top of page

Топ 10 книги на 2025 година

  • Writer: Теодор Тасевски
    Теодор Тасевски
  • 2 days ago
  • 5 min read

Кон книгите и читањето секогаш сум пристапувал од два аспекта: книжевниот и колекционерскиот. Колку што сакам да читам книги, толку сакам и да ги собирам и да „ги имам прочитано“, а оваа философија само ми помага да сакам да читам повеќе. Сето ова заедно со апликацијата Storygraph, каде што си водам евиденција за книгите и која скоро мисионерски им ја предлагам на сите, ми дозволи претходнава година да си го надминам својот рекорд за прочитани книги. Од таа моја рекордна година ги издвојувам и предлагам наредните 10 книги (хронолошки, како што сум ги читал):


  1. „Не кажувам“, Петар Андоновски (2023, Полица)



Книгата што го поттикна мојот прв текст за Култура Бета и ми покажа како може да изгледа и каков потенцијал има квир книжевноста во Македонија. „Не кажувам“ цели кон нешто повисоко од често употребуваната проблематика во квир делата, која се занимава со хомофобијата и стравот, и така отвора нови и освежителни прашања. 


Едноставноста и леснотијата на стилот во контраст со тензичноста на самата содржина мене ми ја направија оваа книга провокативна и забавна за читање. Книгата исто така е една од ретките кои сум одлучил да ги препрочитам. 


  1. „Песнило“, Ива Петреска (2023, ПНВ Публикации)



Збирка поезија што не ми дозволи да ја спуштам. Ја прочитав во едно седење и во едно седење почувствував по малку од сè што ми е познато како чувство. 


Поезијата на Ива е гласна – вришти, се дере, се спротивставува. Нема тука ништо суптилно, нема ништо скриено или нејасно. Жестоко антипатријархална, со цврсти ставови и критики, иронична, дрска и директна, збирката е истовремено и инспирација и интроспекција. 



  1. „Утроба од јаготки“, Дамјана Видическа (2023, Три)



Уште една поетска збирка од млада поетеса, која може да служи како силен аргумент за тоа дека новата генерација поети е една од најдобрите, ако не и најдобрата досега (и тоа не само на еден јазик). 


Дамјана преку оваа збирка не само што се спротивставува на патријархалниот, мизогин поглед на општеството, туку и ја истакнува длабоката женска болка и преку стихови полни страст ги отсликува женското ослободување и телесната автономија. 


Збирките како „Утроба од јаготки“ се причината зошто почнав да читам поезија. 


  1. „Acts of Service“, Lillian Fishman (2022, Europa Editions)



Книгата која веројатно отвори најмногу дискусии, прашања и дебати меѓу мене и другарите кои ја прочитаа, а и помеѓу самиот јас и јас. Книга која отворено налага да преиспитаме сè што знаеме за сексот, суетата, телесните потреби и динамиките на разните видови врски. 


Лилијан Фишман преку ова сексуално ремек дело го става контроверзното под лупа, ги тестира сите граници и нè тера да се соочиме со сите внатрешни желби што можеби ги криеме или од кои се срамиме. 


Малку повеќе од мене за оваа книга тука.


  1. „Embers“, Sandor Marai (2003, Penguin Books Ltd)



Embersе унгарски класик што не можев во ниеден момент да го оставам на средина. Приказната се врти околу два лика и нивниот ретроспективен разговор со кој си разјаснуваат случки од минатото, си ги искажуваат философските ставови и гледишта и носталгично се присетуваат на жената што двајцата ја посакувале. 


И покрај тоа што целото сиже се одвива во една просторија и преку еден разговор, книгата ми го задржа целосното внимание од почеток до крај преку своите живописни анегдоти, метафори и провокативните ставови на ликовите. 


  1. „Сиви пчели“, Андреј Курков (2024, Артконект)



Сиви пчели“ е можеби една од порелевантните книги моментално кога земаме предвид сè што се случува во светот. Приказната е за војна, раскажана од гледната точка на еден тврдоглав пчелар од сивата зона, чија единствена цел е да им обезбеди живот и удобност на своите пчели. 


Трогателна и трагична, но на моменти сепак вицкаста, духовита и полна со надеж, ова е книга што ми помогна да добијам некаква перспектива и полесно да се соочам со сиот хорор што моментално го ремети светот. 



  1. „Giovanni’s Room“, James Baldwin (2007, Penguin Books Ltd)



„Giovanni’s Room“ ја нарекуваат книга над книгите во квир книжевноста. Всушност јас така ја нарекувам. 


Роман што, освен што длабоко ја анализира состојбата на квир заедницата во 50-тите, дава и коментар на општествената расна и класна поделба која не само што отежнувала, туку и неретко кратела животи. 


Од потиснати хомосексуални тенденции преку сексуални тензии до прерано осудена смрт, оваа книга ме расплака и ме распара скоро кога и да ја земев в раце. 


Џејмс Болдвин е еден од најпознатите активистички гласови на 20-тиот век и својата непокорливост кон хомофобната и расистичка норма на тој период маестрално ја истакнува преку ова дело. 


  1. „Crush“, Richard Siken (2005, Yale University Press)



Поезија што се чита како сон. Збирката нè фрла од песна во песна како некоја состојба меѓу сон и јаве каде што случките се различни, но темата е иста, каде што сакаш или да се разбудиш или целосно да заспиеш, но си заглавен некаде помеѓу.


Апсурдна и надреална, „Crush“ на Ричард Сајкен е квир збирка што поетот ја посветува на својот покоен љубовник, а нам ни останува да се вчудовидуваме од суровоста на стиховите и да ги расплетиме грдото и убавото, кои Сајкен така неразделиво ги опејува. 


  1. „Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од Вардаровите галии“, Андреј Медиќ Лазаревски (2025, Култура Бета)



Џебната збирка поезија на Андреј Медиќ Лазаревски успева во само 10 песни прецизно и достојно да ни го наслика животот на младите во Скопје. 


Читање и препрочитување на оваа збирка е уживање за истомислениците и секој може да се пронајде во некоја од песните, додека тие претставуваат провокација за оние кои сакаат да ја растурат културната сцена на бета мажите и силните жени. 


Андреј другарот ни ги опејува убавите жени, книжевноста, непостоечкиот ноќен живот, дејтањето и заедничарењето и со тие 10 песни ни влева доверба во способностите, инаетот и одлучноста на младата генерација поети, книжевници и сите оние кои ја одржуваат во живот културната сцена во Скопје. 



  1. „Летото во кое мама имаше зелени очи“, Татјана Цибуљак (2024, Три)



Летото во кое мама имаше зелени очи“ е книга чиј превод на Ермис Лафазановски претходната година оправдано влезе во потесен избор за наградата „Драги“ на „Bookstar“ и неколку пати ме насолзи. 


Се работи за еден многу компликуван однос помеѓу бунтовен тинејџер и неговата мајка која боледува од рак и за тоа како тој однос се развива за време на еднолетен престој во Франција. 


Книгата нè соочува со чувства на очај, жалост и омраза, но исто така ни ги покажува поубавите страни на човековиот разум како што се прошката, дарежливоста, несебичноста и чистата, искрена љубов. 


***


Тешко е да се издвојат само 10 книги од сите што ги прочитав во 2025, особено кога имаше толку голема разновидност во жанровите, стиловите и интенциите на авторите. Ова се 10-те книги кои ми оставија најголем впечаток и би ги препорачал на секој непребирлив читател. За што поконкретно да чиатате во 2026 ќе оставам да ви предложи колегата Андреј. Поздрав и среќна Нова година!


Comments


bottom of page