ШТО СЕ ЧИТА?: „Градинарот и смртта“ од Георги Господинов :: Животот и неговата восхитувачка краткотрајност
- Култура β

- 39 minutes ago
- 4 min read
Пишува: Ивана Јовановска
,,На овие патријархални простори се вели дека не е страшно кога децата плачат, пострашно е кога возрасните плачат. Но, кога си истовремено и дете и возрасен, и тукушто си разбрал дека татко ти умира“
Не сум сигурна кој е најдобриот начин да се започне текст за една ваква комплексна книга како последниот роман на Георги Господинов. „Градинарот и смртта“ е бура што го погодува нервниот систем, што плаши, што ја брише границата меѓу ваквите и таквите читатели, меѓу оваа и онаа книжевна публика. Едноставно, станува збор за текст што интензивно се чувствува, што се вбризгува во читателските вени и многу бргу станува дел од крвотокот. А потоа, следи долго самување, останува просторот за тишината и личното процесирање на книжевноста како моќ, како сила, како тежина.
Секогаш сум била заинтересирана, особено како студентка по книжевност, за преиспитување на книжевните авторитети, особено кога автор добива европска и светска слава, како Господинов со „Букер“ за „Засолниште во времето“ (еден пример со кој се занимавав периодов). Оваа потреба сум ја имала не само поради идејата да ги редефинирам за себе стандардите за тоа што е книжевен канон, туку и за да се поттикнам на уште повеќе читање и истражување, за субверзивно и критичко читање, за инаетење. Токму затоа, љубопитството да се прочита неговата најнова книга по „Засолниште во времето“, беше огромна и многу оправдана.
„Градинарот и смртта“ го читав како освежување во книжевниот опус на Георги Господинов. Станува збор за неговата нова книга што е во превод на Душко Крстевски, а издание на издавачката куќа „Или-или“, која македонската публика ја доби во 2025 година. Овој роман ги користи и претходно познатите постмодернистички постапки на Господинов, но на многу поинаков начин. Тој е всушност роман-земјотрес што соборува на земја. Како читатели, ја следиме смртта на таткото на нараторот, кој низ книгата е прикажан во голема мера преку неговиот однос кон градината што ја негува. Неговата улога како градинар не е само слика што е во функција на илустрирање на неговото занимање, туку столб на романот што го отсликува неговиот исполнет живот и историја, грижата за неговото семејство, животот што полека згаснува и односот кон стварноста што го негува кон крајот и кон цел еден свет што се промислува преку него. Ранливоста на телото и дијагностицирањето на ракот кај него, болничките соби и внатрешните лавиринти на надежта овде имаат различни бои и нијанси што нараторот ги пренесува преку прелетување низ различни животни ситуации од животот и враќање кон грижата за неговите растенија. Сите непроценливо силни и интензивни, сите неверојатно добро претставени покажуваат како пишувањето за смртта е предизвик преку кој секој читател нурнува во својата човечност, во длабочините на своите слабости и егзистенцијални прашања што се дел од него. Постмодерната книжевност го актуелизира пишувањето за траумата и загубата преку нови димензии, нови постапки, нови контексти, а во најновиот роман на овој автор, таа го редефинира и начинот на кој се зборува за еден современ текст воопшто.
Овојпат, за разлика од неговите претходни книги, фрагментарноста постои, но не е толку драматична и ефектна како претходно. Овде се соочуваме со одмерена, нијансирана колажираност во функција на приказната. Од оваа перспектива, овој роман многу повеќе се чита како дневнички запис во кој се случува навраќањето кон поединечни епизоди и настани од животот на нараторот и неговиот татко. Секоја од нив, одновно и одново, нѐ упатува на поставувањето на дијагнозата на таткото не само како можност за преиспитување на болката, туку и за суштинско сеќавање на животот што се откраднува, но и на тоа што останува од него. Измореното тело и телото што болува и страда, преку книжевните постапки на Господинов, не го оставаат ниту еден читател рамнодушен. Напротив, тие го уморуваат, го предизвикуваат и го мачат во оваа книга, која не е ниту малку лесна. Тие го наведуваат на едно поинакво читање на тој мал простор меѓу животот и смртта, каде на хартија се запишуваат зборовите што го дефинираат животот на еден пациент.
Преку „Градинарот и смртта“, Господинов како автор е ранлив уште повеќе од кога било, па ја преиспитува и балканската патријархална посветеност кон внатрешното инхибирање на болката. Оттаму, тој на некој начин и самиот ја истражува неговата авторска сензибилност. Во просторот помеѓу авторскиот раст и сериозноста на темата со која тој се занимава, создал книга што не е возможно да се прочита само еднаш, книга што се чита како мапа на нашата кревкост и на нашите најдлабоки тегоби. Ги допира нашите внатрешни деца, ги вознемирува нашите најтајни мисли и ги изложува на површина нашите најголеми стравови: како се преживува губењето на нашите најблиски.
За Господинов, загубата, сеќавањето и она што останува потоа се можност за навраќање кон сопствената кревкост и нејзино охрабрување. Токму затоа „Градинарот и смртта“ е во суштина роман што го гради својот квалитет преку дистанцата од клишеата, преку моќни, тешки и интензивни слики кои читателот го оставаат со грутка во грлото. Во моето лично читање на романот, тие се најзначајниот и најдобро претставениот елемент. Кога пишува за смртта, Господинов пишува без да ја намали тежината која паѓа на нас, без да нѐ поштеди како читатели.
Таа грутка во грлото која ја споменав, веројатно секогаш постоела во нас кога читаме за нашите стравови и загуби. Во контекст на тоа, верувам дека добрата книжевност само нѐ потсетува дека не можеме да избегаме од товарот на нашата човечност, што произлегува од соочувањето со најстрашните болки и она што полека исчезнува пред нас. Верувам дека добрата книжевност нѐ соочува со нашата смртност, како и со многу други перенијални теми со кои се соочуваме како луѓе. Ни ја покажува неудобноста на светот и нашето место околу неа. Токму тоа го прави и овој роман, кој е скапоцен придонес кон современата книжевност како огледало на нашата трепетливост и минливост.





Comments