top of page

Република Сакамепари Македонија

  • Writer: Дамјан Златановски
    Дамјан Златановски
  • 1 hour ago
  • 7 min read


„Не постои поголема неправда од еднаквиот третман на нееднаквите.“

— Феликс Франкфуртер (Felix Frankfurter)


  • Пред три недели, премиерот Мицкоски пред медиумите изјави дека во 2026 очекува Македонија да биде во првите три најбрзорастечки економии во Европа. 

  • Пред една недела, Управата за јавни приходи (понатаму во текстот УЈП) почна со контактирање на студентите кои биле на сезонска работа во Германија за да исплатат данок на добивка за нивната сезонска работа во Германија.

  • Денес, ја пишувам оваа колумна да ги оставам своите „два цента“ на оваа тема. 


Па ајде да почнам од почетокот.


Република С. Македонија (тука „С-то“ го оставам на интерпретација на читателот) и Сојузна Република Германија имаат потпишано Договор за одбегнување на двојно оданочување по однос на даноците на доход и на капитал. Доколку македонски државјанин престојува и работи во Германија помалку од 183 дена (како што е случајот со студентите на летна работа кои одат на 2 до 3 месеци), правото на оданочување го задржува земјата на резидентност, односно Македонија. Кога студентот работи во Германија, работодавачот законски му задржува одреден процент за данок при секоја исплата. Но, бидејќи студентот работи само три месеци, неговата вкупна заработка на крајот од годината е далеку под германскиот неоданочив минимум. Затоа, студентите поднесуваат даночна пријава во Германија и целиот задржан данок им се враќа на сметка. Во очите на законот, штом Германија ги вратила парите, тој доход сега е неоданочен.


Во договорите помеѓу студент и агенцијата која го праќа на Work and Travel, обично стои клаузула која алудира на личната одговорност на студентот за почитување на законите на државата-домаќин и матичната држава, вклучително и регулирањето на своите даночни обврски. Со ова, агенцијата правно се пере од секаква одговорност. Агенциите агресивно го рекламираат повратот на данок како бенефит за да привлечат студенти (честопати и самите нудат услуги за посредување при враќање на тој данок преку партнерски компании). Но, ниту агенциите, ниту државата не ги образуваат студентите што се случува откако тие пари ќе легнат на македонска сметка. Студентите се оставени во информативен мрак, за на крај УЈП да ги третира како „даночни затајувачи“.


Студентите кои одат во Германија, држава со силна социјална политика која свесно се откажува од својот данок за да им помогне на младите со ниски примања, сега се казнети од сопствената држава. УЈП го зема она што германската економија решила да им го прости на студентите. Кај нас, системот, наместо да ги штити најранливите, функционира како алгоритмична машина која само бара каде има „неоданочен простор“ за да го пополни буџетот, целосно игнорирајќи го контекстот.


На крајот од 2025 година, вкупниот јавен долг на Македонија официјално изнесуваше 10,06 милијарди евра. Со новите задолжувања во 2026 година, овој долг надминува 11 милијарди евра. Евидентно е дека Владата постојано бара начини како да ги закрпи дупките во буџетот и да ги исплати долговите. Овој пат, одговорноста за тоа закрпување падна и врз студентите, па субсеквентно, државата си бара парче од колачот за кој нема придонесено ни со чаша вода, а камоли со други состојки.


Токму затоа е многу важно да се земе предвид контекстот и да се стави ова барање за оданочување во перспектива, за да се разбере апсурдот како студентите, кои со години одат на оваа програма и досега немале никаков проблем, одеднаш преку ноќ стануваат даночни затајувачи кои криминално бегаат од сопствените обврски.


Зошто на Република Студентска Македонија и бегаат студените на сезонска работа во странство?


Агенциите кои ги праќаат студентите на програми за сезонска работа се фалат дека над 4000 студенти годишно одат на вакви програми. Според проценките на агенциите, медиумите и студентските организации, годишно помеѓу 3500 и 5000 македонски студенти заминуваат на сезонска работа во странство.

На УКИМ (како најголем универзитет) секоја година се запишуваат околу 5000 нови студенти. Ова значи дека една цела генерација студенти на државно ниво секое лето се сели во странство за да работи. Но, зошто толкава бројка на студенти се одлучува на ваков чекор?


Општопознато е дека студентскиот стандард во Македонија е на ужасно ниво. Студентите се мета на секојдневна корупција во образовниот систем, неоправдани скриени трошоци за студирање, нереални суми за кирија и храна, и постојано растечки цени за живот. Државата воопшто не се грижи за тоа дали стипендијата од 100 евра месечно ги задоволува студентските потреби, дали субвенционираниот студентски оброк од 140 денари дневно може да обезбеди барем еден топол оброк на ден и како студентите можат да си дозволат кирија од 300 евра месечно за гарсоњера во Скопје. Цените на храната се израмнети со оние во Германија, но примањата остануваат трагично неспоредливи.


Во Данска, на пример, државата им дава на сите дански државјани (како и на ЕУ граѓани кои исполнуваат одредени услови) постари од 18 години и запишани на високо образование, автоматско право на „Statens Uddannelsesstøtte“ стипендија. Ова значи дека државата ти дава околу 800 евра месечно само за да го завршиш факултетот и да станеш продуктивен член на општеството. Тука е и Холандија, која увидувајќи дека студентските кредити создаваат огромна финансиска и психолошка криза кај младите, во 2023 година го врати основниот студентски грант. Овој грант се доделува на сите студенти, а парите се третираат како „подарок“ доколку студентот дипломира во предвидениот рок, што значи дека холандските студенти добиваат од 300 до 400 евра месечно. Ниту Данска, ниту Холандија не се во топ 3 економии во Европа, но очигледно Република Ситуирана Македонија е.


Нашите студенти не одат во Мекдоналдс да вртат плескавици затоа што тоа ги учи на дисциплина и бизнис или ги спрема за кулинарска кариера, туку бидејќи немаат апсолутно никаква друга опција за да преживеат во оваа „силна“ економија.


Двојниот стандард во Република Селективна Македонија?


Деновиве, покрај УЈП, една од најзборуваните теми во јавноста е и судењето на ко-убиецот (заедно со системот) на Катја и Ивана, Ст*јанче. Насилникот кој со години го претворал во пекол животот на својата сопруга и малолетната ќерка, бил, директно или индиректно, поддржан од 39 полициски службеници кои не постапиле по својата службена должност. Оваа неажурност на системот доведе до уште два изгубени животи. Државата секогаш ги покажува своите мускули таму каде што отпорот е најслаб. Но, каде е таа иста институционална прецизност и инсистирање на „словото на законот“ кога системот треба да нè заштити? Каде беше државата за Ивана и малата Катја? Каде е правдата за 63-цата млади кои изгореа во „Пулс“ додека топката се префрла од институција на институција? Како тоа УЈП до цент ги пресметува девизите на студентот, но системот е слеп за милионите украдени од цитостатиците на Онкологија? Има јасна граница помеѓу спроведување на закон и лицемерие на еден систем кој ја толерира смртта и криминалот на моќните, а буџетските дупки ги крпи преку грбот на оние кои допрва треба да почнат да живеат. Кога Република Смртна Македонија може да е слепа кога системот убива, тогаш комотно може да промижи и сега.


Македонските политичари со децении обожаваат да се фалат на меѓународните економски форуми дека нашата држава е даночен рај. И математички, тоа е точно. Со рамен данок од 10%, Македонија се наоѓа во државите со најнизок данок на личен приход во Европа. Дискусијата за тоа дали треба да се промени рамниот данок од 10% ја оставам на економистите и Владата. Она кое го задржувам за колумната е фактот дека УЈП секој месец објавува Листа на должници каде фигурираат активни компании, олигарси и јавни претпријатија кои на државата ѝ должат стотици милиони евра за неплатен данок на добивка. Овие фирми со години се толерираат, свесно се оставаат да одат во стечај, а нивните сопственици отвораат нови фирми со чисти сметки. Сивата економија јаде 30% од БДП-то на државата. Нерегистрираните вили за изнајмување, градежната мафија која продава станови во готовина и ред други примери поминуваат под радарот на УЈП. Даночната политика е најчистото огледало на еден систем. Кога државата свесно им простува стотици милиони евра на бизнисмени од црните листи, кога со години толерира градење на партиски палати со валкани пари, а истовремено праќа решенија за присилна наплата на студенти кои миеле чинии во Германија, таа институција не спроведува закон, туку тиранија врз послабиот.


„Строгото спроведување на правото е најголема неправда.“ (Summum ius, summa iniuria)

— Цицерон (Marcus Tullius Cicero)


Данокот што УЈП денес им го бара на студентите не е полнење на буџетот, туку казна затоа што сè уште се немаат отселено засекогаш.


Најомилениот изговор на бирократијата, кога треба да се оправда наплатата на данокот од студентите, е дека пред законот сите граѓани се еднакви. Но, ајде да се вратиме на изјавата на американскиот врховен судија Феликс Франкфуртер – „Не постои поголема неправда од еднаквиот третман на нееднаквите“. Полска ова го има увидено пред 7 години кога воведе нулта стапка на персонален данок за сите млади луѓе под 26-годишна возраст, ослободувајќи ги од давачки за приходи до 20 000 евра годишно. Полската држава свесно, законски и системски се откажува од овие пари за да го спречи иселувањето и да им овозможи на младите полесен старт во животот.


„Контекстот вреди 80 IQ поени.“

— Алан Кеј (Alan Kay)


А колку IQ поени има најголемото студентско претставничко тело во државата? 


УСС УКИМ е најголемото студентско претставничко тело во Македонија и застапува околу 50% од сите активни студенти во државата. Истото тоа УСС УКИМ, секојдневно и сè почесто станува мета на сомнеж за партизација на раководството на организацијата. Впрочем, претседателите на комисиите се членови на партиски подмладоци. Повеќето студентски организации со кои УСС УКИМ има склучено меморандуми за соработка од започнување на мандатот на новиот состав (октомври 2025 година), се водени од политички подмладоци. Дури и претседателката даде изјава дека ваквите студентски претставници се дел од студентското тело со кое раководи, но остава на нивната лична етика и морал да направат јасна граница помеѓу партиското и студентското. Но, дали ова е така?


УСС УКИМ за целата ситуација со УЈП даде благо-неутрален став, што мене ми се чини дека го прави само за да нема реакции за нивното молчење или уште едно задоцнување со реакција. Но, ако студентското собрание на најголемиот универзитет во Македонија не ги застапува студентите, тогаш кого застапува?


Во најновите соопштенија, раководството на УСС УКИМ ги прифати сите барања од УЈП и ниту во еден момент не ја стави ситуацијата во контекст за кој зборува целата оваа колумна. Ниту за момент студентските претставници не го поврзаа овој случај со студентскиот стандард. Но, како би го поврзале? Истите претставници пред некоја недела го коментираа студентскиот оброк како пари потрошени на погрешно место, а притоа не дадоа ни една изјава за студентските ваучери за електронски уреди, за кои не беа ни прашани студентите дали навистина им се потребни. Истите тие ваучери ја чинеа државната каса 50 милиони евра.


Ако Алан Кеј е во право, тогаш УСС УКИМ оперира во тежок интелектуален и морален дефицит. Кога најголемото студентско претставничко тело ќе го изгуби контекстот за тоа што значи да си просечен студент во Македонија, тоа повеќе не е браник на младите. УСС УКИМ стана само уште една филијала на системот кој, со благослов на студентските лидери, им ги брои центите на нивните врсници кои миеле чинии во Германија.


За студентскиот стандард има многу да се говори. Овој пат ќе застанам до тука и само ќе речем дека Република Самозаубавиработидазборуваме Македонија се повеќе делува на Република Сакамдасизаминам Македонија…


Comments


bottom of page