоа, покрај сета оваа разочараност и бездушност, летово се случи нешто неверојатно, нешто што ми даде надеж дека кај нас сепак има отпор, сепак има душа, сепак има борба - почнаа блокади. Бранот на блокади низ државава започна во гевгелиско, со блокадата на реката Дошница, со цел да не се дозволи планираната изградба на хидроцентрала. Граѓаните се собираа секој ден и во буквална смисла на зборот го блокираа патот. По 72 дена отпор, механизацијата од Дошница успешно се повлече. Брзо по тоа започна блокада во Љубојно против голосекот на дрвата над селото, која сѐ уште активно трае, после повеќе од два месеци. Уште една успешна блокада беше онаа од страна на граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“, која повеќе од месец дена секојдневно организираше блокади на булеварот Србија и кај мостот „Близнак“ во Скопје (Ново Лисиче) поради загадувањето на воздухот и нерешениот проблем со дивата депонија, кои вродија со плод, со тоа што надлежните институции конечно почнаа со расчистување на Вардариште. Сите овие три големи блокади имаат нешто што го немаат протестите: континуитет, шарена и разнолика демографска структура, јасна цел, но и јасен концепт на организирање, вжештена и борбена атмосфера и како резултат на сето тоа, во два од три случаи, успешно разрешување на конкретниот проблем. Оттука се поставува следново прашање: зошто блокадите се поуспешни од протестите? Едноставниот одговор е дека преку блокади, за разлика од протести, народот се чувстува како директно да делува, да работи, да менува. Твојата акција има ефект, твојот глас, но пред сѐ твоето тело во буквална смисла на зборот блокира, спречува да се случи неправда или злодело. Блокадите ја пореметуваат рутината на улиците, на градовите, на државата, а со тоа и на самиот систем, и во буквално, и во преносно значење. Веројатно во тоа лежи тајната на успехот на блокадите во споредба со протестите: тие не бараат само глас и став, туку и тело и делување, не само присуство, туку и ангажман.
И, како протестираме? Навикнати сме на тоа дека, за разлика од протестот за Газа во Сараево, тука протестираме изморено, испразнето, избледнето, едните и исти луѓе, краткотрајно, без јасна цел, без логистичка дисциплина, со атмосфера која носи повеќе тага отколку гнев и борба. Суштината на протестирањето е, во најмала рака, да го размрда и разниша системот, а во најголема, целосно да уништи и срамни со земја. Протестите на кои сме навикнати не само што не го размрдуваат, туку тие функционираат во рамките на истиот тој систем, тие се дел од неговата рутина и распоред. Спротивно од ова, блокадите се успешни барем во оваа прва фаза - моментално размрдување и разнишување на системот. Па така, тие се доказ дека учиме да протестираме поинаку. Учиме да изнаоѓаме нови решенија и нови начини - со тело, со упорност, со директно и конкретно делување. Отпорот добива нова форма, поинаква од онаа на која сме навикнати и која ја очекуваме, но треба да добие, тоа е знак дека напредуваме, дека сме динамични и дека ги согледуваме сопствените недостатоци, и затоа конечно гледаме промени. Борбата е жива, но изгледа поинаку и тоа е сосема во ред. Борбата продолжува!




Comments