Предлози за читање во 2026 година
- Андреј Медиќ Лазаревски

- 3 days ago
- 8 min read
Годинава тимот на Култура Бета реши, покрај листата на Топ 10 прочитани книги што ја направи Теодор Тасевски, да направиме и листа со 15 предлози за читање како предизвик за 2026 година. Избравме 15 квалитетни и значајни наслови од домашната, регионалната, но и светската книжевност и теорија. Станува збор, главно, за изданија што беа објавени кон крајот на 2025 година, но и неколку наслови што беа објавени во претходниот период, а кои до сега не поминале низ содржините на Култура Бета. Па одиме со ред:
„Изворите на тоталитаризмот“ од Хана Арент (2025, Илика)

Кон крајот на 2025 година, во издание на издавачката куќа „Илика“, излезе „Изворите на тоталитаризмот“ од Хана Арент, една од клучните студии од областа на политичката филозофија на 20 век во превод на Катерина Јосифоска.
Трите главни теми на кои се фокусира авторката се основите, историскиот развој и социјално-политичките последици на империјализмот, на антисемитизмот и на тоталитаризмот. На овој начин се создава широка историска панорама во која се посочуваат клучните и универзални точки што влијаеле врз зачнувањето и развивањето на современите облици на општествена репресија.
Оттука, книгата е исклучително важна поради нејзината универзална релевантност за дефинирањето, анализирањето и разобличувањето на феноменот на тоталитаризмот, чиишто облици се присутни и во современото општество во коеживееме денес.
„Глава што лебди“ од Марија Ангеловска (2025, Темплум)

Крајот на годината го донесе и второто издание од збирката раскази „Глава што лебди“ од Марија Ангеловска којашто во 2021 година ја доби наградата „Новите!“ од издавачката куќа „Темплум“.
Ѕвездан Георгиевски во својот поговор кон книгата вели: „За Ангеловска зборовите не се само значења и толкувања на севкупноста околу нас, туку се засебни субјекти со своја волја, а не флоскула во општествената комуникација. Зборовите ѝ се независно од волјата на човекот, односно нивниот творец. Иако во таа смисла расказот „Полемика за родовите, групите и чувствата“ можеме да го толкуваме речиси како програмски за нејзиното најавено творештво, оваа карактеристика е онаа црвена нишка што се протега низ целата збирка“
„Историја на естетиката: од Питагора до Хјум“ од Иван Џепароски

Годината што измина донесе уште еден наслов во едицијата „Филозофски дисциплини“ на издавачката куќа „Аз-буки“ во која излезе книгата „Историја на естетиката: од Питагора до Хјум“ на акад. Иван Џепароски.
„Историја на естетиката: од Питагора до Хјум“ е првата систематска историја на естетиката напишана на македонски јазик која опфаќа едно големо филозофско-историско раздобје: од антиката и почетоците на естетиката во лицето на претставниците на космолошката (Питагора) и антрополошката естетика (Протагора), па преку систематското раздобје на античката естетика (Платон и Аристотел), средновековната и ренесансната естетика, сè до естетиката на XVIII век (Баумгартен и Хјум) и до засновувањето на естетиката како филозофска дисциплина.
„Денови на Блуграс-љубов“ од Едвард ван де Вендел (2024, ИД Концепт консалтинг и дизајн)

Нежна, интензивна и незаборавна приказна за првата љубов. Тихо Зелинг живее обичен живот, без грижи и тешкотии, без возбуди и авантури. Сѐ во него − школото, другарите, девојките, плановите за иднината − едноставно… се случува. Како филм кој го пушта да тече, но не го режира.
Затоа и решава да промени нешто. Лета за Америка за да го помине летото како помлад асистент во меѓународен летен камп за деца. Таму го сретнува Оливер, уште еден асистент од Норвешка. И тогаш Тихо ќе почувствува како животот да му запрел и како одново да почнува, овој пат онаков каков што тој би сакал да биде.
„Денови на Блуграс-љубов“ е првпат издадена во Холандија во 1999 година и оттогаш доживува преводи на многу јазици и ревидирано издание. Како роман за млади кој веќе се смета за европски класик, но истовремено револуционерен − поместувајќи ги границите и рушејќи ги табуата − сега првпат е достапен и за македонската читателска публика во превод на Ели Пујоска.
„Времето пред јазикот“ од Моника Херцег (2025, ПНВ Публикации)

Како едно од последните објавени изданија за 2025 година од издавачката куќа „ПНВ Публикации“ во едицијата за европска поезија „Гравири“ беше објавена книгата „Времето пред јазикот“ од хрватската поетеса и писателка Моника Херцег во препев на Јулијана Величковска.
Олга Токарчуг за поезијата на Херцег вели: „Поезијата на Моника Херцег е како рана низ која свети светот – болна, вистинита, натопена со сеќавања и гнев, но и со надеж за нови приказни. Нејзините песни, произлезени од искуствата на војна, прогон и насилство, ги надминуваат границите на времето и географијата за да проговорат во име на оние што никогаш немале глас. Ова е поезија што не се плаши да зборува за одговорност – за Европа, за жените, за оние што системите и идеологиите ги исфрлиле на маргините.“
„Вера, надеж и крвопролевање“ од Ник Кејв и Шон О’Хеган (2025, Артконект)

Во текот на минатата година, во издавачката куќа „Артконект“, како прв наслов од едицијата „Нешто лично“, излезе книгата разговори на Шон О’Хеган со Ник Кејв насловена како „Вера, надеж и крвопролевање“ во превод на Ацо Пероски.
Книгата „Вера, надеж и крвопролевање“ е создадена од повеќе од четириесет часа разговори меѓу новинарот ШонО’Хеган и музичарот Ник Кејв. Жанровски гледано, книгата претставува необична мешавина од автобиографија, мемоар, интервју, филозофска рефлексија и психоанализа. Авторите дискутираат за детали од животот и кариерата на Ник Кејв, осврнувајќи се на прашања за уметноста, музиката, верата, тагувањето, слободата и љубовта.
„Дух во грлото“ од Дорин Ни Грофа (2025, Илика)

Во издавачката куќа „Илика“ од печат излезе и романот „Дух во грлото” од ирската писателка и поетеса Дорин Ни Грофа, во превод на Александра Спасеска.
Романот зборува за една млада поетеса која се обидува да преведе стара ирска поема на англиски јазик додека паралелно ги одгледува своите три мали деца, се грижи за семејството и се обидува да ja изгради својата кариера како писателка. Стиховите од XVIII век наоѓаат неочекувано силен одек во секојдневните случувања на преведувачката во ХХІ век, можеби затоа што книжевноста е безвременска или затоа што историјата се повторува.
„Мршојадци од стариот свет“ од Теа Тулиќ (2025, Полица)

Во издание на издавачката куќа „Полица“, минатата година беше објавена и книгата „Мршојадци од стариот свет“ од хрватската писателка Теа Тулиќ во превод на Катица Гаровска Ацевска.
Во „Мршојадци од стариот свет“, Тулиќ раскажува приказна за ќерка и татко, за нивниот заеднички свет што се распаѓа, но и за љубовта што ги држи заедно. Во сенките на еден медитерански град, тие се повлекуваат од светот, од станот натрупан со спомени, на бротчето Каљинка – каде што морето, птиците и тишината стануваат сведоци на нивната блискост, болка и трансформација.
Ова е роман за растењето, за губењето, за постепеното збогување со таткото што се претвора во сенка и за изградбата на „куќа во куќата“ – внатрешен простор на соништа, трауми и надеж. Со поетски јазик, хумор и симболика, Тулиќ создава интимен свет што се чита со срцето.
„Александар и смртта“ од Слободан Мицковиќ (1995, Детска радост)

Во предлозите за читање за 2026 година вметнувам и еден постар роман од македонската книжевност. Станува збор за романот „Александар и смртта“ од Слободан Мицковиќ објавена пред повеќе од дваесет години. Станува збор за можеби најдобриот пример за историографска метафикција од македонската книжевност, а романот се занимава со смртта на Александар и неговиот погреб, а авторот решил нараторот да биде оружарот на Александар како една ексцентрична фигура од античкиот контекстот чиј глас не може секогаш да се слушне.
„И после сѐ, проблеми со родот: Критички истражувања за родот, полот и сексуалноста“ приредена од Славчо Димитров, Мања Величковска и Сара Миленковска (2025, Коалиција Маргини)

Во издание на Коалиција МАРГИНИ, а приредена од Славчо Димитров, Мања Величковска и Сара Миленковска беше објавен зборникот „И после сѐ, проблеми со родот“, зборник со критички истражувања за родот, полот и сексуалноста.
Структурата на зборникот се движи низ широк опсег дисциплини, од историја, филозофија и политичка економија, до биологија, неврологија, антропологија, социологија, теории на телесноста, југословенски социјализам и современи квир студии, со цел да се поврзат знаења што ги расклопуваат антиродовите митови и ги демистифицираат идеолошките операции на антиродовите движења.
Изданието ги спојува темелните теории на Џоан Валах Скот, Џудит Батлер, Гејл Рубин, Барбара Џ. Рисман и Џорџијан Дејвис со регионалните историографии на Ивана Хаџиевска, Ивана Пантелиќ и Адријана Захаријевиќ; истражувањето на Франко Дота за раниот хомофилен активизам; постколонијалните анализа на Марија Лугонес, Серена Нанда и Џени Андрин Мадсен Еванг; марксистичките согледувања на Холи Луис и Ненси Фрејзер; како и современите научни ревизии на биолошкиот бинаризам кај Џоан Рафгарден, Мајра Џ. Херд, Закари Дубоа, Хетер Шатак-Хајдорн, Хајд, Биглер, Џоел, Тејт, Ван Андерс и Агустин Фуентес.
„Духот на времето“ од Херман Брох (2025, Артконект)

Во превод на Катерина Јосифовска, а во издание на издавачката куќа „Артконект“, во рамки на едицијата „Седмата функција на јазикот“ беше објавена познатата книга на Херман Брох, „Духот на времето“.
Книгата ги опфаќа текстовите во кои Брох го изложува својот концепт за суштинската динамика меѓу етиката и естетиката која се отсликува во целокупната култура како рефлексија на пошироките општествено-историски процеси. Брох зборува за злото во книжевноста, за митската заднина на литературата, за распаѓањето на системот на вредностите во првата половина од XX век, притоа осврнувајќи се на историски настани, филозофски концепции, политички идеи и, секако, на низа книжевни дела.
„Виј и придружбата: Антологија на рускиот фантастичен расказ“ во избор и превод на Тања и Влада Урошевиќ (2025, Полица)

Крајот на 2025 година, донесе уште едно значајно дело во превод на Тања и Влада Урошевиќ. Станува збор за антологијата на рускиот фантастичен расказ „Виј и придружбата“ што ги вбројува дваесетте највозбудливи фантастични раскази од руската книжевност. Книгата е во издание на издавачката куќа „Полица“, а илустрациите внатре се на Марко Трпевски.
Книгата опфаќа раскази од Погорелски, Загоскин, Пушкин, Одоевски, Титов, Гогољ, Толстој, Тургенев, Лесков, Чехов, Сологуб, Андреев, Брјусов, Ремизов, Грин, Замјатин, Набоков, Логинов, Дјаченко и Лазарчук.
Антологија на античката лирика, приредена од Весна Томовска, Даниела Тошева и Војислав Саракински (2025, ИД-Концепт консалтин и дизајн)

Во листата препораки за читање за 2026 година вбројувам уште една антологија. Овојпат станува збор за новата антологија на античка лирика приредена од Весна Томовска, Даниела Тошева и Војислав Саракински, со препеви на Елена Колева, Љубинка Басотова, Даниела Тошева, Војислав Саракински, Валериј Софрониевски, Светлана Кочовска-Стевовиќ и Методија Тасевски.
Антологијата претставува обемен избор од песни кои се создадени во Античка Хелада и Рим. Песните се пренесени во препев, најчесто во автентичниот ритам на кој се составени старогрчките и латинските оригинали, кои биле пеени во придружба на инструменти или рецитирани, исто така, со музичка придружба. Станува збор за еден разновиден корпус во кој се опфатени речиси сите досега преведени и објавени песни од антиката на македонски јазик, кој е дополнет со нови препеви на песни пронајдени на папируси или на други медиуми, а кои не се дел од постарите изданија. Со тоа, ова издание создава целина што првпат ја обединува поетската традиција на античкиот свет.
„Министерство за иднина“ од Ким Стенли Робинсон (2025, Илика)

Во листата вбројуваме уште една книга од едицијата „Современа проза“ на издавачката куќа „Илика“. Станува збор за книгата „Министерство за иднина“ од Ким Стенли Робинсон во превод на Игор Раиден.
Станува збор за книга којашто се занимава со прашањата што ќе се случи кога топлотните бранови што ja опустошуваат нашата планета ќе почнат да стануваат сѐ пожешки и посмртоносни, а човештвото полека ќе jа губи контролата врз својата егзистенција. Растргнати меѓу колективната трагедија и своите лични судбини, ликовите во романот се обидуваат да одговорат на овие прашања.
„Историја на читањето“ од Алберто Мангел (2025, Артконект)

Како последен предлог на оваа листа е книгата „Историја на читањето“ одаргентинско-канадскиот писател и книжевен критичар Алберто Мангел. Станува збор за превод на Ацо Пероски сместен во едицијата „Историја на читањето“.
Во „Историја на читањето“, авторот се зафаќа со амбициозна задача да ги долови значењето и влијанието на јазикот и писменоста врз историјата на човештвото. Книгата е спој од историски преглед, теорија на книжевноста, критички анализи на уметнички дела и толкувања на културата, спакувани во ерудитен, но сепак интимен стил.




Comments