top of page

ШТО СЕ ЧИТА?: „На острицата – песна“ од Филипа Сара Попова

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • 3 days ago
  • 4 min read

„На острицата – песна“ е новата книга на Филипа Сара Попова во издание на „Флип бук“. Книгата, од една страна, може да се чита како стихозбирка, бидејќи во неа е забележливо поетското што кај Попова ни е познато со нејзиното дебитирање на поетската сцена минатата година, кога ја доби наградата „Млада Струга“, а од друга страна, може да се гледа (и тоа буквално), бидејќи е книга составена од четириесетина колажи направени рачно. Притоа, во книгата, поетското не е во функција на визуелното, ниту, пак, визуелното е во функција на поетското, бидејќи и едното и другото присуствуваат синхронизирано на страниците од книгата. Затоа за „На острицата – песна“ не можеме да зборуваме ниту само како стихозбирка, ниту само како artbook или колажна книга туку токму како што вешто е кажано во насловот: во една целина колажното, визуелното, она што е направено со ножици, раце, лепак (односно острицата) и, секако, песната. 

ree

Во првиот колаж со којшто се отвора книгата е внесено едно упатство кое вели: „Оваа книга е тоа што е. Доброто кај неа е што е направена од човек што не сака тастатури. Тоа овозможува апсолутна слобода на читателот/читателката/читателите да прават и мислат што сакаат. Значи ништо ново.“ Ова паратекстуално парче вметнато внатре во првиот колаж ја дава призмата низ која треба да ја гледаме/читаме оваа книга – имено, слободно. Колажната техника, пред сѐ е техника на слобода, техника со која се зема од бесконечниот материјал достапен пред некого и правење на нови смисловни целини. Иако, на прв поглед, книгата изгледа како уметнички хаос во кој авторката си игра игра, сепак, во сите колажи може да се читаат нешта под тој ‘хаос’. Тоа го вели и уредникот на книгата Дарин Ангеловски во својот поговор: „Идејата креативно да се одгатнува светот преку ‘сечење’ и ‘лепење’ печатени исечоци од материјалната стварност низ избор од визуелни и типографски секвенци на меркатилната култура, заедно со воведувањето на поетската монтажа на туѓи авторски текстови во нова смисловна целина, резонира во оваа поетска збирка како изненадување приредено од збрката, хаосот и безредието. Но е така само навидум, затоа што отсуството на експлицитни синтаксички односи помеѓу различните слоеви на делото е клучната карактеристика на колажот, особено кога тој [колажот] има нагласен книжевен предзнак.“ 


Во колажите низ книгата може да исчитаме низа текстови, песни и игриви парчиња составени од исечоци од весници, од списанија, од детски тетратки и математички збирки, но и од други песни. Особено е интересно тоа што авторката постојано прави очудување во текстуалните парчиња вметнувајќи ги неочекувано следните зборови кои одново и одново и во неколку наврати во една песна ја менуваат нејзината смисла и значење. Интересни се и двете интервенции што авторката ги прави врз, прво, единаесетиот сонет од Сто љубовни сонети на Пабло Неруда, а потоа и врз Пофалба на љубовта од теоретичарката Јулија Кристева. Во „Душкајќи го самракот“, песната за споменатиот сонет од Неруда, авторката прави своевиден одговор или пишува контра-песна на онаа на Неруда. Гладта од песната на Неруда е земена како главен мотив и во оваа песна на Попова притоа превртувајќи ја од еден љубовен понес кај Неруда, во еден нов авторски љубовен или, можеби, ироничен контекст. Дополнително, песната во книгата на Попова е залепена врз страница од математичка збирка задачи посветена на инверзивните фукнции. Токму таа функција е искористена во овој одговор на Нерудовата песна, односно, направена е и инверзија, направен е и одговор на неговото обраќање до лирскиот субјект во 11. сонет, па авторката завршува со „Јас – гладен амбар на самотија / Ти – суверен Китратус“ наспроти она на Неруда: „и гладен одам и се враќам душкајќи го самракот / барајќи те, го барам твоето топло срце / како некоја пума во самотијата на Китратуе“. 

ree

Онаа страница што ми остави впечаток е страницата со песната во проза (?) со наслов „За (бо) болката во зборот“. Тука има една рачно напишана песна, но кога се чита добиваме чувство како да е составена од многу различни исечоци. Дополнително врз напишаното се залепени и девет збора исечени од весник што се главните зборови што се користат во песната. Може да читаме еден многузначен текст што се повторува во неколку наврата, а притоа да следиме и една поетска кулминација која со секое следно повторување се зголемува и зголемува сѐ до нејзиниот крај. Оваа страница ја издвојувам, бидејќи за разлика од сите други, тука поприсутен е зборот, но сепак, не доминира туку, напротив, фунционира колажно како и целата книга. 


Значајно е да се забележи и целата естетика на книгата, комбинацијата на бои и на визуелни елементи што авторката ги користи во своите колажи, а секако мора да се пофали и печатот на самата книга што придонесува за естетското искуство со неа. Сите колажи функционираат одлично, со доминација на зелената и сината боја, како и на црните, сивите и генерално темните елементи. Во повеќе наврати доминира елементот на окото или, пак, други елементи што се поставени на место каде што треба да има око, како и природата која е многу присутна во целата книга. Овие елементи додаваат на таа естетика на „На острицата – песна“ правејќи ја книгата и многу пријатна за оној што ја чита, а притоа отвораат можност за рефлексивност и нурнување во она што го гледаме и остварување на нови и нови слободни можности за креирање на сопствени толкувања. 

ree

„На острицата – песна“, како што арспоетички почнува, така и завршува давајќи му на читателот уште еден контекст за книгата. На претпоследната страница авторката со големи букви вели: „Ништо не е однапред смислено во оваа книга (освен самата таа) Работев само со нешта кои случајно ми паднаа во раце [весници, списанија, стари читанки за второ одделение, „свои“ и „туѓи“ песни.]“ Со ова авторката ја објаснува играта на острицата и на зборот. Накрај, може само да се пофали овој потфат и да се каже дека ако со првата книга „Скршен терариум“, Филипа Сара Попова се покажа како многу вешта поетеса, во „На острицата – песна“ таа се покажува и како многу вешта визуелна уметница и колажистка која ја продолжува книжевната традицијата на ваквите игри што ја почнуваат дадаистите и надреалистите на почетокот на минатиот век, а и ја отпочнува (заедно со Марко Трпевски и со нивниот „Скопје колаж колектив“) книжевно-визуелната можност за игра на домашната книжевна сцена. 


Comments


bottom of page