Европско образование за 15300 денари?!
- Дамјан Златановски

- Nov 28, 2025
- 6 min read
Традиционално дома во петок јадеме грав. И традиционално дома бистриме политика на трпеза. И традиционално дур јадеме традиционален, петочен грав и бистриме традиционална политика, на вести оди традиционален популизам од власта и од опозицијата. И така и овој петок, традиционално наидов на популистичка реклама од Министерството за дигитална трансформација која заврши со зборовите: „Чекор по чекор до европско образование“
Да, те разбирам, и јас ја имав истата реакција како тебе кога го слушнав истото кое штотуку го прочита. Затоа ајде малку да те навратам три години наназад со мала дигресија.
Во 2022 година се запишав на Факултетот за електротехника и информациски технологии при УКИМ. По успешно завршениот прв семестар, за роденден (во јануари) моите ме изненадија со лап топ кој ќе ме служи во текот на студиите. Уште при крајот на првиот семестар успеав да остварам одреден степен на финансиска независност, па истото лето се почестив и со таблет.
Социо-економските услови кои ги уживам, не смеат да ме внесат во „бабл“ дека и другите ги уживаат истите привилегии како мене. Напротив, свесен сум за привилегираната позиција да се има степен на финансиска независност за време на студиите, па дури и услови во кои семејството е можно да обезбеди електронски уреди за учење, работа или забава. Но, како студент, тој чекор до европско образование ме засега и мене, зошто рекламата се однесуваше на студентските ваучери за електронски уреди.
Деновиве токму ваучерите се главна тема на дискусија и се актуелизира јавната дискусија околу оваа мерка најавена минатиот октомври во отчетот за 100-те дена од новата Влада. Иако, уште на почетокот критичарите ја оценија мерката како популистичка, но и без намера за остварување, сепак еве, дочекавме да ја видиме да стапи на сила и веќе студентите се редат пред касите на економските оператори да ги потрошат ветените ваучери од 250 евра.
Според министерот Андоновски, предвидени се над 50 милиони евра за ваучери за електронски уреди за студенти. Оваа сума ми е збунувачка со оглед на тоа што се предвидени 55.000 студенти на прв циклус студии со по 250 евра од студент, и ако 2 + 2 е 4, ова сигурно не се 50 милиони.
„Над 50 милиони евра ќе бидат распределени за ваучери за електронски уреди за студенти, ова е дигитализација во пракса затоа што не може само да дигитализираме услуги туку треба и да им овозможиме алатки на младите и да ја подигнеме дигиталната писменост “ - Стефан Андоновски, Министер за дигитална трансформација
Министерот посочува дека ова е „дигитализација во пракса“ и подигање на дигиталната писменост. Студентите, а и младите генерално, се популација со највисок степен на дигитална присменост, од една страна. Од друга страна, и точно е тоа дека за да можеш да ги користиш бенефитите на дигиталното општество во најмала рака треба да имаш уред и пристап до Интернет. Но, еднаквоста значи овозможување на еднакви услови, а не нудење на истата помош некому кому му е неопходна и на некој на кој му е непотребна. Илјадници студенти во државата навистина немаат електронски уреди кои би им овозможиле соодветни услови, но дали ваучерот од 250 евра суштински ќе им помогне или останува само козметичка корекција на еден систем со многу подлабоки некорекции?
Оваа мерка можеше да биде насочена кон сите оние кои навистина имаат потреба од истата, притоа наместо сума која е релативно незначајна на денешниот пазар за електронски уреди, би се обезбедиле целосно покриени уреди со високи перформанси за да се помогне во таа нееднаквост во контекст на условите за пристап до интернет и дигиталниот свет. И да е технички точно она што го вели рекламата (а не е), за да може отмено да одиме во чекор со европското образование, првин мора да истрчаме километри и убаво да се испотиме за да стигнеме до привилегијата да се „расфрламе“ со пари во високото образование.
Бидејќи не е јасно за кои цели се предвидени тие 50 милиони, јас ќе се придржам до член 3, став (1) од законот според кој се издвојуваат приближно 14 милиони евра од Буџетот на Република Македонија, од кои 3.5 милиони во буџетската 2025, а преостанатите 10,3 милиони евра од буџетската 2026 година.
ЗАКОН ЗА ИЗДАВАЊЕ НА ВРЕДНОСНИ ВАУЧЕРИ
Член 3
(1) Ваучерите се издаваат во вкупна вредност од 850.000.000,00 денари.
(2) Ваучерот се издава во номинална вредност од 15.300,00 денари.
(3) Ваучерите се издаваат во вкупен број од 55.000 парчиња.
Најмалку 15300 причини можеме да наведеме зошто оваа одлука е погрешна и беспотребна. Првин, ваучерите се чинеа како идеја родена во моментот на најавувањето, наспроти аналитички предвидена мерка со суштинска цел и економска издржаност. Второ, за воведување и спроведување на истата, не беа консултирани студентите или студентските претставници, кои јасно се спротивставија на мерката и бараа пренасочување на овие средства кон цели со поголема исплатливост во текот на годините, како на пример градење на инфраструктура за домување и/или учење и обезбедување опрема за научно-истражувачки цели. Трето, како е можно државата која нема 10 денари за зголемување на субвенционираниот студентски оброк во сооднос со законот и пресметаната инфлација за минатата година, да има 14 милиони евра за ваква мерка? Четврто, минатата есен државата се задолжи 20 милиони евра за реконструкција на државните студентски домови преку кредитна линија од Германската развојна банка, но очигледно не мора да сме толку зависни од кредити кога можеме да издвоиме волкава сума за козметички цели…
Овие „искинати“ пари би биле од супер помош за подобрување на високото образование, научно-истражувачката дејност, спојување на академијата со пазарот на труд и зајакнување на студентскиот стандард, особено во времиња кога немаме ниту еден универзитет во 2000 најдобро рангирани универзитети, а камоли во најдобрите 100 на Шангајската листа. Дури и во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, се истакнува критичната состојба на високото образование кое бара комплексни и повеќедимензионални решенија.
Она што е евидентно е дека голем број студенти гледаат низ провидните ветувања и мерки и на еден или друг начин изразија своевиден протест против истите. Голем дел од нив ги донираат своите ваучери, а други пак ги продаваат за помала сума од вистинската вредност на истите. Овие постапки, ја побиваат реториката дека студентите би се побуниле доколку ветените ваучери се пренаменат за нешто покорисно. Исто така „однесувањето“ со ваучерите не беше изигнорирано од Министерството за образование и наука кое очигледно е свесно за ироничната ситуација, но е немоќно да делува врз одлуките на студентите, па ја прокоментира нивната совест. Ваквите коментари почнуваат ректорика која ги става студентите во положба на неблагодарни и размазени луѓе кои утре треба да бидат интелегенцијата на државата. Но, дали во оваа ситуацијата студентите се несовесните?
Совесно носење на одлуки и политики кои засегаат одредена група на луѓе, подразбира и консултација токму со оние кои треба да ги уживаат придобобивкие и последиците од тие политики. Несомено е дека оваа мерка не беше експлицитно консултирана со студентите и студентските претставници, но и не мора да биде за да може да се носат предлог мерки кои ги засегаат студентите. Впрочем, минатата пролет студентските барања беа преточени во Студентскиот манифест кој ги истакнува главните студентски барања, а чии точки опфаќаат:
Бесплатно образование - нов финансиски модел за финансирање на универзитетите
Дигитализација - елиминација на хартиена администрација
Автономија на универзитетите - поголема независност во одлучување
Интернационализација - меѓународни програми и мобилност
Национално студентско собрание - формирање преку измени во законот
Подобрување на студентскиот стандард
Квалитет наспроти квантитет - со акцент на квалитетни студиски програми
Токму овој манифест е поддржан со потписи од шест политички партии и нивните подмладоци кои се обврзуваат за исполнување на содржината, меѓу кои Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ), Либерално-демократската младина (ЛИДЕМ), Демократската обнова на Македонија (ДОМ), Левица, Демократското движење и Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ (УМС на ВМРО-ДПМНЕ). Овие партии заедно претставуваат двотретинско монозинство во Собранието со вкупно 82 претставници, бројка со која не само што можат да носат закони, туку имаат и двотретинско мнозинство во Собранието. Оттука можам само да заклучам дека не се работи за немаќе моќ за поддршка и остварување на студентските барања, туку за немање политичка волја - не само кај власта, туку и кај опозицијата.
Сепак колумнава е инспирирана од рекламата за европско образование со студентски ваучери, па се прашувам како оваа владина мерка помага кон квалитет, стандард, поврзаност, можности, вештини и европско образование!? Чекор по чекор… во место.
Причина 15300, не знам како да ја решам моралната дилема од Шекспировски размери за искористувањето на ваучерот кога, иако немам реална потреба од него, „со сила“ ми е вметнат в рацете. Нејсе, имам уште пет петочни трпези со грав за да одлучам.
Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.




Comments