top of page

Тимоти, Тимоти... Не треба да се шаламе со вакви работи

  • Writer: Теодор Тасевски
    Теодор Тасевски
  • Mar 15
  • 5 min read

Во последно време многу често си размислувам за уметноста како целина, за уметноста како важен елемент од културата, од народот, од човекот. Во тој контекст, не мислам толку на поединечните форми на уметност, колку на нивниот склоп; на уметноста како една целина составена од поезија, сликарство, глума, танц и сите останати форми. Ја гледам уметноста како средство за отпор, како штит од игнорантноста и апатијата и сметам дека мора да постои солидарност помеѓу сите уметници за да опстојат сите уметности


Па така, неодамнешните коментари на глумецот Тимоти Шаламе за време на еден негов разговор со Метју Меконохеј, каде што тој, слободно ќе кажам, арогантно и дрско, изјавува дека не сака да работи во опера или балет бидејќи изумираат и никому не му е гајле за нив, мене ми дојдоа во прав момент и ме поттикнаа да искажам некои мои мислења околу темата на уметноста. 


Овој негов исказ, кој верувам дека многумина од вас веќе и на памет го знаат од сите мимови и реакции по интернетот, го разложувам на два дела, на две мисли што се цврсто поврзани, но сепак заслужуваат да се разгледаат посебно. 


Првата мисла е дека операта и балетот изумираат. На прв поглед ова се чини точно. Лесно е за верување. Јас лично морам да признаам (со срам) дека не се сеќавам кога последно сум гледал опера или балет. Не сум запознаен со актуелните оперски пејач(к)и и балерини/балетани што ги предводат своите полиња, не знам кои опери и кои балети најчесто или барем во последно време се давале кај нас. Верувам и дека многумина други што ќе го читаат овој текст не ги знаат овие информации. Дали ова значи, штом повеќето не ги знаат сите детали или не се редовни посетители на Националната опера и балет, дека овие видови уметност изумираат или се загрозени? Апсолутно не значи. Мораме да се присетиме дека станува збор за уметности што постојат со векови, за уметности што конзистентно полнат сали и што ни имаат дадено незаборавни дела. Се сомневам дека постои уметник, или воопшто некој што го чита ова, што не чул барем за „Кармен“, „Ла Травијата“ или „Оревокршачка“. 


Понатаму – и ова секако дека мора да се спомене и во ваков текст – во добата на вештачката интелигенција, уметностите се нападнати на досега невиден начин (знам дека е шокантно и сигурен сум дека досега никој не зборувал за ова). Пишувањето, преводот, сликарството, па дури и филмот, сите се под закана да бидат заменети со вештачка интелигенција што ќе може многу побрзо и поевтино да создаде каква и да е потребна содржина, а некаде веќе и се случува тоа. Од овој аспект операта и балетот (ќе го додадам тука и театарот) имаат огромна предност што постојат вон дигиталната свера – на сцена, со вистински луѓе од крв и месо. Не знам какви унапредувања (или уназадувања) ќе донесе технологијата во иднина, но знам дека оваа карактеристика на операта и балетот е еден непродорлив штит од изумирање. Луѓето значат живот за уметноста. Штом има луѓе што следат и настапуваат, уметноста е жива, а штом е жива, значи има и луѓе што следат и настапуваат. Ова ме носи до следниот дел од исказот на Шаламе. 


Тој вели дека никој не се интересира за операта и балетот. Ако претходната точка поаѓаше од игнорантност, оваа поаѓа од чиста ароганција. Имам ли јас право да тврдам дека никој не се интересира за – не знам, еве да кажеме – пинг-понг бидејќи јас, а, веројатно, и ниту еден од моите пријатели,  не познаваме ниту еден професионален играч? Имам ли право да омаловажувам вајарство или архитектура или калиграфија или кое било друго поле од чиста причина што немам доволно длабоко познавање од таа тема? Имам право, да, само доколку сакам многу брзо и лесно да навредам и да налутам цела сфера уметници, а и љубители, што често цели животи ги посветуваат на својата уметност.

 

Сакам тука и да истакнам еден важен фактор што многу лесно се заборава, иако се чини најлогично и најочигледно: само затоа што не е во наша близина или немаме директен контакт со одредено нешто не значи дека не постои или е нерелевантно. Ова морам да го истакнам бидејќи јас, лично, ниту зборувам, ниту слушам толку често за операта и балетот. Доколку самиот не се потрудам да истражам, веројатно нема да ми излезе некаква објава или реклама на интернет или нема случајно во разговор со луѓето што ги гледам секојдневно да се вметне темата на опера или балет. Истото би важело и за ракомет и за дрворезби и за коњарство. Овие теми не ни се блиски. Веројатно ќе се зборува, или ќе гледам содржини насочени кон мене за поезија, книжевност или фотографија. И дали сега која било од другите споменати категории се неважни? Дали операта нема вредност бидејќи немаме оперски изведби секоја ндела? Или можеби бидејќи не може да се профитира од неа толку лесно и брзо колку од филмската индустрија? А балетот?


Дали релевантноста на овие уметности не треба да се гледаат на пошироко ниво? На ниво на светската публиката што се собира и преполнува театри за ваквиот вид изведби? Кои се тие луѓе што толку се интересираат за тоа? Елитата? Само богатите ли можат да си дозволат да ги посетуваат операта и балетот? Сум го чул и тој аргумент – „Операта и балетот се елитистички уметности и затоа изумираат.“ – и го побивам. Би се изненадиле на цените на картите во некои од најпознатите светски театри. Театри кои одново и одново се полнат до капацитет при секоја нова изведба. „Gran Teatre del Liceu“ во Барселона нуди карти од 40 евра за некои од светски најпознатите опери, во „Mеtropolitan“ во Њујорк најдов карти и за 30. А, „La Scala“, неоспорно најпознатата опера во светот нуди карти за 10 евра. Па сега, која е таа елита? Дали можеби кај нас е различно? Повторно не. „Оревокршачка“, последно што проверив, се прикажува за 1000 денари. Толку троши еден љубител на книги во едно-две пазарења во која било книжарница. Се разбира, не сакам да звучам како привилегираниот човек од средната класа што и сум, разбирливо е да не може секој да си дозволи константни посети на оперски или балетски изведби, а некои луќе и не можат воопшто. Но, горенаведените цени не се ништо поразлични, или барем не значително повисоки од други слични настани: концерти, спортски натпревари, театарски претстави, курсеви… Сакам да кажам дека луѓето што ги ценат и сакаат овие уметности не се ниту малкубројни, ниту дел од некојаси апстрактна и недостижна елита. 


За крај сакам да се навратам на тоа што го кажав на почетокот: дека не се сеќавам кога последно сум гледал опера или балет. Малку ме гризеше ова сознание. Прво, бидејќи сакам да одам и немам изговор зошто не сум бил. А, второ, бидејќи делува можеби хипокритски јас да зборувам за операта и балетот и да ги бранам толку жестоко кога и самиот не сум посетил одамна и кога тоа ми е, на некој начин, далечно. Но, зошто тоа да ми биде пречка?  Имам право (ако не и должност) да застанам на страната на уметноста, во овој случај операта и балетот, не како оперски пејач, не како балетан или како страсен обожавател, туку како уметник – како љубител на уметноста во целост. Треба ли сите да си се држиме само до нашите уметности – „другите нека си го тераат своето“? Фер ли е да се делиме по категории кога главната цел на уметноста, и не можам ова доволно да го истакнам, е да соединува? Го пишувам овој текст бидејќи сметам дека сите уметности заслужуваат повеќе чест отколку што некои им пружат и бидејќи навистина се надевам и сакам да верувам, доколку некој утре одлучи ги нападне или омаловажува, условно кажано, „моите“ уметности – фотографијата, преводот, поезијата – дека зад мене, зад фотографите, преведувачите и поетите ќе застанат и музичарите и глумците и сликарите и дека нема да бидеме оставени сами да се бориме и да си ја докажуваме вредноста. Се надевам и сакам да верувам дека постои доволно свест меѓу уметниците за, кога ќе се зборува за која било уметност, да се прави тоа со достоинство и со почит, а не со ароганција. 


Comments


bottom of page