Што се чита? :: „Борбите и метаморфозите на една жена“ од Едуар Луј
- Стефан Спасовски
- 1 day ago
- 3 min read
Борбата на еден син да не стане син – колку борби за една метаморфоза?
Оддалечувајќи се од мајка ми,
научив да го видам насилството,
и го гледав насекаде
Книгава ја чекав година и нешто, откако „Илика“ ја најави по излегувањето на „Кој го уби татко ми“, двете во превод на Ацо Пероски. Не знам, можеби само мене ми се чини тоа чекање долго, знаејќи дека ќе ја читам книгата што ќе ми ја одбележи читачката 2026.
Несомнено, Луј се задржува до автофикцијата, преку која го започна патот со „Крајот на Еди“, која беше вовед во семејната историја, потоа „Историја на насилството“, низ која се читаше односот со неговата сестра (делумно), „Кој го уби татко ми“ – односот со неговиот татко, но и општествената и политичка ангажираност и, веќе во оваа книга, „Борбите и метаморфозите на една жена“, Луј се осврнува на неговата мајка, преку која гради една, слободно можеме да речеме, историја на ослободувањето на жената од патријархалните норми или како борбите стануваат метаморфози.

Книгата се отвора со пронаоѓањето на една фотографија од неговата мајка, на која таа е можеби и среќна, чувство кое докрај се проткајува низ делото. Потрагата по среќа, на моменти преминува и во потрага по колективна среќа: излегувањето од просторите на хетеронормативната и патријархална машкост, па тука се поставува и прашањето: дали ако мажот (таткото) сфати дека сѐ додека нема рамноправност сите сме жртви на тој систем? Всушност, ова е приказна, како што вели и Луј, приказна на суштеството што се борело да биде жена.
Сликата на мајката е слика за една жена, како што вели и насловот, суровоста и патот кон едно, нецелосно ослободување, можеби повеќе привидно. Така, во книгата се испреплетени јазли, меѓу кои и прашањето за абортусот, како една горлива тема, низ која се чита бунтот (борбата) на Моник за право што не би ни требало да се спори, но, за жал, тоа е длабоко навлезено во црната дупка на патријархатот, кој, секогаш има ист одговор што се чита и тука: Еј, да не си полудела! Нема да си ги убиваме децата! Абортусот е убиство!
Откривајќи пласт по пласт од насилството и животот во семејство кое ѝ припаѓа на работничката класа, Луј ни го открива она кое пробува полека да се протне меѓу сите нас – колку сме ние привилегирани? Таа привилегираност да излезеш од средината која те задушува и со себе, по можност, да ги повлечеш другите жртви. Бидејќи без привилегираноста на Луј да излезе од таа крајно патријархална средина, може да се запрашаме колку сите борби би биле метаморфози, колку неговата мајка би направила чекор да се ослободи од прангите на Белгел? Но и колку нашата привилегираност може да влијае врз нечие ослободување?
Во свет во кој единствениот начин да се справиш со насилството е да бидеш суров е моментот кој се истакнува, бидејќи моментот кога на Моник „ѝ прекипува“ е моментот кога таа станува, едноставно, сурова со нејзиниот сопруг, кој одеднаш почнува да плаче. Но суровоста е онаа која треба да ја изгради границата меѓу насилството и метаморфозата. Таа не потпаѓа и оттука, преку сите борби, почнуваат метаморфозите (или, сепак, само метаморфозата)
Преку ваквото инхибирање на ранливоста и грутката која постојано расте, Луј укажува и на постојаните преминувања, кои како некакви секвенци одблеснуваат и се губат во мрачните простори на насилството кое е насекаде меѓу нас, зашто, покрај родовата нееднаквост, која до крајот на книгата делумно се разрешува, се проткајува и класната нееднаквост, која се јавува како некоја екстензија за да ни докаже дека „Сите животни се еднакви, но некои животни се повеќе еднакви од другите“ (Орвел).
Секако, книжевноста не е тука да ни дава одговори, а ние да климаме потврдно, таа е тука да нафрла прашања. По првово читање имам стотици, но едно се издвојува: уште колку Сцили и Харибди до еднаквост?





Comments